Незадоволството и протестите на работниците во различни сектори во државата не стивнуваат. По протестите на СОНК, незадоволни од својот статус во општеството и односот кон нив се и од Независниот синдикат на професионалните војници, вработените во матичните служби, Сојузот на синдикатите итн. Со предложениот ребаланс на буџетот драстично се кратат субвенциите и за печатените медиуми, што го загрозува нивниот опстанок и генерално егзистирањето на вработените во оваа дејност. Се добива впечаток како државата да нема еднаков однос кон различните стопански гранки и кон едни се однесува како мајка, а кон други како маќеа.
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, македонската влада преку низа финансиски и фискални мерки се обидуваше да го зачува „социјалниот мир“ во земјата. Во овој период на преживување, социјалниот дијалог меѓу власта и работниците беше ставен во втор план, но по ескалацијата на енергетската и економската криза, нарасна и притисокот за надминување на проблемите.
Професорот по управно право и јавна администрација, Борче Давитковски, вели дека односите меѓу државата и вработените во јавните институции се утврдени со законските решенија и колективните договори, а последните искажувања на незадоволството на синдикатите се однесуваа на проблемот со несогласување на платите.
– Со покачувањето на минималната плата на 18.000 денари се отвори Пандорината кутија за барања за покачување на платите во сите дејности. Во јануари предупредував затоа што со покачувањето на минималната плата за вработените во реалниот сектор се реши и проблемот за мал број од вработените и во државните институции. Но ова доведе до дискрепанца во однос на платите на вработените за исто работно место. Така, имаме случаи кога хигиеничарка во нашата институција добива минимална плата од 13.000 денари, а друга работничка со истите квалификации добива 18.000 денари! Со ова, државата се покажа како не баш добар работодавач. Тоа е исто како и за еден домаќин, кој треба да води еднаква грижа за сите членови во семејството и во услови кога нема доволно средства се обидува да ја задоволи потребата на едно дете – ни изјави Давитковски. М.Ј.