КАКВО ВРЕМЕ НЀ ОЧЕКУВА ЗА ПРВОМАЈСКИТЕ ПРАЗНИЦИ

Во спомените поврзани со второмајските излети, како неодминлива мирудија или зачин на празникот на трудот, 1 Мај, се појавуваат секвенци поврзани со временските услови и сеќавања за бегање или криење од дождот, како финале на организираното дружење. Иако вториот ден од мај, веќе според закон не е неработен ден за првомајско празнување, годинава со одредени календарски коинциденции, понеделничкиот 2 мај влегува во пакетот за продолжен празничен викенд. Но временската прогноза и годинава за празничните денови во Македонија навестува „традиционално“ чествување со дождови и грмежи.
Всушност, веќе од денеска, сабота (30 април), по должината на Повардарието се очекува да се засили северниот ветер. Температурата ќе опадне за неколку степени. Потоа следува период на променливо облачно и посвежо време, наместа со повремен дожд и услови за ретки грмежи. Врнежите ќе бидат поинтензивни в сабота во текот на ноќта и в недела во текот на денот.