Духот на Букурешкиот договор и натаму живее

Македонците и денес сѐ уште ги чувствуваат негативните последици од Букурешкиот договор, постигнат на 10 август 1913 година, а мноштво сличности може да се пронајдат и денес во односот на соседите и на меѓународната заедница кон Македонија и македонското прашање

И ПО 109 ГОДИНИ ОД СРАМНАТА ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА СО ПОДДРШКА НА ГОЛЕМИТЕ СИЛИ

Букурешкиот мировен договор од 1913 година, со кој завршија Балканските војни, е еден од најкрупните настани во современата историја на македонскиот народ. Со Балканските војни, територијата на османлиска Македонија беше окупирана од Кралството Србија, Царството Бугарија и Кралството Грција, со што македонскиот етнички супстрат беше поделен на неколку дела и беа прекинати националните врски помеѓу Македонците. Во констелација на тогашните меѓународни политички односи и интереси, Букурешкиот мировен договор требаше да го затвори македонското прашање во интерес на големите европски сили, но и да ги задоволи националистичките територијални апетити на балканските држави, без да се земат предвид интересите на македонскиот народ.
Од денешна перспектива, Македонците сѐ уште ги чувствуваат негативните последици од Букурешкиот договор, во овој контекст се актуелните негирања на македонските малцинства во Грција и во Бугарија, како и денешните негирања на македонската нација и нејзините особености од страна на Софија. Денес, моќните европски држави речиси идентично се однесуваат кон Македонија и Македонците, водејќи сметка за сопствените интереси, но не и за интересите на помалите народи што живеат во Европа.
Букурешкиот мировен договор од 1913 година и делбата на македонскиот етнички супстрат имаат генеза уште од 19 век, а најголемата одговорност се наоѓа во престолнините на големите сили и нивната дипломатија. Тогашните моќни европски и светски држави, како што се Велика Британија, Русија, Германија, Австро-Унгарија и Франција, настојуваа да ги зачуваат суверенитетот и интегритетот на Османлиската Империја. Оваа меѓународна политика кон т.н. источно прашање, во чии рамки беше и македонското прашање, имаше цел да спречи некоја од големите сили да окупира што поголеми територии од Османлиската Империја, со што ќе се спречеше нарушувањето на балансот помеѓу големите сили.
Во оваа насока беше и Руско-австроунгарскиот договор од 1897 година. Протојерејот Атанас Лажовски, кој ја истражува руската надворешна политика кон Балканот и Македонија до Првата светска војна, истакнува дека „насочувањето на руската надворешна политика на Далечниот Исток значело на секој начин да ce избегне радикалното решение на македонското прашање (поделба меѓу балканските држави или добивање автономија во составот на Османлиската Империја), што би довело до сериозен конфликт на Балканскиот Полуостров, што за Русија било неповолно“. Според Лажовски, руската влада настојувала да го зацврсти своето влијание на Балканот и во оние реони што биле блиску до црноморските протоци.

Уште поважно било да не дозволи друга силна држава да ce зацврсти во протоците. Од интерес за двете влади било да ce зачува статус квото во регионот. Нивниот меѓусебен договор претставувал гаранција дека македонското прашање нема да биде искористено ниту од една страна и нема да биде загрозен општиот мир во Европа.
Како резултат на оваа политика бил потпишан Руско-австроунгарскиот договор од 1897 година, кој, меѓу другото, предвидувал слободните земји на Балканскиот Полуостров да се поделат помеѓу малите балкански држави, за да се зачувува рамнотежата. Со овој договор била предвидена и поделбата на Македонија, а оваа меѓународна политика не се променила ниту во првата деценија од 20 век.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, водачите на Македонската револуционерна организација (МРО) биле свесни за можноста од поделба на Македонија, па оттука нивните активности биле насочени кон спречување на катастрофалната политика кон Македонија. Многумина од македонските лидери во престолнините на големите сили презеле медиумска кампања за запознавање на европската јавност со македонското прашање, а нивната агитација била во насока на добивање автономија на Македонија, со што ќе се избегнела поделбата на македонскиот етнички супстрат. Во овој контекст може да се разгледуваат и причините за Илинденското востание, кое имало цел да издејствува правда за Македонците.

Меѓутоа, и покрај настојувањата на Македонците за автономна Македонија, односно за самостојна македонска држава, политиката на големите сили кон македонското прашање не се променила. Во првата деценија на 20 век, големите сили настојуваат кај османлиските власти да спроведат одредени реформи со кои ќе се подобри положбата во Македонија, но сепак тие реформи биле во согласност со тогашната меѓународна политика. За оваа проблематика, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев вели дека реформите биле налагани со директен притисок на големите сили, чии интереси во Југоисточна Европа биле крајно спротивставени. Оттука, понудените реформи што биле наменети за одржување на мирот во регионот, всушност, претставувале одмерување на моќта на големите сили. Османлиската Империја, чувствувајќи ги спротивностите меѓу големите сили, вешто тактизирала со нивно одложување или целосно применување. Поради тоа реформите имале палијативен карактер и првенствено биле насочени кон одржување на статус квото во регионот, како што нагласува Ванчо Ѓорѓиев.
Меѓутоа, понудените реформи не ги елиминирале причините за незадоволство и станале алатка за одложување на очигледниот конфликт. Затоа Ванчо Ѓорѓиев акцентира дека големите сили, иако биле свесни за создадената положба, сепак поради сопствените интереси ја толерирале безизлезната ситуација што водела кон неизбежен конфликт.
Одложувањето на конфликтот не траело долго. Во 1912 година, Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора ѝ објавуваат војна на Османлиската Империја, со што започнува Првата балканска војна. Но овој балкански конфликт се комплицирал кога Царството Бугарија, незадоволно од поделбата на Македонија, ги напаѓа другите балкански држави. Овој судир помеѓу балканските држави завршува со Букурешкиот мировен договор од 1913 година, кога е санкционирана поделбата на Македонија.
Големите сили, водејќи сметка за сопствените интереси, дозволуваат поделба на Македонија, но на тој начин ги загрозуваат мирот и стабилноста на Балканот во наредните децении. Денес политиката на моќните европски држави кон македонскиот народ како да се повторува, а во тој правец беше и изјавата на францускиот претседател Макрон, кој побара правда за бугарските барања. Македонците и понатаму се соочуваат со негирања и уцени од соседните држави, а Европејците и понатаму остануваат неми набљудувачи. Д. Ст.