Фото: Игор Бансколиев

И понатаму останува нејасно дали „напредокот“ во работата на македонско-бугарската историска комисија, кој бугарскиот премиер Кирил Петков го најави на општо изненадување, се темели врз прифаќање на предлогот за двете перспективи за одредени настани и личности или, пак, македонската страна еднострано целосно го прифатила бугарскиот историски наратив за Самоил…

Дали има основа за оптимизам за напредок во работата на историската комисија?

Деновиве од Софија пристигнуваат сигнали за „напредок во работата на македонско-бугарската историска комисија“.Таквите сигнали беа потврдени и од бугарскиот премиер Кирил Петков, кој изјави дека „е постигнат напредок за важни историски личности и нивниот третман“. И покрај манифестираниот оптимизам, останува под знак прашалник дали има вистински напредок во работата на комисијата, доколку се земат предвид децениските бугарски постапки што го негираат правото на Македонците сами да го одредат својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија. Неколкумина познавачи на оваа проблематика посочуваат дека токму тоа е главниот проблем во работата на комисијата.

Бугарските историчари инсистираат само на нивното гледање

Дека постои проблем околу Самоиловото Царство потврди и Драги Ѓоргиев, кој изјави: „Од наша страна, понудивме при претставувањето на цар Самоил во учебниците, учениците да имаат две перспективи на таа Самоилова држава: дека е наследник на средновековното бугарско царство, но и дека има тези дека е независно царство.“ Првиот човек на македонскиот дел од комисијата посочи и дека неговите бугарски колеги инсистирале да биде само царство што ја наследува традицијата на Првото Бугарско Царство.
Тука заглавивме, тие инсистираа само на нивното гледање – вели Драги Ѓоргиев.
Очигледно е дека бугарските членови во комисијата го негираат правото на македонските членови на комисијата да искажат поинаков историски наратив од оној на бугарската „историографија“. Тука треба да се потсети на фактот дека гледиштето на македонската историографија дека Самоил создал нова држава со јадро во Македонија е споделувано и потврдено од европските историчари, вклучувајќи и повеќе руски, како што е Игор Николаевич Панарин.

Дали има основа за оптимизам?

Европската практика покажува дека проблемите, како што е прашањето за карактерот на Самоиловото Царство, се решаваат преку преставување повеќе гледишта, а не преку наложување одреден историски наратив. Според познавачите на состојбите, мала е веројатноста дека бугарските членови на комисијата ќе го прифатат предлогот за две перспективи на Самоиловата држава. Притоа, мора да се има предвид дека не станува збор за историски, туку за политички наметнат проблем.
Истакнатиот меѓународен политиколог Френсис Фукујама многу јасно го согледа проблемот. Според него „поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија“, додавајќи дека „сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот наратив и тоа да не биде диктирано од другите земји, од други поголеми земји што сакаат да им кажат различни приказни.“
Затоа логично се поставува прашањето дали има основа за оптимизам за напредок во работата на историската комисија. И понатаму останува нејасно дали напредокот се темели врз прифаќање на предлогот за двете перспективи или македонската страна целосно го прифатила бугарскиот историски наратив за Самоил.
Македонските црвени линии во однос на наметнатиот проблем од Бугарија јасно се определени во Меморандумот на МАНУ, МПЦ и УКИМ, преточен во резолуција усвоена од македонското собрание, во кој се вели дека „македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековни традиции“. Во овој контекст, Самоиловата држава е традиција од која Македонците го црпат својот легитимитет и сите отстапки можат да го нарушуваат нивниот национален идентитет, притоа ќе се прекрши и принципот за почитување на поинаквиот историски наратив.


Цар Самоил – владетел на држава со јадро во Македонија

Историјата како наука се занимава со проучување на минатото, односно со развојните процеси и текови што довеле до историските појави. Поради одредени сложености, светската практика покажува дека честопати се случува историчарите врз основа на своите истражувања да имаат различно видување за одредени личности или појави од минатото. Во овој контекст, европските експерти што го истражуваат средновековието искажуваат две спротивни видувања за карактерот на Самоиловото Царство, притоа не смее да се заборави дека станува збор за повеќедецениска историска проблематика. Во бугарската историографија доминира гледиштето дека цар Самоил и неговата држава имаат бугарски карактер, но не сите се согласуваат со ова искажување.
Повеќемина европски историчари посочуваат дека Самоил создал нова држава, која ја разграничуваат од Првото Бугарско Царство, уништено во 971 година. Истакнатиот светски византолог Георгиј Острогорски за оваа проблематика вели: „Идеолошки, Самоиловото Царство било поврзано со старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија, Самоил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото Царство, кое паднало под ударите на Византијците. Всушност, неговото царство значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото Царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил кон југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самоил би било воспоставувањето на старото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Но интересот на Самоил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби, областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите речиси и не ги споменуваат. Експанзијата на Самоиловото Царство била пред сѐ свртена кон југ“.
Самоиловото прифаќање на наследството на Симеоновото и Петровото Царство не е исклучок. Низ историјата постојат неколку слични појави, како што е крунисувањето на средновековниот франечки владетел Карло Велики за римски император, поради што неговата држава во изворите се именува како Римска Империја. Идентично постапил и германскиот владетел Отон Први кога бил крунисан за римски император, претставувајќи се себеси за наследник на Карло Велики и римските традиции, а неговата држава се именува како Свето Римско Царство. Карло Велики и Отон Први владееле со две различни империи, првата со јадро во Франција, а втората со јадро во Германија. Познавачите на средновековниот период велат дека повикувањето на одредена традиција не го определува етничкиот карактер на одредена средновековна држава, затоа во европската историска наука не постојат контроверзии или негирања околу ваквите прашања.