Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на
македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои
од нив, ја воведуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати
македонски дејци

6 август 1875 година – Роден е Григорие Хаџи Ташковиќ, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонскиот клуб во Белград, главен уредник на весникот „Автономна Македонија“, се залагал за автономна македонска држава во рамките на една балканска федерација. Водач на македонското автономистичко движење во Србија. Пријател и соученик на Крсте Петков Мисирков.

6 август 1900 година – Во текот на т.н. Попставрева афера, Даме (Дамјан) Груев, еден од водачите на македонското револуционерно движење, бил затворен во битолскиот затвор. Како последица од оваа афера, Груев бил испратен во Подрум Кале, Мала Азија. Во 1903 година бил амнестиран и се вратил во Македонија.

6 август 1903 година – Напишан е Крушевскиот манифест. Не е познато кој е негов автор, а се претпоставува дека е Никола Киров Мајски или Никола Карев. Манифестот е во согласност со идеологијата на Македонската револуционерна организација (МРО). Напишан е на македонски јазик, а потоа преведен на турски јазик и испратен до околните села со мешано или чисто муслиманско население. Во него се повикуваат муслиманите да се приклучат во борбата за извојување слобода.

6 август 1944 година – Во селото Рамно, Кумановско, Президиумот на АСНОМ донел решение за формирање осум поверенства при Президиумот на АСНОМ и за поделба на Македонија на области, околии и општини.

7 август 1987 година – Починал Михајло Апостолски, македонски генерал и командант на Народноослободителната војска и партизанските одреди во текот на Втората светска војна. Воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, учесник на Првото заседание на АСНОМ и член на Президиумот.

10 август 1903 година – Починал Јордан Пиперката, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО).

10 август 1913 година – Потпишан е Букурешкиот мировен договор помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна. Со договорот била извршена повторна поделба на поранешните балкански територии на Османлиската Империја. Македонија била поделена помеѓу Грција, Србија, Бугарија и Албанија. Договорот имал катастрофални последици за македонскиот народ.

14 август 1868 година – Роден е Петар Поп Арсов, истакнат македонски деец, филолог, еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), автор на публикацијата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, еден од идеолозите на македонското револуционерно движење и борец за македонската самобитност. Се залагал за самостојна македонска држава, како и за одделен македонски литературен јазик и правопис.

17 август 986 година – Битката кај Трајановата порта во текот на која македонскиот средновековен владетел го поразува византискиот цар Василиј Втори.

17 август 1902 година – Роден е Методија Андонов-Ченто, македонски деец, национален борец и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Како дел од Одборот учествувал во подготовките и во организацијата за свикување на АСНОМ. На 24 јуни 1944 година, во придружба на Емануел Чучков и Кирил Петрушев имал средба со југословенскиот водач Јосип Брзо Тито. На средбата, македонската делегација го поставила прашањето за обединувањето на Македонија.

18 август 1943 година – На Славеј Планина, Дебарца, била формирана првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ, односно Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ, „Мирче Ацев“. Овој ден се слави како Ден на Армијата на Република Македонија (АРМ).

25 август 1903 година – Во екот на Илинденското востание, македонските востаници ја напаѓаат и ја ослободуваат Невеска, нахиски центар во Леринската околија. Ослободувањето на Невеска е еден од најзначајните настани во Илинденското востание.

25 август 1944 година – Во селото Шешково, Кавадаречко, формирана е првата македонска дивизија на Народноослободителната војска на НОВЈ, во нејзиниот состав влегле Првата, Деветтата и Десеттата македонска бригада.

26 август 1910 година – Родена е Мајка Тереза, добитничка на Нобеловата награда за мир, католичка калуѓерка и светица, Албанска по потекло од Скопје.

26 август 1944 година – Починала Естреја Овадија-Мара, македонска Еврејка, учесничка во македонската народноослободителната борба во Втората светска војна и народен херој на Југославија. Загинала како последица на борбата со бугарските окупаторски сили во близната на врвот Кајмакчалан, имала 22 години. Во нејзина чест е именувана улица во Ерусалим, Израел. Д.Ст.