Официјалната посета на министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, на Македонија, која требаше да се случи на 28 јануари 2022 година, беше откажана, иако тој два дена претходно веќе имаше пристигнато во Скопје. Посетата беше откажана поради одредени внатрешнополитички превирања во Црна Гора, но министерот Радуловиќ, сепак, одговори на прашањата од претходно договореното интервју за „Нова Македонија“, во интерес на одржувањето на континуитетот на традиционално добрите и пријателски македонско-црногорски односи

Интервју со Ѓорѓе Радуловиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора

Односите меѓу Македонија и Црна Гора ја немаат онаа „вообичаена специфичност“ на односите меѓу земјите во регионот со отворени билатерални прашања. И покрај таквиот регионален амбиент, Македонија и Црна Гора успеваат да ги одржат традиционално добрите односи. Што е потребно за одржување на добрите односи меѓу нашите две земји?
– Црна Гора и Република С. Македонија се две земји што се историски, политички и стратегиски блиски и кои врз тие основи градат билатерални односи што се окарактеризирани со пријателство, обострана поддршка и заеднички надворешнополитички цели. Токму збирот на наведените фактори ја прави формулата за успех во односите на нашите земји, кои без сомнение можат да служат како пример во регионот. Дополнително, отсуството на „отворени прашања“ меѓу нашите земји сведочи и за отсуство на лоши претензии и лоши намери од двете страни и наедно е потврда на обостраните желби за успех. Нашите односи, кои можат да се окарактеризираат како одлични, дополнително се зајакнати со НАТО-партнерството и европските интеграции, во кои на Република С. Македонија ѝ посакувам многу успех со надеж дека во скорешен временски период нашата врска дополнително ќе биде зајакната со рамноправното членство во ЕУ.
Неодамна се навршија 15 години од воспоставувањето богати дипломатски односи, кои константно се одржувани на високо ниво, низ интензивен политички дијалог на билатерална основа, заедничка посветеност на регионалното поврзување и соработка во рамките на регионалните иницијативи и конструктивен пристап во решавањето на актуелните прашања на Западен Балкан, чиј дел сме и ние.
Сигурен сум дека oдносите меѓу Црна Гора и Република С. Македонија дополнително ќе се подобрат преку спроведување на вообичаените практики на добрососедство, меѓусебната поддршка и преку најважните политички цели на двете земји – мир и стабилност во регионот и благосостојба на народите. Во тој поглед, важно е да се нагласи дека секој црногорски државјанин во Република С. Македонија се чувствува добредојдено и обратно. Потребно е да се негува и одржува пријателскиот дух на нашите народи, затоа што тој е камен-темелник и најсилно упориште на проактивно дејствување на двете држави.

Кој е заедничкиот интерес на Македонија и на Црна Гора во регионални рамки, па и пошироко во односите со ЕУ и со НАТО?
– Кога станува збор за заедничкиот интерес на Црна Гора и на С. Македонија на паток кон Унијата, сметам дека суштината е во усвојувањето на вредностите и принципите, кои се наследство на Европската Унија. Ќе ве потсетам дека Европската заедница е создадена како производ на настојувањата да се воспостави траен мир и стабилност во Европа. Во таа смисла, најдлабокиот корен, raison d’être (суштината на постоењето) и смислата на европската интеграција е животот сам по себе. Живот по мера на човекот.
Соочена со разновидни предизвици, потребно е да се разбере и прифати дека на Европската Унија и на државите-предводнички, политиката на проширување не им е секогаш на врвот на приоритетите, затоа што имаат потреба да се свртат кон своите граѓани, меѓусебните односи и, како што би се рекло со спортски жаргон, „да ги збијат своите редови“, преку носење заеднички одлуки со кои ќе ги консолидираат односите и ќе ја зајакнат позицијата на Унијата. Нам, од Западен Балкан, ни останува заеднички да ја потенцираме важноста од присуството на Европската Унија на овој простор и да потсетуваме дека сме дел од Европа и дека сакаме со нив да ги делиме истите демократски вредности и принципи. Според последните истражувања во Црна Гора, поддршката на граѓаните за интегративниот пат е на рекордно ниво и изнесува 76 отсто. Значи, граѓаните го избраа патот по кој сакаат да одат, а се надевам дека клучните лидери во општеството ќе ја сфатат пораката и, кажано со психолошки речник, да ги зајакнат возрасните капацитети, за да дојде до негување на дијалогот и политичката стабилност, а на тој начин ќе го реализираме првиот столб на надворешната политика, а тоа е членството во ЕУ.

