Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-програмата за работата на новата влада е документ од 55 страници, во кој се опфатени сите сегменти што се во доменот на извршната власт, а очекувањата на идниот премиер се дека ќе успее да се справи со сите предизвици

ШТО СОДРЖИ ПРОГРАМАТА НА ВЛАДАТА ЗА ПЕРИОДОТ 2022- 2024 ГОДИНА

Собранието викендов ја избира новата влада, која во следниот период ќе треба да се справи со сите предизвици со кои се соочува државата, почнувајќи од енергетската, економската, здравствената криза, и која ќе треба да работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Мандатарот Димитар Ковачевски во предлог-програмата за работа на владата за периодот 2022-2024 ги наведе своите визии и идеи за тоа како размислува Македонија да ја направи подобро место за живеење.
Предлог-програмата е документ од 55 страници, во кој се опфатени сите сегменти што се во доменот на работата на владата, а очекувањата на идниот премиер се дека со посветена работа ќе успее да се справи со сите предизвици.
Прв и основен приоритет во програмата за оваа година ќе претставува националниот одговор на енергетската криза. Во таа насока се планирани краткорочни мерки, но главната цел е да се започне со енергетска транзиција што ќе овозможи Македонија да ги стекне својата енергетска самостојност и независност базирани на обновливи извори на енергија, со зелена, достапна за сите и ценовно ефективна енергија.
Втор приоритет е задржување и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза што произлегува од енергетската криза. Во таа насока, ќе се интензивираат политиките за забрзан економски раст и развој на државата, базирани на континуирани високи стапки на раст, зголемување на домашните и на странските инвестиции и директна поддршка на личната потрошувачка преку зголемување на минималната и просечната плата, како и на пензиите.
Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање забрзан и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со забрзување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 отсто, на пет отсто просечен раст, притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор како дополнување на финансиските средства од буџетот и задолжувањата.
Приватниот сектор и најпогодените дејности и области и понатаму ќе бидат финансиски поддржани.
– Очекуваме и ќе поддржиме раст на вкупната активност на бизнис-секторот преку воведување нови, за национални услови, иновативни и ефикасни начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои предвидуваме привлекување и алоцирање на инвестиции токму од приватниот сектор – се вели во програмата.

Се планира и рапидно зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, особено стратегиската инфраструктура во Коридорот 8 и регионалните и локалните инфраструктурни проекти. Предвидени се политики за сериозно намалување на неформалната економија и даночната евазија. Целта на Владата е да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето. Ќе се следат насоките на ЕУ во делот на криптовалутите.
Понатаму во програмата за работата на владата се најавува дека ќе се продолжи да се работи во насока на заштитата на природната средина, а ќе ги следи новата стратегија и план за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на ЕУ во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност.
Во програмата уште се предвидува и продолжување на финансиската поддршка на земјоделството преку субвенции, грантови за младите земјоделци, поддршка за набавка на нова механизација, поддршка за развој на микро и мали компании во рурални подрачја и слично.
Главната цел на Владата во областа на туризмот е обезбедување голем број можности за домашните туристи да овозможат враќање на туризмот и зајакнување на домашната економија.
Политиките за развој на општините ќе продолжат со фискална децентрализација и рамномерен регионален развој, а при користењето државни пари, општините ќе мора да бидат максимално транспарентни.

Владата во својот мандат во делот на социјалната заштита ќе се фокусира на заштита на безбедноста и здравјето при работа на граѓаните, социјалната сигурност, борба против сиромаштијата, заштита на децата, поддршка на развојот на Ромите, унапредување на родовата еднаквост, превенција и заштита од дискриминација, како и изградба и реновирање на градинки и други објекти за обезбедување социјална заштита на населението.
Во делот на образованието, се најавува квалитетно образование достапно на сите, образование што ќе создава кадри што ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Реформите во основното образование ќе продолжат, а улогата на наставникот во образовниот процес ќе биде унапредена.
Во програмата се наведува дека владата цврсто е одлучна натамошниот развој на здравствениот систем да го насочувa во согласност со одговорот на националните и меѓународните барања. Се најавува изградба на нови клинички центри во Скопје и во Штип, нова болница во Кичево, како и реконструкција на повеќе здравствени објекти.
И младите остануваат во владиниот фокус преку намалување на младинската невработеност, нивно вклучување во носењето одлуки и давање шанса.
Понатаму уште се најавува дека ќе продолжат реформите во судството, јавната администрација, борбата со корупцијата, а во таа насока се истакнува важноста од дигитализацијата. Се предвидуваат и мерки за зголемување на професионализацијата во институциите.
Се најавува уште и унапредување на демократијата во општеството, како и справување со штетите предизвикани од дезинформациите. Владата ќе продолжи да го поддржува и да придонесува кон унапредување на плурализмот во медиумскиот простор.
Во делот на надворешната политика, владата ќе продолжи во насока на наоѓање решение со Бугарија преку дијалог и соработка, а членството во ЕУ останува и натаму приоритет. Владата ќе продолжи да го развива добрососедството, како и ангажманот на земјава во иницијативата „Отворен Балкан“.