Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни историски настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, ја воведуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнатите македонски дејци

12 јануари 1980 год.: Почина Петре Пирузе-Мајски, истакнат македонски деец, учесник во Народноослободителната борба на македонскиот народ и прв министер за правосудство во современата македонска држава. Поради прифаќањето на Резолуцијата на Информбирото, Пирузе е затворен на Голи Оток. Ја поддржувал идејата за обединување на Македонија, во рамките на Југославија или во составот на некоја идна балканска федерација.

15 јануари 1875 год.: Роден е Војдан Чернодрински, значаен македонски писател, артист, режисер, револуционерен деец и основоположник на македонскиот театар. Во соработка со Борис Сарафов, водач на Врховниот македонски комитет, ја организира праизведбата на драмата „Македонска крвава свадба“ во 1900 година, во Софија. Драмата била изведена на македонски говор и требало да ја револуционизира македонската емиграција во Бугарија. Пиесата била забранета од бугарските власти, но се одржала под силна заштита на вооружени комити, кои го обезбедувале настанот по наредба на Борис Сарафов.

18 јануари 1830 год.: Роден е Григор Прличев, еден од најистакнатите македонски преродбеници и значаен претставник на македонската книжевност во 19 век. Во 1860 година добива лавров венец за поемата „Сердарот“ и од критиката е означен како Втор Хомер. Како учител, во Охрид ја предводи борбата за воведување на македонскиот народен говор во училиштата. Во 1872 година ја објавува песната „Во илјада седумстотини шеесет и второ лето“, посветена на укинувањето на Охридската архиепископија. Како учител во солунската гимназија одржува говор во кој вели: „Мајка Македонија многу е ослабена. Откако го роди великиот Александар, откако ги роди Св. Кирил и Методиј, од тогаш мајка Македонија лежи на својата постела ужасно исцрпена“. Негов син е македонскиот деец Кирил Прличев, учесник во револуционерни борби за самостојна Македонија.

19 јануари 1871 год.: Роден е Даме Груев, истакнат македонски револуционер, основач и идеолог на Македонската револуционерна организација (МРО). Еден од главните водачи и организатори на Илинденското востание и член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Како македонски деец се залага за самостојна Македонија. Во своето писмо до главниот инспектор Хилми-паша од 1903 година ги образложува причините за Илинденското востание, а во него меѓу другото се вели: „Досега сте можеле да се убедите дека Македонците си стојат на зборот и вие, имено вие, би требало да ги научите од нас правилата на воената чест… Ние не очекуваме помош од Европа. Ние се надеваме со сопствени сили да ги уништиме вашите храбри војници…“

23 јануари 1862 год.: Почина Димитар Миладинов, истакнат македонски преродбеник, учител, поет и собирач на народни умотворби. Заедно со својот брат Константин Миладинов ја предводел борбата против Цариградската патријаршија и грчкото културно влијание во Македонија. Се стремел кон воведување на народниот говор во образованието.