Фото: Игор Бансколиев

Најновото високо признание за македонскиот јазик доаѓа од европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“, која во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година вклучи и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик, „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, „Јас, на некое друго место“ од Ана Трпеноска и „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски. Изборот на драмите го направија 335 члена од 27 посебни јазични комитети на „Еуродрам“

ИЗБОРОТ НА „ЕУРОДРАМ“ ЗА НАЈДОБРИ ДРАМСКИ ДЕЛА КАКО ПОВОД

Во време кога Бугарија продолжува да го негира постоењето на македонскиот јазик, за Европа и за светот нема никакви дилеми дека станува збор за посебен јазик, со свои посебности и карактеристики на кој говори и твори еден народ што со векови живее и создава на ова парче земја во срцето на Балканот. Впрочем, најновото вакво признание за македонскиот јазик доаѓа од европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“, која во изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година вклучи и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик, „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, „Јас, на некое друго место“ од Ана Трпеноска и „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски. Изборот на драмите го направија 335 члена од 27 посебни јазични комитети на „Еуродрам“, а во конкуренцијата беа вкупно 19 текста на македонски јазик.
Во „Еуродрам“ има повеќе од 300 члена – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и од Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност.
Несомнено, вклучувањето на трите македонски драми е огромно признание за самите автори, но од друга страна, тоа е уште една потврда дека македонскиот јазик е широко прифатен во целиот свет и дека аргументите на Софија за некаков дијалект на бугарскиот јазик се целосно апсурдни и неразбрани од културната, јазичната, но и другата европска и светска јавност.

Македонскиот јазик како посебен пред повеќе децении е признаен од Обединетите нации, го има во сите светски и европски јазични атласи, постојат повеќе универзитети низ светот каде што има катедри за македонски јазик на кои тој се проучува. Сите овие факти се само уште една потврда за апсурдноста на бугарските тврдења во однос на македонскиот јазик.
Истовремено, ваквите признанија треба да се мотив повеќе и за македонските власти, цврсто да опстојат на позицијата дека јазикот не може да биде дел од никакви преговори или договарања, без оглед на крајната цел кон која се стремиме.
– Токму овие признанија, како ова на европска мрежа за современа драма и превод, се нашиот аргумент дека македонскиот јазик е признаен и почитуван од сите. Тоа што во таа конкуренција од автори што пишуваат на некој од европските јазици се нашле и 19 текста напишани на македонски јазик е одлична вест. Тоа е дополнително признание за творештвото на македонски јазик – вели академик Катица Ќулафкова.
Според неа, сите аргументи кога станува збор за македонскиот јазик и неговото оспорување од страна на Бугарија се на наша страна.
– Бугарија најверојатно е единствената земја во светот што не го признава нашиот јазик. Целиот политички свет нè признава, официјално нè признаваат и во светскиот атлас, во европскиот атлас на јазици, во ОН јазикот ни е признаен, едноставно македонскиот јазик е секаде признаен, освен од Бугарија. Дури и тие го признаваат, но нè тераат да кажеме дека потекнува од бугарскиот – истакнува Ќулафкова.