Фото: Принт-скрин

Претседателот на Собранието Талат Џафери ги отфрли обвинувањата од опозицијата која на денешната собраниска седница бара негова интерпелација, сметајќи дека тој со низа погрешни постапки нанел штета на законодавниот дом. Џафери во своето образложение од собраниската говорница порача оти нема да дозволи узурпација на Собранието, нагласувајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го навредуваат на лична основа. Пратениците на ДУИ реплицираа на секој говор на опозицијата.

– Нема епитет што не ми го споменавте на лична основа. Ако мислите дека треба да се спуштиме на такво ниво, јас тоа нема да го дозволам. Кога ме потсетувате на работите, потсетете се и самите како се постапиле. Да се погледне во огледало секој што ќе стане да обвинува и самиот да се преиспита – истакна Џафери, прашувајќи зошто пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу последните предвидени говорници, иако е прв потписник на интерпелацијата.

Пред обраќањето на Џафери, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски имаше излагање пред пратениците, напоменувајќи оти очекува до полноќ да гласаат за интерпелацијата.

– Колку добри работи и да имате направено, што не е спорно, верувајте дека со овие активности што ги преземате вие имате сторено огромна повреда на Собранието – порача Мицевски.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ. Седницата ја води потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

Интерпелацијата за Џафери ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе на 30 мај. Џафери запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа денешната седница. Пратениците од опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа функција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.