Еден мост, богата битолска историја, многу политика

Доколку деновиве не попуштеше мостот над реката Драгор, кај Безистенот, и не се пренасочеше сообраќајот, голем број битолчани немаше да знаат колку е тој значаен за градот. По неговото попуштање и забраната за движење преку него, во Битола, во централниот дел на градот се случи вистински сообраќаен колапс.
Деновиве да се помине со возило на тој дел од Битола е вистинска умешност.
Стопирањето на сообраќајот по мостот кај Безистенот ги освести надлежните локални институции да се прашаат колку овој и другите мостови над реката Драгор во Битола се безбедни и сигурни, како за движење по него од страна на пешаците така и за одвивање на сообраќајот со возилата. Тоа ги натера сегашните локални власти, дури по 40 години од последната ревизија, да издвојат средства за детална ревизија за состојбата на мостовите во Битола, кои ги спојуваат двете страни на градот преку реката Драгор.
Инаку, мостот кај Безистенот е стар речиси еден век.
Хроничарите забележале дека мостот кај Безистенот го изградиле Германците како воена отштета по силното бомбардирање што го претрпела Битола за време на Првата светска војна, кога најголем дел од мостовите на реката Драгор биле целосно уништени. По завршувањето на војната, Битола доби воено обесштетување, или надомест за уништена инфраструктура, па така со познатата воена репарација од Германија, само на реката Драгор се поставени шест железни мостови.
За мостот на оваа локација, хроничарите од различни генерации во Битола запишале многу податоци, почнувајќи од патописецот Евлија Челебија, кој го нарекол „големиот мост“, потоа мостот кај Саатот, но и мостот кај Пекмез-пазар, бидејќи во тој пазар се продавал мед. Но овој мост битолчани најчесто го нарекуваат мостот кај Безистенот, бидејки се наоѓа во негова непосредна близина.

Доколку во (пред)изборието на штотуку завршените локални избори претходната локална власт, меѓу двата изборни круга, не се зафатеше со негово „крпење“, никој немаше да знае во каква лоша состојба е мостот и каква е неговата (не)безбедност и статичност.
Сега, откако тој е затворен, како за пешаците така и за возилата, битолчани со право се револтирани и се прашуваат кога тој повторно ќе биде пуштен во сообраќај.
– Во овој момент во завршна фаза е и изготвувањето на проектот за привремен режим на сообраќајот, со цел растоварување на сообраќајот во централното градско јадро. За жал, се соочивме со воопшто нетретирано прашање во однос на состојбата со мостовите и неподготвена проектна документација, што претставува дополнителна отежнувачка околност – велат од локалната самоуправа.
Од страна на Градежниот факултет веќе се вршат потребните испитувања, кои се од особена важност за изготвување на проектната документација, а во постапката, во согласност со законот, ќе бидат вклучени и НУ Завод и музеј и Управата за заштита на културното наследство, до целосно комплетирање на документацијата и обезбедување одобрение од Министерството за транспорт и врски.
Имајќи ги предвид наведените околности, ги замолувам граѓаните за трпение и разбирање до целосно завршување на инфраструктурните зафати, за што сме максимално ангажирани. Ќе се изработат и реализираат проекти за реконструкција, со цел да не се повтори во иднина опасност од вакви размери, вели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Колку ќе трае санацијата на мостот во Битола никој не знае точно да каже, затоа што Битола како старо градско јадро е заштитено подрачје и за одобрување одобрение за реконструкција се потребни многу дозволи и одобренија од надлежни државни органи и институции, чии седишта се во Скопје, кои многу не се грижат што битолчани останаа без овој мост.

Инаку, малкумина во градот под Пелистер знаат дека Битола е град што има најмногу мостови над една река, како што е случајот со Драгор, не само во државата туку и пошироко.
На коритото од реката Драгор во Битола, во урбаниот дел на градот има дури 16 моста, но ако во пребројувањето се вклучат удвоените мостови, како и мостовите што се наоѓаат кај првите куќи од населбата Довлеџик и последните куќи на улица „16“ или како што некои велат „под линија“, тогаш слободно може да се посочи дека на коритото од реката Драгор во Битола има точно 20 моста или на секои 200 метри по еден мост.
Тоа е двојно повеќе отколку што има мостови градот Будимпешта, кој има девет моста, Белград – град со 10 моста, од нив два на Дунав и осум на Сава, или Загреб со 11 моста во градското подрачје каде што тече реката Сава.
Написите и белешките на хроничарите во Битола посветени на мостовите на реката Драгор најчесто се поврзуваат со мостовите во урбаниот дел на градот. Со германската воена репарација во Битола се изградени неколку железни мостови, преку кои се одвиваше главо сообраќајот во Битола. Другите се дрвени. Но оттогаш измина речиси еден век.