Фото: Игор Бансколиев

Местото на Македонија во „новиот европски поредок“ на Макрон

Поради долгогодишниот статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, која сѐ уште не ги започнала преговорите со Унијата и со неодредена временска перспектива кога тоа би се случило, можеби прашањето за местото на Македонија во „новиот европски поредок“, кој го конципира францускиот претседател Емануел Макрон во француската програма за претседателство со Советот на ЕУ, има призвук на визија со премногу (не)возможни услови и претпоставки. Сепак, конецот на кој се држи ваквото прашање може да се препознае во делот од неколкупати повторениот став на Макрон дека „Западен Балкан е срцето на Европа“ и дека, иако не сака да се обврзува со временски рокови за полноправно членство на земјите од овој регион (во кој е вброена и Македонија), францускиот претседател го предвидува и овој регион во проекциите за преструктурирање и развој на Европската Унија.

Од друга страна, во носечкиот дел од планот на Макрон за претседателството со Советот на ЕУ може да се препознае амбиција за градење една стратегиска автономија на Унијата во поглед на безбедноста, но и понезависна надворешната политика. Обично барањата за стратегиска автономија на ЕУ во меѓународната политика се читаат како желба да не мора земјите-членки на ЕУ, а и самата ЕУ, како меѓународен политички ентитет, секогаш да имаат исто мислење за геостратегиските интереси како САД. Со „новиот европски поредок“ што го заговара Макрон би требало да се факторизира економската сила на ЕУ во (гео)политичко влијание и моќ.
– Желбата на Франција за водење независна надворешна политика и покрај членството во НАТО е присутна уште од времето на Де Гол, така што не е изненадувачки што таквата своја амбиција сака да ја проектира и врз стратегијата на ЕУ, во која, сепак, е водечка земја-членка. Но и покрај тоа што постојано се најавува, не се гледа дека нешто се реализира. И понатаму постои речиси целосна согласност на земјите-членки на ЕУ со САД за прашањата од стратегиски интерес, освен можеби за неколку теми што, сепак, се во доменот на „ дозволена спротивставеност“, како на пример за Меѓународниот кривичен суд. Програмата на француското претседателство со ЕУ, во која може да се препознае желбата за „нов европски поредок“, е сепак израз на една долга франкофонска традиција (уште од времето на Студената војна), изразена во надворешнополитичката доктрина на Франција „да прави како што таа замислила“. А од друга страна, реалноста е дека ЕУ во скоро време нема да се еманципира во однос на САД – вели поранешниот министер за евроинтеграции Ивица Боцевски.
Согледувајќи ја македонската позиција во концептот на Макрон за „нов европски поредок“, Боцевски констатира дека досега, од двете страни (и од Франција и од Македонија) како да била запоставено градењето поблиски релации.

– Воопшто не гледаме некое посилно присуство на Франција во Западен Балкан, па и во Македонија. Навистина, не може да се одрече дека француските политички претставници не одиграле значајна улога во важни моменти за Македонија од независноста (Бадентеровата комисија, па улогата на Леотар и Ле Роа во смирувањето на конфликтот во 2001-та…), но таквите чекори не се прелеаја во некакво посилно француско влијание на економски и општествен план во Македонија. Како да се одржува одредена дистанца во односите, за што во голема мера има одговорност и македонската политика, која како да ги запоставува односите со Франција, но и со други европски и регионални сили. Постојат и проблесоци во македонско-француските односи, како фактот што во кабинетот на вицепремиерот за евроинтеграции, Франција има постојано свој дипломатски претставник, но и понатаму е доминантен впечатокот дека нашата надворешна политика е едновекторски насочена кон САД. Во ред е да се имаат добри и блиски релации со САД, но тоа не значи дека треба да се запостават другите европски и регионални сили. Секако дека е подобро и за нас да водиме мултивекторска надворешна политика – заклучува Ивица Боцевски.
Според професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија, иако Западен Балкан се спомнува во програмата на француското претседателство со ЕУ, сепак, „Македонија е оставена на бесконечната периферија на каква и да е идеја за нов европски поредок“.

– Мислам дека идејата за стратегиска автономија на ЕУ на француското претседателство со Унијата е повеќе дневнополитички одговор од Франција за она што планираат САД преку НАТО во руско-украинскиот случај, отколку некаква долгорочна стратегија. И тука воопшто не е земена предвид Македонија, на никаков начин. Иако формално е членка на НАТО, а во контекст на Западен Балкан е спомената и во програмата на француското претседателство со ЕУ, Македонија е оставена на бесконечната периферија на каква било европска перспектива. Македонската политика и дипломатија не размислуваат долгорочно, реагираат избрзано и најчесто погрешно, како во актуелната ситуација со Украина и Русија. Стратегиската автономија на ЕУ што ја споменува Макрон, повеќе се однесува на релаксирање на тензијата за земјите-членки на ЕУ, кои се и дел од НАТО, да имаат независен став во однос на каква било интервенција на НАТО во Украина. Впрочем, Хрватска веќе се изјасни дека не сака да учествува во што и да презема НАТО во случајот со Украина – вели професорката Солза Грчева.
За Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација, Македонија е инфериорна во однос на „новиот европски поредок“ што го заговара Макрон, од причина што не ги користи ниту придобивките што ги има и во актуелниот меѓународен поредок.

– Каков и да е новиот европски поредок, што ни вреди нам ако ние не знаеме да се повикаме ниту на веќе договореното, ниту на експерти, ниту на институции, ниту на стандарди што со децении сме ги граделе, преговарале и одобрувале на мултилатералните состаноци. Постоењето на супранационалниот систем е голема придобивка на човештвото, но нам како држава ни е од корист само ако знаеме како и кога да ги побараме на помош механизмите што тој ги има вградено во себе. Да преговарате за малцински прашања, а да не се консултирате и да не ги вклучите во преговорите ниту Советот на Европа, ниту ОН, ниту ОБСЕ со својот висок претставник за малцински прашања (HCNM) е огромна грешка и најголемиот подарок што ние на Бугарија ѝ го даваме за да ја зголеми надмоќноста над нас, која веќе ја има поради членството во ЕУ. Затоа сме ги граделе тие механизми и институции, за да бидат експертскиот слој што ќе ги олесни, реши и ќе ги објасни конфликтните ситуации меѓу земјите-членки во овие клубови. Ние сме полноправна членка на ОБСЕ, на Советот на Европа, на ОН и затоа требаше да побараме нивна помош во дефинирањето на преговарачката рамка и експертиза во водењето на дијалогот. Билатералните разговори што сега мигрираат меѓу Скопје и Софија, водени од ад хок и целосно некоординирана група политичари, но послушно следејќи ја визијата на новиот бугарски премиер, зачинета со потсетувањето од нивниот претседател, е огромна грешка и потценување на меѓународните структури, кои ако не ги побараме, нема сами да се понудат за да ни обезбедат правда и правичност. Но тие се неопходни ако сакаме да обезбедиме конзистентност со вредностите и стандардите што се обврзувачки за двете страни, а и заради тоа што некој ќе мора да го следи исполнувањето на тоа што ќе се договори – укажува професорката Ида Мантон.