Фото: Маја Јаневска-Илиева

Паралелно со дипломатските обиди на дел од светските лидери за помирувачка комуникација со Москва за да заврши конфликтот со Украина, од страна на НАТО се најавува ново проширување на северната граница на Русија, со брз прием на досега воено неутралните руски соседи Финска и Шведска. Ваквите најави веќе ги подигнаа на „задните нозе“ некои аналитичари, кои предупредуваат дека ова што се случува во Украина не е ништо во споредба со тоа што би се случило со приемот на Шведска и на Финска во Алијансата и би значело влез во трета светска војна

Професори прават споредба на актуелната состојба со ситуација како на почетокот на Првата светска војна

По повеќе од два месеца на руско-украинскиот конфликт, дефиниран како прокси-војна (војување на големите сили со воен судир преку „посредници“ на територијата на трета земја), во која всушност се со „посредство“ на Украина, во тек е индиректен конфликт за превласт на влијанија меѓу Русија и НАТО, се чини дека нема сигнали за разумно решение што води кон мир. Паралелно со дипломатските обиди на дел од светските лидери за помирувачка комуникација со Москва, од страна на НАТО се најавува ново проширување на северната граница на Русија, со брз прием на досега воено неутралните руски соседи Финска и Шведска. Ваквите најави веќе ги подигнаа на „задните нозе“ некои аналитичари, кои предупредуваат дека ова што се случува во Украина не е ништо во споредба со тоа што би се случило со приемот на Шведска и Финска во Алијансата и би значело влез во трета светска војна.
– Финска и Шведска ќе бидат примени со раширени раце. Тие ни се блиски партнери, силни и зрели демократии, соработуваме со години, интероперабилни се со силите на НАТО и заедно работиме во повеќе мисии и операции на НАТО. Ако аплицираат, ќе бидат добредојдени и очекувам процесот да биде брз – рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред средбата со претседателите на сите политички партии во Европскиот парламент.
Тој додаде дека не е загрижен за транзицискиот период помеѓу апликацијата и полноправното членство, уверувајќи дека ќе се најде аранжман за тој период со формалната ратификација во сите парламенти.

Конструктивна или провоцирачка стратегија е експресното примање во НАТО на Финска и Шведска?

Сепак, опцијата за апликација на Финска и Шведска за членство во НАТО, во момент кога е во тек т.н. прокси-војна на јужната граница со најголемиот воен, политички, идеолошки опонент на Алијансата, ја наметнува дилемата дали е тоа конструктивна или провоцирачка стратегија. Универзитетската професорка по мировни студии на Филозофскиот факултет во Скопје, Билјана Ванковска, во одлуката на две суверени држави да се придружат на Алијансата не гледа провокација, но не одрекува дека тоа би создало безбедносна дилема што би ја активирала спиралата на стравот.
– Евентуалната конечна одлука на Финска и, особено, на Шведска (каде што се чини дека се води поголема дебата) ќе биде одлука на две суверени држави, кои очигледно под влијание на стравот од воени безбедносни закани (кои би се прелеале врз нив), решиле да си ја променат традиционалната безбедносна политика со влез во НАТО. Тука јас не гледам провокација, туку нешто што во теоријата го нарекуваме „безбедносна дилема“ (и спирала на стравот). Иако неутрални, двете земји имаат моќни воени капацитети (и еден вид на доктрина на општонародна одбрана), па нема да минуваат низ оние голготи низ кои минувавме ние. Но останува прашањето дали со ова ќе си ја зголемат безбедноста или автоматски ќе станат не само непријателска земја за Русија и со тоа легитимна воена цел (гледано низ руска призма)? Притоа, ќе ги користат бенефициите од чадорот на НАТО (првенствено нуклеарниот, ако воопшто има заштита од нуклеарно оружје), но и ќе партиципираат воено во сите активности поврзани со украинската војна. Бидејќи, да не се лажеме, во Украина војуваат Русија и НАТО, а не Русија и Украина (која е само прокси). Според мене, конструктивноста ќе беше ако овие две неутрални земји ги споделеа навреме своето искуство и модел со меѓународната заедница во насока на помагање на Украина да создаде безбедносна позиција што нема да ја провоцира соседната моќна нуклеарна сила, а себеси ќе си обезбедеше национална одбрана (во навистина одбранбен стил). Вака, станува парадоксално дека земјата што мнозина ја споменуваа како модел за решение на воените грижи на Русија и безбедносните потреби на Украина (финскиот модел на неутралност) фактички пропаѓа! Тогаш, зошто Украина би прифатила неутралност? Ова е опасен тек на настаните бидејќи од Украина се бара да се бори докрај, да не преговара – и да се соочи со судбината каква и да е, во име на идејата за зачленување во НАТО. Досега платената цена е огромна не само во територија и деструкција туку и во човечки животи и ресурси – вели професорката Билјана Ванковска.
За воено-политичкиот аналитичар Методи Хаџи-Јанев можното аплицирање на Шведска и Финска за членство во НАТО сигурно не би се одразило конструктивно на решавањето на актуелниот руско-украински конфликт, но исто така го потенцира моментот за процена на западната демократија, кога треба да се премине во наредната фаза од ставот за разумна воздржаност од директна конфронтација со Русија.
– Она што, сепак, е јасно е дека Русија наметна темпо (кое за Западот беше неочекувано или не сакаше да поверува дека е можно), а тоа е да ги решава недоразбирањата со употреба на сила. Во таа насока, Русија е на пат да го редефинира светот не само идеолошки, туку и географски. На западните дипломати овде, за волја на вистината, треба да им се даде признание во смисла на тоа што покажаа разумна воздржаност од директна конфронтација со Русија. Но тука е и парадоксот на проблемот. До кога таа разумна воздржаност е разумна и кога знаете дека е потребно да преминете во друга фаза. Последното е особено важно поради неодамнешните збиднувања околу амбицијата на Шведска и на Финска да влезат во НАТО и реакцијата на Москва за таквата одлука. Дилемата околу овој став е што ќе се случи ако Путин (секако под услов да остане претседател) за две години од сега смета дека НАТО не смее да биде на неговата граница, па бара од сегашните НАТО-членки (балтичките земји, Полска, Романија и Бугарија, или сите заедно, или дел по дел) да одлучат дали ќе се демилитаризираат или тој ќе го стори тоа со сила, оти се чувствува загрозено – вели аналитичарот Методи Хаџи Јанев.

