Шведска и Финска во вторник ќе го потпишат протоколот за влез во НАТО, со што и формално ќе ѝ се придружат на Алијансата, изјави генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз, Јенс Столтенберг, на прес-конференција во Мадрид, во рамките на последната работна седмица од самитот во Мадрид. Челниците на државите-членки на НАТО дискутираа за повеќе актуелни прашања, а акцентот беше ставен на приемот на нови членки и ситуацијата во Украина.
– Се договоривме да ги повикаме Шведска и Финска да му се придружат на нашиот сојузот и се договоривме за долгорочна поддршка за Украина – рече Столтенберг.
По потпишувањето, протоколот треба да биде ратификуван во парламентите на сите 30 земји-членки, за да им се овозможи на двете скандинавски држави да станат дел од НАТО.
– Блискиот Исток, Северна Африка и Сахел се соочуваат со меѓусебно поврзани безбедносни, демографски, економски и политички предизвици, кои се дополнително влошени од климатските промени и несигурноста од снабдувањето со храна поради војната во Украина – изјави на почетокот од состанокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој додаде дека во интерес на Алијансата е тесната соработка со партнерите на југот за заедничка борба против причините за нестабилноста и зајакнување на борбата против тероризмот.
Претходно, во средата, во фокусот на дискусиите на самитот на НАТО беше војната што Русија ја започна во Украина, како и нејзините последици. Усвоен е нов концепт за следните десет години, во кој се дефинирани безбедносните предизвици со кои се соочува воениот сојуз.

Русија е дефинирана како „најголема и директна закана за безбедноста на сојузниците и за мирот и безбедноста во евроатлантското подрачје“. Во стратегискиот концепт првпат како предизвик се споменува и Кина.
Пред почетокот на последната работна седница беше потпишано и писмо со намери за новиот фонд за иновации на НАТО, кој предвидува вложувања од милијарда евра за развој на стартапи во раната фаза, а кое го потпишаа челниците на 22 земји-членки.
– Задржувањето на технолошката предност помогна да се одржат нашиот сојуз силен и нашите држави безбедни повеќе од 70 години. Но денес нациите што не ги споделуваат нашите вредности, како Русија и Кина, го доведуваат во прашање тоа водство во сѐ, од вештачката интелигенција до вселенските технологии. Клучно е да сториме сѐ што можеме за да го задржиме ова водство кога станува збор за иновациите и технологијата. Овој фонд, покрај акцелераторот за одбранбени технологии на НАТО, ќе ни помогне во тоа – рече Столтенберг.
Учесниците на самитот на НАТО во Мадрид потпишаа декларација од 22 точки. Тие побараа од Русија да ја прекине воената акција во Украина, велејќи дека Москва е одговорна за кризата во Украина.
Исто така, во декларацијата пишува дека ќе ја задржат политиката на „отворени врати“ за нови членови. Таквата политика е нешто што најмногу ја лути Москва, а проширувањето на НАТО на исток е една од причините за нападот на Украина.
Декларацијата дополнително ги признава климатските промени како долгорочна закана. Ќе ѝ помогне на Украина со испраќање „несмртоносна“ воена опрема и со помош во сајбер-безбедноста. Тие пишуваат и дека ќе ја поддржат Украина во повоените реформи и воопшто во повоената обнова. Тие пишуваат дека се „соочени со сајбер, вселенски, хибридни и други асиметрични закани“ во истиот пасус каде што ја споменуваат и Кина како закана.
Генералниот секретар Јенс Столтенберг на самиот почеток на самитот на НАТО ги истакна клучните одлуки што ќе се донесат за трансформација на Алијансата и заштита на граѓаните. Ова ќе вклучува нов стратегиски концепт, кој, наводно, ќе ги зајакне „одбранбените способности на НАТО“, ќе вклучува силна долгорочна поддршка за Украина и уште поблиска соработка со партнерите.
Членките на НАТО се обединети во нивната желба да распоредат повеќе оружје по должината на источното крило на Алијансата и се согласуваат дека повеќе сили треба да бидат ставени во готовност за брзо распоредување. Во понеделникот, Столтенберг рече дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници во готовност седум пати, на повеќе од 300.000.

– Испраќаме силна порака до (рускиот претседател Владимир) Путин: Нема да победите – рече шпанскиот премиер Педро Санчез, домаќин на самитот.
Се огласија и Соединетите Американски Држави, кои го зајакнуваат своето воено присуство во Европа на долг рок, вклучувајќи ги Велика Британија, Шпанија, Полска и балтичките земји, врз основа на заканите што доаѓаат од Русија. Оваа најава на американскиот претседател Џозеф Бајден во Мадрид, на самитот на НАТО, беше конкретен израз на најавата на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, за распоредување на повеќе борбени формации и опрема во Источна Европа. Бајден потврди дека САД ќе го зголемат бројот на разурнувачите во Шпанија од четири на шест, ќе испратат две дополнителни ескадрили „Ф-35“ во Британија и ќе го формираат штабот на 5-та армија во Полска, што Варшава веднаш го поздрави. Тој, исто така, потврди дека САД ќе ги зајакнат воздушните одбранбени и други капацитети во Германија и Италија и ќе го зголемат ротациското распоредување на војници во Балтичкиот Регион.
Реакциите на Москва и Пекинг на стратегиските планови на НАТО зборуваат за продлабочување на конфликтот меѓу Алијансата и Русија и Кина. Москва има негативен став за официјалната покана за членство на Шведска и Финска во НАТО и оценува дека проширувањето на Алијансата е дестабилизирачко. Москва жали и за „разговорите за евроатлантска солидарност, кои се користат како параван за агресивните планови на НАТО во однос на Русија“.
Кина е исто така длабоко загрижена за импликациите на новиот стратегиски концепт на НАТО.
– Некои лидери на НАТО неодамна ги претставија другите земји како закана. Но факт е дека НАТО сам создаде проблеми во различни делови на светот – рече постојаниот претставник на Кина во ОН, Џанг Јун, и го повика НАТО да не „ја користи украинската криза како изговор за поттикнување конфронтација низ светот или нова студена војна“.