Несомнено ваквите документи, кои сè поочигледно е дека не се воопшто наивни, се моќна алатка во рацете на некои сили и можат да предизвикаат апокалиптични сценарија. Но, исто така, таквите документи „од фиока“, во планирано објавувани дози, во контекст на плановите за некакви поголеми геостратегиски прераспределби во регионот, се користат и за првично напипување на пулсот за да можат да се креираат идните политики. Најдобар доказ дека овие документи (нонпејпери) имаат употребна функција на подолг рок е моментот на нивното објавување, односно секогаш се појавуваат кога треба да започне разврска на некаква криза, а такви кризи на Балканот има често…

Изјавата на Валентин Инцко повторно ги раздвижи сеништата на Балканот

Признанието на поранешниот висок претставник за БиХ, Валентин Инцко, дека неколку години поседува дипломатски документ за промена на границите на Балканот е уште еден во низата нонпејпери, кои изминатите години одвреме-навреме се појавуваа во јавноста и кои имаа цел да бидат еден вид пробни балони за одредени решенија што се планираат за земјите во регионот, меѓу кои и Македонија.
Главната алатка во овие документи „скриени во фиока“ секогаш е некакво прекројување на границите, а ако се земат предвид актуелната криза во Украина, политичкиот безизлез во кој се наоѓа БиХ, но и статус кво ситуацијата во Косово, тогаш повеќе од сигурно е дека соништата за некакви големи држави на Балканот продолжуваат да опстојуваат.
Не толку одамна, во пресрет на словенечкото претседавање со ЕУ, во јавноста се појави словенечки нонпејпер, во кој исто се заговараше промена на границите на Балканот како конечно заокружување на распадот на поранешна Југославија. Постоењето на овој документ официјален Брисел никогаш не го демантира.
Претходно протече и документ на ЦИА, во кој повторно стануваше збор за прекројување на границите на Балканот, а слични нонпејпери беа лиферувани и во други наврати.
Постоењето на вакви документи е еден своевиден феномен што покажува дека во заднина секогаш има некаков план Б за овој регион, што некој одвреме-навреме го најавува како можно решение. Несомнено ваквите документи, кои сè поочигледно е дека не се воопшто наивни, се моќна алатка во рацете на некои сили, кои во плановите за некакви поголеми геостратегиски прераспределби во регионот прават континуирано напипување на пулсот за да можат да ги креираат идните политики. Најдобар доказ дека овие документи (нонпејпери) имаат употребна функција е моментот на нивното објавување, односно секогаш се појавуваат кога треба да започне разврска на некаква криза, а такви кризи на Балканот има постојано.
Со оглед на фактот дека Македонија е дел од Балканот, не треба едноставно да замижува на ваквите документи скриени во фиока, туку внимателно да ги следи, анализира, да ги утврдува можните безбедносни ризици по земјава и навремено за тоа да го алармира и НАТО. Тоа е особено неопходно доколку оцени дека ситуацијата би можела да ескалира и да се загрози нејзиниот територијален интегритет и неповредливост на границите. Впрочем, тоа е едно од главните придобивки на членството на земјата во Алијансата.
Дипломатот Драган Јањатов смета дека Македонија не смее никако да ги игнорира ваквите документи, бидејќи тие можат да сигнализираат и индицираат за одредени работи.

– Каде што има чад, има и оган. Симптоматични се овие документи и затоа не треба да се игнорираат. Во политиката нема ништо случајно, сè се потпира врз интересот. Ако некој решил нешто да направи, тоа и ќе го направи и затоа повремено се спомнуваат ваквите документи. Штом се спомнува тоа прекројување на границите во разни контексти, од разни извори, несомнено тоа е испитување на теренот, да се види како стојат работите – вели Јањатов.
За него „валканите“ работи во дипломатијата ги прават разузнавачките служби, кои во најголем дел ги пуштаат пробните балони и подоцна чекаат реакција на јавноста и анализираат.
– Во секој случај треба да се биде внимателен кога се обелоденуваат вакви чувствителни документи за да не се случат несакани работи подоцна. Не треба веднаш да се отфрлаат како неосновани, туку добро да се проучат сите аспекти во нив, кои на некој начин би можеле да ја загрозат безбедноста на државата – предупредува Јањатов.
За Александар Гаиќ, научен соработник на Институтот за европски студии од Белград, изјавата на Инцко за постоење документ во кој се споменува прекројување на границите на Балканот не е воопшто наивна, туку има заднина.
– Доколку приказната за нонпејперите што нудат модел на нови граници на Балканот повторно заживее, а медиумската кампања биде насочена против нив, ќе знаеме дека станува збор за еден оркестриран медиумски спин со очигледни политички цели. Не е тешко да се претпостави дека по тоа ќе следува политичко-дипломатска активност што треба да го спречи она што во медиумите се појавува како неприфатливо. Ако следуваат нови санкции и нови притисоци, тогаш е јасно дека изјавата како оваа на Инцко е во функција на подготовка на теренот за поостар напад – смета Гаиќ.