Можни ли се разидувања меѓу НАТО-сојузниците

Опцијата за брз прием на Шведска и Финска во НАТО (доколку одлучат да аплицираат), во еден контекст беше повод за одредени (повеќе реторички) прашања од лидери на актуелни членки на Алијансата дали сепак тоа треба да се случи целосно безусловно. Имено, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ јавно изнесе идеја Хрватска да размисли за ратификацијата на приемот на двете нордиски земји во НАТО во замена за одредени концесии од ЕУ за некои национални интереси на неговата земја. Притоа потсети на ветото на Грција за нашата земја, споменувајќи дека е некоректно Македонија да си го смени името за НАТО, а Финска и Шведска да влезат прекуноќ… Можни ли се разидувања меѓу НАТО-сојузниците и повторно посегање по опцијата вето за приемот на Шведска и на Финска?
– Милановиќ никој не го зема сериозно, а тој е во дуел со Пленковиќ, кој има посилна позиција како премиер, така што никакво вето нема да се случи доколку двете земји побараат членство. И истото тоа ќе биде ефектуирано буквално прекуноќ – категорична е професорката Ванковска за дилемите што ги наметнува хрватскиот претседател.
Сепак, и покрај подготвеноста и заслугите на Шведска и на Финска да бидат членки на НАТО, како и отворената желба во Алијансата за прием на овие две земји во своето јато, дури и да се предвидлива меѓусебна закана меѓу големите сили, предупредувањата за трета светска војна никако не смеат да се запостават како наивна реторика.
– Начинот на кој т.н. меѓународна заедница, а особено Западот, се однесува од почетокот на војната, ама и претходно, веќе дава основа да зборуваме за „месечарење“, т.е. чекорење кон тотална, трета светска војна, со очи ширум затворени. Слична ситуација како со почетокот на Првата светска војна. Финска и Шведска не се ни причина ни повод, бидејќи спиралата на незапирлива ескалација, која јас не гледам некој да сака да ја запре, е одамна откочена. Во таква ситуација, кога НАТО е фактички завојувана страна (а и Западот со санкциите што не се одобрени од Советот за безбедност на ОН, кој е единствен орган што може да ги наметне на легален начин), припаѓањето на ниту еден блок не значи безбедност, туку соучество во ова што се одвива. Проблемот е што денес ама баш никој не е безбеден: економски, социјално, со енергенти или храна, а на крајот и со воени средства – размислува професорката Ванковска.
За спречување на сите стравувања од трета светска војна, воено-политичкиот аналитичар Хаџи-Јанев смета дека „идеално е ако војната во Украина се заврши со мировен договор и со повлекување на руските сили“. Но во мигов не се наѕира такво решение.
– Најекстремните ставови според некои анализи беа – дека за да се спречи Путин, НАТО би требало да се распореди во Лавов за да може да одврати каква било инвазија. Овој предлог, најверојатно, е изграден врз идејата на теоријата за одвраќање, која во времето на Студената војна успеа да спречи конфликт од голем и апокалиптичен размер. За да ја разбереме оваа теорија, ќе ја поедноставиме и ќе дадеме пример. Теоријата на одвраќање е функционална ако и само ако противниците меѓу себе преку своите постапки се убедат преку психолошки ефект на верување за решителноста дека ако страната А ја нападне страната Б, оваа е подготвена да врати во иста мера. Тоа е поради фактот дека независно колку условно се налудничави лидерите на која било од страните (секако до оној момент додека се пресметливи), значи дека цената да бидат заемно уништени ги одвраќа да преземат каков било следен чекор што би водел кон уништување. Условот притоа е двете страни да имаат ист или приближен капацитет. Откако овие предлози беа молскавично отфрлени, сега се поставува прашањето дали и како Западот ќе реагира на следните чекори и побарувања на Русија. Идеално е ако војната во Украина се заврши со мировен договор и со повлекување на руските сили. Засега, барем како што стојат работите, тоа е далеку од возможно – констатира Хаџи Јанев.