Eксклузивен фељтон во четири продолжениjа за атентатот на Глигоров

1237

Кој можеше да биде зад атентатот

Ниту 25 години од атентатот врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, мотивите, нарачателите и извршителите на овој грозоморен чин, кој се случи во периодот во кој на повеќе нивоа и на повеќе места се случуваа процеси што, според многу нешта, беа решавачки за Македонија, не ѝ се познати на пошироката јавност. Глигоров, иако со тешки повреди, го преживеа атентатот, кој се случи на трети октомври 1995 година, на улицата Македонија пред хотелот „Бристол“ во Скопје, но на местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и неговиот телохранител Илчо Теовски. На повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, кој бил случаен минувач.
За контекстот, можните причини и последици од целиот настан, деновиве, за „Нова Македонија“ пишуваат тогашниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски, пензионираниот генерал и актуелен пратеник на Партијата на пензионерите Илија Николовски, дипломираниот криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност Гоце Аризанкоски и тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов. Нивните сеќавања, согледувања и сведоштва во врска со атентатот ќе ги објавиме во 4 продолженија.

За неколку дена се навршуваат 25 години од атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Тој трети октомври 1995 година ќе остане засекогаш во мoите сеќавања, дотолку повеќе што веста да се убие претседателот на тогаш младата самостојна и независна држава ме затече на првата непосредна средба и преговори со високорангирана делегација на Грција во Министерството за надворешни работи во Атина. Задачата за непосредни преговори произлезе од Привремената спогодба потпишана меѓу двајцата министри за надворешни работи, Стево Црвенковски и Стелиос Папуља, на 13 септември 1995 година во Њујорк. Спогодбата беше потпишана во присуство на Сајрус Венс, специјален претставник на Бутрос Гали, генерален секретар на ООН, во својство на медијатор за прашањето за името на нашата земја Република Македонија, кое го оспори Република Грција. Имено, договорот беше делегации на двете земји да почнат колку што може поитно преговори заради изготвување билатерална спогодба, односно меморандум за практична примена на Привремената согласност. По потпишувањето, министерот Стево Црвенковски се врати во Скопје. Ден-два потоа ме повика во неговиот кабинет.

Министерот Црвенковски ми кажа дека сега е многу важен чекор да се изготви билатерален договор со Грција, со кој ќе се уредат сите прашања или, поточно, ќе се предвидат постапки за имплементација на сето она што е предвидено со Привремената согласност. Ми нагласи дека мора да се работи многу итно. Вели: „Двете страни ќе определат тимови, поточно делегации што непосредно ќе работат на тој нов билатерален документ, според кој во иднина ќе се раководат сите оние субјекти (правни или приватни) во новиот амбиент на соработка и комуникација меѓу две суверени земји“.
Разговорот го заврши многу едноставно и отсечно со зборовите: „Ти ќе бидеш шеф на македонската делегација.“

Историската средба

Разговорот го завршивме со неговата повторна сугестија за сите работи да се консултирам исклучиво со него. Тоа беше потврда дека министерот Стево Црвенковски фактички ја одигра најтешката улога во договарањето за Привремената согласност и нејзиното спроведување. Лично знам дека Стево Црвенковски имаше секојдневни контакти со претседателот Киро Глигоров и со претседателот на Собранието Стојан Андов. Бездруго за таквата негова работа Стево Црвенковски имаше вистински причини. На втори октомври заминавме за Атина. Вечерта во хотелот ги следев грчките вести и речиси дека немаше ТВ-канал што не го одбележи доаѓањето на македонската делегација. Утрото, според договорот, од хотелот „Есперија“ се упативме пешки во придружба на грчкиот протокол кон грчкото министерство за надворешни работи, кое беше во непосредната близина.
Грчката делегација ја предводеше Димитриос Кипреос, ополномоштен министер во ранг на амбасадор. Во нејзин состав беа Димитриос Илиопулос и Александрос Маљас (подоцна и двајцата именувани за амбасадори). Тие беа од управата за Балканот, таканаречена А3 при грчкото министерство за надворешни работи и други дипломати. Во делегацијата беа и експерти од Министерството за јавен ред на Грција. Се упативме во една голема сала на последниот кат од министерството и, како што доликува на протоколот, нашата делегација беше од страната од која се гледаше Акропол, што во моментот ми даде идеја за почеток на мојот дел како одговор кон зборовите за добредојде од шефот на грчката делегација.

