Фото: Маја Јаневска-Илиева

Генезата на односот на супремација од страна на Бугарија кон Македонија, всушност, треба да се побара многу подлабоко, во односот на Русија кон Бугарија. Токму Русија низ историјата покажувала слични аспирации и тенденции кон бугарската држава и народ. Софија оттаму ги влече својата искомплексираност и фрустрации. Затоа и не треба да зачудува цврстиот став на бугарскиот политички естаблишмент, како и на самите Бугари, да не се прават никакви отстапки во преговорите со Македонија додека земјава не ги прифати ултимативните барања на Софија, за бугарски идентитет на Македонците, за бугарско потекло на јазикот, како и за бугарска историја

Од каде фрустрациите на Софија во пакет со сталинистичко-болшевичките
методи со кои удира врз Македонија

Бугарското вето за македонските евроинтеграции и апсурдните барања содржани во нивната декларација, изгласана во нивното народно собрание, која всушност е одраз на бугарските вековни стремежи и аспирации кон ова парче земја, се одраз на една длабока фрустрација од минатото, од која Бугарија и самото бугарско општество никако не можат да се ослободат.
Затоа и не треба да зачудува ригидниот анахрон став на бугарскиот политички естаблишмент, како и на самите Бугари, да не се прават никакви отстапки во преговорите со Македонија додека земјава не ги прифати ирационалните, без основа и ултимативните барања на Софија, за бугарски идентитет на Македонците, за бугарско потекло на јазикот, како и за бугарска историја?!

Не прави му го на друг она што не сакаш да ти го прават тебе

Генезата на ваквиот однос на Бугарија кон Македонија, всушност, треба да се побара многу подлабоко, во односот на Русија кон Бугарија, која низ историјата покажувала слични аспирации и тенденции кон бугарската држава и народ.
– Бугарската општост сè уште не може да прифати дека, де факто, била окупирана од СССР/Русија, во периодот од 1944 година, па до 1990 години, но и до денешен ден. Зошто? Затоа што се работи и за духовни последици од руската окупација. Земјата е окупирана уште од она што таму се нарекува „освобождение“, а во суштина е окупација со познати имиња. Тука се Леонид Соболев, Казимир Ернрот, Александар Каулбарс, кнез Дондуков и други руски насилници што во периодот по 1878 година владеат со Бугарија со полна сила. Се слават како ослободители, денес низ земјата има улици со нивните имиња, но за „стокхолмскиот синдром“ сите ние разбравме подоцна – се наведува во еден аналитички текст во кој отворено се елаборира постоењето на проблем и во самото бугарско општество.
Токму тука најдобро е лоциран тој бугарски комплекс, она што Русија го правела врз нив, тие со истата методологија да го применуваат врз Македонија. Принципот е ист, една голема земја како Русија ги покажува сета моќ и супремација врз помалата Бугарија, а во нашиот случај, поголемата Бугарија таквиот однос го демонстрира врз малата Македонија. Овој метод се покажа како целосно функционален, особено кога хегемонизмот најде плодна почва и во меѓународната политика, сето тоа оправдано со искривоколченото толкување на меѓународното право.
Официјална Софија во овие 30 години практично ја користи истата формула, тоа што им се правело ним со децении по налог на Москва, сега го применуваат врз македонскиот народ. Дури и терминологијата е иста, окупацијата на Македонија да се претстави како ослободување, а бугарските војници облечени во фашистички униформи како „ослободители“.

Бугарскиот однос кон Македонија е класично пресликување на рускиот однос кон Бугарија

Историчарот Тодор Чепреганов целосно се согласува дека бугарскиот однос кон Македонија е класично пресликување на рускиот однос кон Бугарија, со примена на иста методологија и наративи.
– Бугарија денес, во 21 век, го користи истиот метод што врз неа го применуваше Русија. Комплексот што го имаат Бугарите спрема Русија во однос на нивната државност, сега го покажуваат на Македонија. Едноставно, сакаат да покажат дека тие се факторот што ќе ни кажува кои сме, што сме, дали ќе влеземе во ЕУ или, пак, не. Тој негаторски однос, однос на понижување, постои затоа што Бугарија го има комплексот дека некој друг ѝ ја дал државноста. Го слават 3 март како ден на државноста, а всушност слават руски празник, бидејќи Русите им ја дале државноста. Тие се творба на Русите, а не како што тврдат дека ние сме творба на Тито и Коминтерната. Бугарија е творба на Русија и не може да избега од тоа, тука е проблемот кај нив. Дури и спомениците што се изградени во чест на Русите низ Бугарија го покажуваат тој потчинет однос. Затоа сега има струи во Бугарија што се обидуваат тој комплекс да го протолкуваат поинаку, дека Русите не помогнале, дека немаат никаква врска со создавањето на бугарската држава, само за да го избегнат тој комплекс – појаснува Чепреганов.

Тодор Чепреганов / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според него, Македонија нема никакви комплекси од минатото и не смее да дозволи Бугарија врз нејзиниот грб да ги лечи историските фрустрации.

– Тој комплекс дека некој друг ве формирал создава багаж. Бугарија дури не беше присутна на Сан Стефано, таму беа Русите. Бугарите ниту знаеја, ниту, пак, беа свесни дека им е формирана државата. Ние тоа го немаме, бидејќи сме учествувале на страната на антифашистичката коалиција, сме биле основачи на ОН, така што со Бугарија можеме и треба да разговараме сосема рамноправно, без каков било комплекс – истакнува Чепреганов.

Правејќи дополнителна споредба на методите што Русија ги применувала врз Бугарија со оние што Софија денес ги применува врз Македонија, Чепреганов препознава желба кај Бугарите да покажат еден патерналистички однос кон земјава.

– Бугарија сака да покаже еден патерналистички однос кон Македонија, дека е таа поголема, дека тој сон за санстефанска Бугарија ѝ е одземен, но дека и натаму постои. Таа го има тој однос на супремација, значи ние сме тие што ќе ви кажеме како ќе се однесувате. Тоа е исто и со ова што ни се случува и со Европската Унија. Ние сме мали, тие се тие големите што се дел од таа заедница, без оглед што Унијата си ги погазува сопствените основни начела врз кои е формирана и едноставно стои зад сето она што го бара Бугарија од Македонија. Односот е ист, само што Бугарите не можат да кажат дека нè формирале како македонска држава. Затоа постојано потсетуваат дека први нè признале, но нè признале за да ни ги прават овие работи што ни ги прават сега. Наместо Бугарија да ги почитува човековите права и како поголема држава да ни помогне да тргнеме по патот кон Европа, таа нè кочи. Со тоа лекуваат историски комплекси преку демонстрирање некаква супремација, како што Русија тоа го покажувала врз нив – заклучува Чепреганов.