Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија со жестока реакција

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите.
– На 16.4.2022 година, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателката на државата, Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и други, официјално го отворија бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“, по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер. Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа – се наведува во соопштението на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Според нив, со овој чин се загрозува мултикултурализмот.
– Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор, кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98 отсто од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин што не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија – се наведува во соопштението.
Понатаму уште се додава дека тие, наследниците на преживеаните од холокаустот, нема да ги премолчат ваквите појави и бараат итно и неодложно преземање неколку чекори.

Како прво, бараат во Собранието да се донесат измените на Кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.
Понатаму бараат да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите.
Меѓу нивните барања е и тоа Владата на Р Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна, а на крајот се бара од Европската Унија и од Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Р Бугарија.
– Ние, Евреите од Република С. Македонија, како и голем број македонски граѓани, имаме многу пријатели од Р Бугарија со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и преостанатите докажани нацисти од врвот на власта на царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на заемна почит, пријателство и доверба. Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината – се наведува во соопштението на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. С.Т.