Амбасадорот Кипреос започна со многу позитивна оцена за вредноста и значењето на Привремената спогодба за граѓаните од двете земји. Тој нагласи дека нѐ чека многу работа и изрази надеж дека ќе најдеме заеднички прифатливи решенија. Доаѓањето на келнерот, кој нѐ послужи со кафе и сок, го искористи да му каже на тој млад вработен во бифето на министерството, со насмевка и гласно да го слушнат сите во салата:,,Благодариме за пијалакот и запиши си некаде дека си послужувал кафе на историска средба – прва меѓу две државни делегации, меѓу земји што досега немале дипломатски односи од кои се очекува голем придонес за успешна соработка во иднина“.
По ова, се олабави атмосферата и тој ми даде збор. Започнав со реченицата: „Господине амбасадор, благодариме на пријателскиот прием и убавата атмосфера за почеток на преговори, кои ќе бидат секако долги и компликувани и верувам дека ќе успееме од причина што се наоѓаме во Атина, богињата на мудроста, цивилизацијата на занаетите. Тоа е причина повеќе за мојата увереност дека, доколку сме мудри, ќе направиме голем чекор напред за доброто на двете соседни земји и народите, кои ја сакаат соработката на сите полиња. Почнавме пошироко договарање околу начинот на работа. Внимателно ги поделивме партиите што треба да ги обработиме, одејќи член по член според Привремената согласност…“

Кобното ливче од телепринтерската машина

Некаде по 11 часот, во салата влезе еден службеник, носејќи парче хартија. Беше видно вознемирен. Се упати кон шефот на грчката делегација. Ја прекинавме дискусијата. Амбасадорот Кипреос читаше во себе и по неколку секунди, со многу сериозен тон, ми се обрати со зборовите: „Господине Арсовски, вие знаете грчки јазик, прочитајте!“ И ми го подаде листот преку масата. Го зедов листот. Забележав дека е истргнат од телепринтерска машина. Пишуваше: (парафраза) „Денеска околу 10 часот е извршен атентат врз претседателот на Република Македонија Киро Глигоров. Неговиот возач загинал, а претседателот и обезбедувањето се пренесени во болница. Крај.“ Гласно им ја препрочитав во превод веста од „Асошиејтед прес“ на членовите на нашата делегација, додека истото на грчки јазик го направи амбасадорот Кипреос до членовите на грчката делегација. Настана молк од десетина секунди, кој го прекинав со зборовите: „Господине амбасадор, молам за привремен прекин на преговорите и барам една канцеларија и еден телефон“.
Тоа беше решено многу брзо и со делегацијата се повлеков во една канцеларија, која ни ја ослободија како што побарав. Започнавме да бараме контакт во кабинетот на министерот Стево Црвенковски, кој инаку беше во Њујорк. Од кабинетот, шокирани од настанот, без каква било информација ми рекоа:,,Тоа беше страшно силна експлозија. На катот немаше ниту еден функционер“. Практично, тоа беше првиот час или час и половина по атентатот. Нешто подоцна, конечно го добив потсекретарот Габер, кој многу кратко и видно возбуден ја потврди веста со зборовите:,,Експлодира бомба кај хотелот ’Бристол‘ кога минувал автомобилот на претседателот. Тој е во болница и, според информациите, е тешко ранет, но на извесен начин, контактибилен. Возачот е загинат додека човекот од обезбедувањето е исто така ранет и се наоѓа и тој во Градска болница“.

Разговорот траеше многу кратко, не ми даде никаква инструкција што понатаму со преговорите. Потоа почнав да диктирам телеграма со поддршка, која веднаш ја испративме до кабинетот на претседателот Киро Глигоров.
Набрзо бев известен дека министерот за надворешни работи, Каролос Папуљас, би сакал да ме прими во неговиот кабинет. Отидовме заедно со амбасадорот Кипреос во кабинетот. Министерот на почетокот изрази длабоко жалење за грозниот чин. Се интересираше дали сме имале некакви најави и слично и дали јас имам некаков коментар. Одговорив дека досега не сум слушнал за директна закана, иако имаше некои закани и критики во времето кога нашата земја беше примена во ОН, особено беа многу критички расположени некои кругови од прекуокеанските земји од македонската дијаспора. Нагласив дека со претседателот Глигоров се видов на два-три дена пред атентатот, кога тој ме испрати со зборовите дека овие разговори за имплементацијата се мошне значајни и дека ни се отвора јужната граница за проток на стока, а тој заминува за Белград на разговори со Слободан Милошевиќ. Во нашиот парламент се очекуваше ратификација на Привремената согласност. Грчкиот министер Папуљас изрази подготвеност на грчката влада, веднаш да замине за Скопје специјален авион со лекари хирурзи специјалисти, меѓу кои, како што нагласи, и најдобриот неврохирург во Грција. Се заблагодарив за понудената помош, но замолив да почекаме за соодветна потврда од нашата страна, особено за тоа каков профил на медицинска помош е потребна. За неколку часа добив позитивен одговор од кабинетот на претседателот и доцна попладнето авион на грчкото воено воздухопловство со грчката медицинска екипа замина за Скопје.