Во кои сегменти на економската соработка постои простор за унапредување и надградување од заеднички интерес на двете земји?
– Правната рамка на економската соработка меѓу Црна Гора и Република С. Македонија е дефинирана со Спогодбата за меѓусебен поттик и заштита на вложувањата (2011) и Спогодбата за економска соработка (2011). Сепак, и покрај добрата институционална основа, можеби и единствена слаба алка во традиционално добрите односи на двете земји претставува токму економската соработка, која гледано преку параметрите на трговската размена и директните инвестиции, не е на завидно ниво. Важно е да се нагласи дека нашите земји, и покрај ситуацијата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и неможноста за реализирање на сите зацртани активности, го променија статус квото по ова прашање. Освен соработката на дневно ниво, би го истакнал одржувањето на Бизнис-форумот, како и заедничката седница на двете влади, 23-24 мај 2019 година, во кои гледам голем потенцијал за понатамошно градење и унапредување на економските односи. Црногорската страна е подготвена за одржување нова заедничка седница на владите, не само со цел за подобрување на економските односи на нашите земји, туку и со цел одржување на континуитетот на севкупните одлични односи и нивно унапредување.
Би укажал и на важноста на функционирањето на економската дипломатија, која мора да претставува нераскинлива нишка на релацијата Подгорица – Скопје, каде што преку претставниците во нашите дипломатско-конзуларни претставништва ќе бидат опфатени области од важност во кои има голем простор и огромен потенцијал за напредување. На таа линија, евидентен е просторот за подобрување на сообраќајната поврзаност на Црна Гора и Република С. Македонија, унапредување на туризмот и туристичката понуда на релација меѓу црногорските и македонските градови и туристички центри.
Не навлегувајќи претерано во детали, на крајот би истакнал дека нашите страни се усогласени дека е недозволиво што Мешаната комисија за економска соработка се нема состанато со години и на таа линија е договорено да дојде до одржување седница во најкраток можен рок, штом се стекнат епидемиолошките услови поврзани со ковид-19.

За разлика од Македонија, Црна Гора сѐ уште е воздржана во врска со регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Кои се причините за воздржаноста на вашата земја?
– Црна Гора нема априори негативен став за иницијативата „Отворен Балкан“, а таквата порака честопати е пласирана. Одговорно ги разгледавме сите можности што ги нуди „Отворен Балкан“ и ги споредивме со другите важечки регионални иницијативи. Преку паралелен осврт, без намера да бидеме исклучиви, сите овие можности подеднакво ги пронајдовме во повеќегодишната германска иницијатива Берлински процес, која на еден подетален и, можам со сигурност да кажам, посигурен и пооправдан начин пристапува на секоја ставка во рамките на заедничкиот регионален пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ. Берлинскиот процес напредува онолку колку што Европа тоа нам ни го дозволува и многу обврски од потпишаните декларации од самитот се во фаза на реализација и огромен труд е забележан во сите области на соработката.
Би повторил дека регионалната соработка е неразделен дел од црногорската надворешна политика и со цел за добрососедски односи и сѐ поголем поттик на регионалната интеграција, настојуваме секој чекор двапати да го мериме и да го процениме она што е првенствено во интерес на црногорските граѓани, надвор од политичките рамки и комплексната ситуација во земјата.
Министерството, како клучен актер и директно надлежен за спроведување на надворешната политика, на одговорен и рационален начин пристапува при разгледување на секоја иницијатива што има цел вклучување и интеграција на регионот и забрзување на преговарачкиот процес на земјата на патот кон ЕУ.

Каква е позицијата на Црна Гора во однос на уцените што ѝ се поставуваат на Македонија од нејзините соседи за почеток на преговорите за членство во Европската Унија? Како ваквиот преседан влијае на веродостојноста на ЕУ во однос на целиот процес на проширување на земјите од регионот?
– Црна Гора сесрдно го поддржува интегративниот процес на сите земји на Западен Балкан и подготвена е, како земја што најмногу има напредувано на патот кон членството, да им даде секаков вид поддршка на земјите во регионот. Кога станува збор за интегративниот пат на С. Македонија, сметам дека во таа ситуација институциите на Унијата мора да направат повеќе. Вашата земја го одработи она што беше побарано од неа и Унијата мора да направи дополнителен напор за во што е можно пократок рок да ја одржи првата меѓувладина конференција, затоа што тоа е порака на граѓаните на вашата земја. Тоа не е само мој став, туку и официјалните претставници на 26 земји-членки го делат истото мислење. Она што охрабрува е изјавата на претседателот на Франција, која на 1 јануари го презема претседавањето со Советот на ЕУ, дека е неопходно да се разјасни прашањето за европската перспектива на земјите од регионот и најави одржување конференција посветена на Западен Балкан, во јуни 2022 година.
Негувајќи ја политиката на проширување, ЕУ го враќа кредибилитетот во европските вредности и може само да зајакне, затоа што со влезот на државите од регионот само ќе се засилат мирот и стабилноста во регионот. Поради тоа, уверен сум дека ќе се пронајде решение и оваа година ќе се деблокира интегративниот пат на вашата земја.