Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонците од исламска вероисповед се неотуѓив и нераскинлив дел од македонската нација

Македонците од исламска вероисповед со векови се присутни на нашите простори, но во изминативе години може да се забележи еден процес што може да доведе до целосно нивно исчезнување. Причината за оваа појава се должи на економската состојба во општеството, но и поради одредени верски и политички причини. Статистичките податоци покажуваат дека бројот на Македонци од исламска вероисповед постојано се намалува во државата, а неколку познавачи на состојбите апелираат на директно вклучување на институциите за да се спречи оваа појава.

Македонците од исламска вероисповед имаат македонска етничка припадност

Македонците од исламска вероисповед неколку века се присутни на просторите на Македонија и околните држави. Тие претежно живеат во западниот дел на Македонија, во неколку предели, но и во регионите од соседните држави Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Косово. Најголема концентрација на Македонци муслимани има во регионот на Река, во 15 населени места, Жупа во осум населени места, дебарски Дримкол, Велешко во три населени места, Скопско во пет населени места, Тетовско во две населени места. Според одредени податоци, вкупната бројка на Македонци муслимани изнесува околу 100.000 луѓе.
Македонците муслимани се составен дел од македонскиот народ, тие имаат македонско етничко потекло, говорат македонски јазик, имаат македонска култура, традиции и обичаи. Поради одредени историски причини, во минатото го прифатиле исламот како своја религија, која низ вековите ја чувале и негувале. Но и покрај прифаќањето на исламот, тие ги задржале сите карактеристики на македонскиот народ – јазик, култура, традиции и обичаи.

Се намалува бројот на Македонците од исламска вероисповед

Во изминатите години може да се забележи еден процес на драстично намалување на бројот на Македонците. Според Латиф Пајкоски, бројката се намалува поради одредени верско-политички причини.
Низ годините, сѐ поголем број Македонците муслимани сѐ почесто започнаа да се декларираат како припадници на некоја од другите етнички заедници. Ова придонесува за намалување на бројот на Македонците, како и зголемување на бројот на другите етнички заедници – вели Латиф Пајкоски, претседател на Сојузот на Македонци со исламска религија.
Тој исто така посочува дека намалувањето на бројот на Македонците и зголемувањето на бројот на другите етнички заедници во Македонија настануваат на вештачки начин. Причините за тоа ги гледа во негрижата на државните институции. Според него, политичките партии се заинтересирани за Македонци со исламска религија само во периодот пред некои важни настани, попис или избори, но по завршувањето на овие процеси, веднаш се заборавани нивните потреби и проблеми.

Со какви проблеми се соочуваат Македонците со исламска вероисповед

Македонците со исламска вероисповед не се целосно интегрирани во македонското општеството, а тоа е особено видливо при вработувањето, запишувањето во училиштата, добивањето стипендии и кредити. Според Латиф Пајкоски, децениската економска стагнација на регионите во кои живее ова население и тоталната незаинтересираност на институциите придонесуваат бројот на Македонците да биде сѐ помал низ годините. Економската несигурност и потребата од вработување принудуваат многу Македонци со исламска вероисповед да се декларираат како припадници на други етнички заедници во Македонија. За оваа проблематика, Пајкоски посочува дека административно бројката на Македонците муслимани се движи само на неколку илјади, а во некои населени места речиси и ги нема, а сепак се тука, живеат и зборуваат на македонски јазик.

Каде е решението?

Тони Менкиноски вели дека на Македонците со исламска вероисповед им се затворени вратите на државните институции, во смисла на вработување, а тоа се користи од одредени албански политички партии, кои ги поттикнуваат да се изјаснуваат како Албанци. Според Менкиноски, решението на проблемот е во што поголема интеграција на овие луѓе во системот.
Латиф Пајкоски, претседател на Сојузот на Македонци со исламска религија, посочува дека државните институции треба сериозно да ѝ дадат приоритет на оваа проблематика. Според него, во Владата или во рамките на некои од министерствата да се формира одредено тело, агенција или комисија, што ќе биде задолжено за овој дел од македонскиот народ и раководено од кадар на ова население.
Пајкоски исто така предлага при спроведувањето на владините економски политики да се обрне внимание на регионите во кои живеат Македонците муслимани, особено при реализацијата на странските инвестиции, за да се спречи или намали процесот на иселување на Македонците.
Во однос на политичкиот сегмент, Пајкоски вели на следните избори, двете најголеми македонски партии со одреден фер договор на добитните места да стават кадри Македонците со исламска вероисповед, за да имаат двајца пратеници.
Латиф Пајкоски бара целосно интегрирање на Македонците со исламска вероисповед во општеството и смета дека е крајно време институциите, државата и политичките партии сериозно да им посветат внимание на Македонците од исламска вероисповед, население што може да помогне во градењето на добрите меѓуетнички и меѓурелигиски односи во Македонија. Д. Ст.