Некому не му одговараше отворањето нова страница

Попладнето на излегување од министерството нѐ пречекаа голем број новинари и сниматели. Имаа безброј прашања. Кој може да биде зад атентатот, причини, дали имало закани и сл. Решив кратко да им одговорам на грчките и на странските новинари. Ја нагласив мојата загриженост за неочекуваниот напад врз Глигоров, човек што ја извлече земјата од виорот на војните, кои сѐ уште траеја во неколку поранешни републики на СФРЈ. Нагласив дека со претседателот Глигоров се видов на ден-два пред патувањето за Атина, а тој требаше да оди на еднодневна средба со српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Претседателот Глигоров ја поздрави нашата мисија овде во Атина и изрази надеж и убеденост дека ќе отвориме нова страница во односите со соседните земји. Некому не му одговараше отворањето на таа нова страница, нормализацијата на односите на Република Македонија, сега независна земја, со Република Грција и отворањето на коридорот север-југ, кој ќе значи конечно регулирање на стопанската и прекуграничната соработка. Нагласив дека останувам во Атина да ги завршам преговорите.

Во втората половина на јануари во 1996 година, Глигоров им се врати на своите должности по операциите и сложените медицински третмани. Од министерот Стево Црвенковски ми беше соопштено дека во договор со Глигоров и Стојан Андов ќе бидам назначен за амбасадор – шеф на Канцеларијата за врски во Атина. На втори февруари во 1996 година заминав за Атина. Како шеф на првата дипломатска мисија на Република Македонија во Република Грција бев постојано во центарот на вниманието на тамошните домашни и странски новинари, кои имаа свои дописништва. Многу често ми беше поставувано исто прашање, кој стои зад злосторството. Сите новинари, но и други соговорници од дипломатскиот кор и државни функционери беа видно задоволни од фактот дека претседателот Глигоров им се врати на своите вообичаени активности.
Инаку, во пресрет на новата 1997 година, странските дописници во Атина направија интерна анкета за најпопуларен државник – политичка личност на Балканот (да е мудар, миротворец, државник со визија и сл.) и беше навистина пријатно да се прочита веста дека најмногу гласале за претседателот на најмалата независна земја по распадот на Југославија, Киро Глигоров.
На крајот на 2000 и почетокот на 2001 година, во Скопје излезе мемоарската книга на Киро Глигоров „Македонија е сѐ што имаме“. Веднаш контактираа со мене од издавачката куќа Е.П.Е – Меѓународна прес-служба, при што нејзиниот директор ми предложи неговата издавачка куќа да ја преведе на грчки јазик мемоарската книга на Глигоров. По добиената согласност од кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, сите постапки и активности се одвиваа на најбрз можен начин и книгата за неколку месеци беше преведена, лекторирана и отпечатена. Издавачот, пријател и голем професионалец, ми предложи веднаш да закажеме промоција на мемоарите во Атина, на која би дошол и тогаш веќе поранешниот претседател Киро Глигоров.
Промоцијата се одржа во елитен хотел спроти грчкиот парламент. Владееше голем интерес од сите кругови и структури на Грција. На промоцијата во преполна сала, пред огромен број странски амбасадори, книгата ја промовираа угледниот професор по меѓународно право на атинскиот универзитет Теодорос Колумбис и еден од најпознатите новинари на,,Катимерини“ Тасос Телоглу, а за истиот весник опширно интервју со Глигоров направи и денешниот главен уредник Алексис Папахелас.

Љупчо Арсовски, прв амбасадор на Република Македонија во Грција

Продолжува

(Утре: Сеќавање на пензионираниот генерал и актуелен пратеник на Партијата на пензионерите Илија Николовски)