Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како да се објасни состојбата во која државата во последните две децении загуби околу една десеттина од своето население, а тоа речиси воопшто не се одрази врз бројот на членовите на партиите, кои забележуваат раст и на членството и на приходите и на финансиите од буџетот на државата. Партиите генерално секаде во светот се соочуваат со легитимациска криза. Граѓаните сѐ помалку веруваат во партиските изборни понуди и програми поради нефункционалноста на инструментите на контрола и поради немањето конкретна одговорност, во случај партиите да не ги исполнат изборните ветувања. Но дали е така и во Македонија?!

ЧУДНИ ФЕНОМЕНИ НА ДОМАШНАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА

Голема отпорност на депопулацијата, која беше регистрирана со неодамнешниот попис на населението, на долготрајната криза предизвикана од пандемијата и од војната во Украина и на општото незадоволство на граѓаните од нефункционалниот државен систем и од политичарите, покажуваат најголемите политички партии, чие членство, барем според бројките за кои се зборува, упорно се одржува на „преткризното“ ниво, па дури некаде и се зголемува.
За оваа нелогичност има повеќе објаснувања, кои во основа се сведуваат на заклучокот дека сите проблеми што произлегуваат од споменатите сѐ понеповолни околности многу полесно се решаваат преку членување во некоја од партиите. Вработувањата во најсигурниот, државен или јавен сектор, стипендиите, субвенциите, концесиите, учеството во јавните набавки… се само некои од привилегиите резервирани за партиското членство. Кога на тоа ќе му се придодадат и можностите што државата им ги дава на партиите преку нивно директно финансирање од буџетот, тогаш тие, со право, можат да се сметаат за најбезбедно засолниште во овие сѐ потешки и понеизвесни времиња.
Како инаку да се објасни состојбата во која државата во последните две децении загуби околу една десетина од своето население, а тоа речиси воопшто не се одрази врз бројот на членовите на партиите или на нивните гласачи? Барем на прв поглед, нејасно е и од каде партиите постојано го обновуваат своето членство кога, според неодамнешната анкета на Институтот за демократија, човекови права и дигнитет, над 67 отсто од младата популација, на возраст до 30 години, смета дека политичките партии не можат да го подобрат животниот стандард во државата. Уште позбунувачки изгледа ситуацијата во која и покрај долгогодишната повеќеслојна криза и ветувањата на властите за намалување на непродуктивните трошоци, финансирањето на политичките партии од државниот буџет, што исто така е потврдено со веќе објавените истражувања, постојано се зголемува.

Дали некоја од двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои наизменично управуваат со државата би можела да си дозволи да се откаже од дел од буџетските пари, е едно од прашањата на кои, засега оттаму нема одговор. Повеќето политички партии тактизираат и со обелоденувањето на состојбата на нивното членство. Единствено на веб-страницата на СДСМ може да се најде информацијата од пред нешто повеќе од една година, со која партијата се пофали дека има 80.000 члена. Некаде во истото време и ВМРО-ДПМНЕ спроведе акција за собирање ново членство, но потоа не ги објави бројките. Претходните податоци, од пред неколку години, покажуваа дека дури 13 отсто од граѓаните членувале во некоја од политичките партии, што беше оценето како мошне висок процент во однос на европскиот просек.
– Познато е дека ако нешто функционира во оваа држава, тоа е партизацијата. Политичките партии го окупираа целиот јавен простор и луѓето, за да ги остварат своите цели, се принудени да се зачленат во некоја од политичките партии. Со бројките состојбата е малку понејасна, бидејќи големите партии ги зголемуваат бројките, ажурирањата на списоците на членството се нередовни, а во изминативе години мошне е изразен и трендот на мултиплицирање на членските книшки, односно една иста личност да биде зачленета во повеќе партии, така што ги користи книшките во зависност од тоа кој е на власт. Но уште позагрижувачки е што притоа се манипулира и со националната припадност поради истите цели, што мене ми е рамно на геноцид – објаснува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
И неговата колешка Тања Каракамишева-Јовановска ги воочува нелогичностите во начинот на кој функционираат партиите во изминативе години.

– Партиите генерално секаде во светот се соочуваат со легитимациска криза. Граѓаните сѐ помалку веруваат во партиските изборни понуди и програми поради нефункционалноста на инструментите на контрола и поради немањето конкретна одговорност, во случај партиите да не ги исполнат изборните ветувања. Сѐ додека не се утврди конкретен законски прецизиран однос меѓу изборната понуда и партиската одговорност за несработеното, партиите ќе се наоѓаат во т.н. лимбо-состојба, во која довербата на граѓаните ќе се намалува, а граѓанската апатија ќе се зголемува на штета на граѓаните и функционалноста на државата. Партиите продуцираат различни видови кризи во системот, поради кои мора да бидат соодветно казнети. На пример, во моментов владејачките партии направија најголема инфлација во земјата од нејзиното осамостојување и гледаме дека нема никаква одговорност за таквата состојба, власта енормно се задолжува и повторно нема одговорност! Од друга страна, никој не го отвора прашањето за кратење на буџетските средства наменети за партиското финансирање во услови на криза. Дали тие што ги уништуваат Македонија и нејзината економија имаат легитимно право да трошат буџетски средства? Одговорот е не, но без соодветни институционални механизми за уредување на овие односи нам како граѓани не ни останува ништо друго, освен да се бориме против корумпираните партии и нивните системски инсталации – објаснува професорката Каракамишева-Јовановска.
За потсетување, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пред извесно време, објави истражување што покажа дека за десет години, во периодот од 2011 до 2021 година, од државниот буџет се исплатени 26,5 милиони евра за политичките партии во државата. Износите што се исплаќаа беа различни низ годините, што се должи на измените на процентот што се издвојуваше од буџетот, како и на висината на самиот буџет. Д.М.М.