Дали посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Саудиска Арабија (една од најсуровите диктатури на современиот свет) ја доведе во прашање „американската борба за демократија“, која за администрацијата на Бајден (а и за сета досегашна администрација на САД) претставува идеолошки темел на американската надворешна политика?

Анализа

Во согласност со прокламираната американска надворешна политика, според која демократијата е на прво место, Вашингтон требаше – доколку е навистина доследен и искрен – заедно со своите европски сојузници да воведе остри санкции против Саудиска Арабија, наместо да трча во прегратките на водачот на саудиската деспотија, која е креатор на теророт, анализира Марио Стефанов за „Геополитика.“

САД (Обама) директно ја обвинија Саудиска Арабија дека стои зад создавањето и финансирањето на ИСИЛ, а сега?!

Саудиска Арабија не е само диктатура туку и држава што во рамките на својата конфронтација со Иран води агресивна војна и во Јемен, во која воопшто не се труди да разликува воени од цивилни цели и во која, според процените, досега загинале околу 400.000 цивили.
Сходно на тоа и во согласност со прокламираната американска надворешна политика, според која демократијата е на прво место, Вашингтон требаше – доколку е навистина доследен и искрен – заедно со своите европски сојузници да воведе остри санкции против Саудиска Арабија, наместо да трча во прегратките на водачот на саудиската деспотија, принцот Мохамед бин Салман, по чија наредба, меѓу другото, во саудискиот конзулат во Истанбул беше убиен и распарчен новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги.
За колкава ароганција, суровост и непромисленост на режимот во Ријад станува збор кажува и фактот дека Саудијците воопшто не беа ни загрижени што злосторството веднаш ќе биде откриено, бидејќи нивниот конзулат е озвучен и под надзор на турските разузнавачки и безбедносни служби. Намерно го направија тоа на ваков начин и на вакво место, за да му испратат порака на светот за степенот на нивната моќ. Се погрижија само да ги скријат материјалните докази – расечен на парчиња и растворен во киселина, Кашоги заврши во канализацијата. Впрочем, се работи за држава што самиот американски претседател Бајден, додека беше потпретседател на Обама, директно ја обвини дека стои зад создавањето и финансирањето на ИСИЛ и други исламистички терористички групи. Во својот говор на универзитетот „Харвард“ во 2014 година, тој ја обвини Саудиска Арабија за формирање на ИСИЛ, велејќи: „Турција, Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ имаа толку голема желба да го урнат Асад, што всушност создадоа сунитско-шиитска прокси-војна, испраќајќи стотици милиони долари и десетици тони оружје за сите што беа подготвени да се борат против него. Ние не успеавме да ги убедиме да престанат да ги поддржуваат овие групи. Резултатот од ваквата политика денес е јасно видлив, зашто испадна дека ги вооружувале фронтот Ал нусра и Ал каеда, што, пак, доведе до формирање на ИСИЛ“.
Индикативно е што само неколку месеци подоцна, кон средината на јануари 2015 година, и покрај заштитата од страна на безбедносните служби, непознати сторители од автомобил во движење пукаа од огнено оружје кон куќата на Бајден во Делавер.
Фактот дека до денес неоткриените сторители се осмелиле од огнено оружје да пукаат кон куќата на тогашниот американски потпретседател зборува дека зад нив стои некоја моќна сила, можеби и истата онаа на која – речиси деценија подоцна – сега во својство на американски претседател, Бајден отиде да ѝ се поклони и да ја моли за услуги во неговото справување со Русија.

Посетата на Бајден на Саудиска Арабија во основа нема допирни точки со демократијата и борбата против диктаторски режими

