Европа покажува дека не е политичко џуџе

Говорам во име на француското претседателство со Советот на Европската Унија. Сега се наоѓаме во историски миг на воена агресија, но и брутално прекршување на меѓународното право. Целта е прекин на огнот, прекин на воените операции и повлекување веднаш на руските сили од Украина. Не треба да се поткрепуваат дезинформациите, врз база на кои, пред инвазијата на Украина, се зборуваше за активности на геноцид во областа Донбас, или можеби дека постоело оружје за масовно уништување во Украина. Сето тоа е неточно, затоа што состојбата може да се резимира на следниот начин: постои агресија, а агресорот е идентификуван. Откако го имаме констатирано тоа, кој е одговорот што го даваат Европа и меѓународната заедница?
Првиот одговор се однесува на фактот дека треба да се изолира и ослабне агресорот. Европската Унија навистина дејствува во таа насока, а Франција, која претседава со Советот на ЕУ, активно е во потрага по таа продуктивна мобилизација. Откако беа почнати настаните, има три последователни серии на различни санкции, кои се на ниво какво што досега не било применето.
Втората работа е да се поддржи жртвата на агресија, и во тој поглед активноста што ја спроведува ЕУ е навистина забележителна. Во тој поглед се наоѓаме во состојба на промена на односите, за што за првпат Европа, односно ЕУ одлучи да финансира купување оружје, дури смртоносно оружје за помош на херојскиот отпор на Украина. Надвор од таа поддршка има и масивна помош, која се доделува на хуманитарен и макроекономски план.
Трета цел е заштитата на Европа и во тие рамки НАТО е на првата линија, но Франција во национални рамки одлучи да преземе одредени одговорности. Можеби не е единствениот пример што можам да го дадам, но одлучи да стане рамковна нација во рамките на военото присуство во Романија. Француски трупи веќе се распоредени во таа земја. Освен Франција, забележавме дека за овие настани се поведени историски работи кај одредени земји-членки, кои покажуваат дека ако состојбата се менува постојано, НАТО сега е посилно.

Крајната цел е мобилизација на целокупната меѓународна заедница. Зборував за ЕУ, зборував за НАТО, но, генерално, станува збор за мултилатерален систем, кој се мобилизира и постојано се координира. И во тие рамки, од историско значење е усвојувањето со огромно мнозинство на Резолуцијата на ОН, со која се осудува руската активност во Украина. Би ги споменал и иницијативите во рамките на Г-7, ОБСЕ и други формати од мултилатерални рамки.
Кои се лекциите од оваа криза? Веројатно уште е рано да зборуваме за тоа, но ќе кажам дека воено, состојбата е доста тешка на терен. Не станува збор за никаква игра, или глума, и се наоѓаме само на почетокот на кризата. Она што е од извонредно значење е реакцијата на меѓународната заедница. Со таа реакција е променета перцепцијата што сме ја имале појдовно. Очигледно е дека западната страна е навистина обединета, на највисоко ниво, со ефикасност што ми се чини дека никој не ја оспорува. Мултилатералниот систем е зајакнат. Тоа важи за НАТО, но истото тоа можеме да го кажеме и за Обединетите нации. Пред сѐ, Европа од сето ова е поголема и посилна. За оние што се уште ѝ веруваат, Европа покажува дека не е политичко џуџе, туку сѐ повеќе се наметнува како силен и незаобиколен актер, на кој може сериозно да се смета.

Сите овие настани го зголемуваат расудувањето дека навистина е неопходно Европа да се зајакнува, зашто историјата се менува и Европа сѐ повеќе станува сила што сака сопствена одбрана, сопствена стратегиска автономија во областа на енергетиката, но исто така и зајакнување на капацитетите за сопствено производство во критични сектори. ЕУ сѐ повеќе се афирмира како голем политички актер во светскиот поредок. Не случајно, тоа се и приоритетите на француското претседателство.
Сакам да ја поздравам и да ја поддржам улогата на С. Македонија во овој контекст, кој може да се резимира на следниот начин: навистина сојузник за пример во рамките на НАТО, но и силен партнер во ЕУ, кој дава свој придонес во рамките на меѓународниот одговор во оваа исклучително сериозна геополитичка ситуација.

Сирил Бомгартнер амбасадор на Франција во Македонија