Според аналитичарот Стефанов, примарната цел на блискоисточната турнеја на Бајден, за време на која по Израел ја посети и Саудиска Арабија, во основа нема допирни точки со демократијата и борбата против диктаторски режими, туку единствено со голи интереси. Со оглед на тоа дека санкциите против Кремљ немаат никаков ефект (освен зголемената заработка на Русија поради растот на цените на нафтата), Бајден се обиде да договори со саудискиот диктатор зголемено производство на нафта во Саудиска Арабија, за да се симне цената на нафтата на светскиот пазар. Поради тоа, тој го прекрши зборот даден пред својата инаугурација, дека поради газењето на човековите права, диктаторското владеење и убиството на Кашоги ќе ја исфрли Саудиска Арабија не само од кругот на американските сојузници туку и од целокупната меѓународна заедница, како и дека ќе ја претвори во изолирана држава, по принципот на Сирија или Венецуела.
Сепак, кога станува збор за пари, веќе не се во игра никакви принципи, а најмалку флоскулите за демократија. И покрај доживеаното понижување, американскиот претседател доби само нејасно ветување дека во следниве пет години, Саудиска Арабија ќе го зголеми производството за милион барели годишно. Нему му останува само да се надева дека на почетокот на август ОПЕК ќе донесе одлука што повеќе ќе му оди во прилог.
Освен тоа, посетата на Бајден имаше и други цели: финализирање на т.н. Абрахамски спогодби меѓу арапските земји и Израел, со привлекување нови држави од арапскиот свет во оваа американска иницијатива, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија.
Понатаму, според аналитичарот, една од најважните цели на оваа посета е да се забрза создавањето регионален воен и политички сојуз, поврзан со НАТО врз основа на постојната агенда на Алијансата, дефинирана како дел од т.н. Истанбулска иницијатива. Во контекст на судирот со Русија, сега на американската и европската политика им треба (доколку тоа е воопшто можно) вклучување на Саудиска Арабија во приказната, иако досега ја држеа настрана од оваа иницијатива на НАТО, токму поради карактерот на нејзините власти и масовното прекршување на човековите права.
Засилувањето на американските и западните позиции преку овој нов регионален воен сојуз поврзан со НАТО има цел да го ограничи иранското влијание на Блискиот Исток, како и да ги потисне руското и кинеското. Од американска и сојузничка гледна точка, треба да се обезбеди стабилноста на Блискиот Исток додека во Европа се води војна со Русија и постепено се отвора бојното поле со Кина во Индопацификот.
Во изминативе децении, американската политика изгуби голем број сигурни позиции со своите разузнавачки и воени интервенции во регионот на Северна Африка и на Блискиот Исток, особено по повлекувањето на американските и НАТО-сили од Авганистан, каде што Вашингтон безмилосно ги остави на цедило своите довчерашни сојузници на милост и немилост на Талибанците. Со тоа дополнително се намали уверливоста на американската регионална политика и помалку или повеќе отворено се доведоа во сомнеж сите американски сојузништва во овој регион.
Оттука, Вашингтон мораше – дури и по цена на понижувањето на Бајден – да ги ревитализира своите блискоисточни проекти, кои треба да обезбедат стабилност за американските и сојузничките регионални геополитички опции. Во таа смисла, формирањето на арапскиот воен сојуз, познат како Блискоисточна стратегиска алијанса (МЕСА), кој веќе се нарекува „арапски НАТО“, претставува клучен проект.
Сепак, ова е стара приказна, која повторно се актуализира и на т.н. Арапски самит, на кој – покрај државите од ГЦЦ, кои би требало да бидат ударна сила на новиот воен сојуз – учествуваа и Египет, Јордан и Ирак; приказна во која се прават напори за проширување и формализирање на сојузот преку влезот на Саудиска Арабија.
Станува збор за долгорочна стратегиска агенда, а не за одлуки што произлегуваат од тековните настани. Уште во пролетта 2006 година, Филип Х. Гордон, кој потоа стана помошник-државен секретар на САД за европски и евроазиски односи, а во 2013 година и специјален помошник на американскиот претседател и координатор на Белата куќа за Блискиот Исток, Северна Африка и Персискиот Залив, за вашингтонскиот аналитички центар „Институција Брукингс“, ја објави програмската статија „Растечката улога на НАТО на Блискиот Исток“. Гордон наведува дека „пред 10 години беше беспредметно да се разговара за улогата на НАТО во поширокиот регион на Блискиот Исток, а сега НАТО разместува 10.000 војници во Авганистан, ги обучува ирачките воени сили во Багдад и ја засилува воената соработка со ГЦЦ.
НАТО создаде единици за брза реакција (НРФ) со околу 20.000 луѓе, кои може да бидат распоредени каде било во светот, а моментално спроведуваат операција во Пакистан. Воспостави воздушен мост за снабдување на војниците на Африканската унија во тек на мировната мисија во Судан, ја поведе Истанбулската иницијатива кон земјите на ГЦЦ и го прошири својот Медитерански дијалог (МД). Повеќето од овие операции уште се во својата почетна фаза. Сепак, трендовите се движат кон сè поголема вклученост на НАТО во поширокиот регион на Блискиот Исток, а сигурно е дека неговата улога и понатаму ќе расте“.

Истанбулска иницијатива: Создавање формален воен сојуз на најмоќните арапски држави под водство на САД

Активирањето на Истанбулската иницијатива на НАТО, која има цел да се формира формален воен сојуз на најмоќните арапски држави под водство на САД, во основа е последниот чин на долгорочната стратегија за зајакнување на врските на НАТО со државите во МЕНА (Северна Африка и Блискиот Исток), пред сè со Саудиска Арабија и другите петромонархии од Арапскиот Залив. Крајната цел е политичка, економска и воена интеграција на МЕНА во трансатлантскиот комплекс. Тоа беше и причината за создавање на платформите на НАТО за воена соработка – Медитеранскиот дијалог со државите од Северна Африка и Истанбулската иницијатива со државите од Блискиот Исток. Долгорочна цел на овие програми е ефикасно зајакнување на воената соработка и поврзаноста со Алијансата, а во погоден момент и формализирање на воените врски и креирање воени сојузи како регионални подружници на НАТО, кои ќе бидат под американско водство и асистенција од европските партнери.
Во контекст на војната во Украина и засилените тензии меѓу Западот и Иран, во овој момент се проценува дека Истанбулската иницијатива – со претходно вклучување на Саудиска Арабија – конечно треба да биде трансформирана во формален воен сојуз, цврсто поврзан со НАТО и Вашингтон. Поради своите посебни односи со Вашингтон, Ријад не е столб само на ГЦЦ туку и на идниот сојуз МЕСА.
За време на посетата на Бајден – кој поради нафта и пари очигледно морал да ги потисне своите демократски стандарди што му ги продава на остатокот од светот и да дојде на поклонение пред Саудијците – Саудиска Арабија преку разговорот на својот владетел, принцот Мохамед бин Салман, со американскиот претседател, јасно покажа дека може да прави што и да посака. Приговорите на саудискиот престолонаследник на сметка на американската политика и нејзината методологија, со јасна сугестија дека начините на функционирање во САД не се премногу различни од оние во Саудиска Арабија, како и неодреденото ветување за зголемување на нафтеното производство, претставуваат јасен знак дека моќта на Саудиска Арабија полека излегува од границите што беа поставени од страна на нејзините американски заштитници. И за крај, се поставува прашањето дали посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Саудиска Арабија (земја што според сите критериуми што ги применуваат САД и ЕУ во меѓународните односи веќе одамна требаше да биде под тешки санкции), повторно ги открива сите лицемерства и политики на двоен колосек на големите (американската и на нивните сојузници), за демократија и на глобалната борба против автократските режими?


Саудиска Арабија ги контролира сите петромонархии во Заливот

Вистинската моќ на Саудиска Арабија денес не произлегува само од нафтата туку и од нејзината позиција на најмоќна водечка држава во Советот за соработка меѓу арапските држави во Персискиот Залив (ГЦЦ), кој треба да стане јадро на идното „арапско НАТО“, во чиј состав влегуваат моќните арапски петромонархии Саудиска Арабија, ОАР, Бахреин, Кувајт, Катар и Оман, и врз кој – со намера за проекција на своите геоекономски и геополитички цели на просторите на МЕНА (Блискиот Исток и Северна Африка) – се потпираат САД и најмоќните држави на ЕУ.
Дополнително, оваа земја ја засили својата улога во западната стратегиска структура не само со геополитичките карактеристики на својата местоположба и поседувањето енергетски извори туку и со агресивно пласирање на својот капитал во САД и Унијата со масовно купување недвижен имот и акции во американските и европските стопански субјекти.