Фото: Игор Бансколиев

Зошто Бугарија не може да биде сметана како доверлив партнер ниту за САД ниту за ЕУ? Тоа е прашањето на кое побаравме одговор од повеќе домашни и странски експерти, професори и дипломати. Според нив, причината е повеќеслојна, но факт е дека во некои конкретни постапки на меѓународната заедница веќе има елементи со кои кон Бугарија отворено се демонстрираат недоверба и несогласувања, и тоа не само вербално. САД го одложија испраќањето на авионите, ЕУ одолжува со финансиската помош, а за сето тоа има сериозни причини. Никој не му верува на партнер што ги прекршува принципите на демократијата, принципите на НАТО и на ЕУ, кој не ги почитува Копенхашките критериуми, едноставно водејќи си некаква своеглава политика, прекршувајќи ги принципите на меѓународното право, која очекува сите да ја одобрат?!

Експлицитни гестови на недоверба од САД и од ЕУ кон власта во Софија

Одлуката на САД да ја одложат испораката на воените авиони „Ф-16“ на Бугарија говори за тоа дека Вашингтон во голема мера ја загубил довербата во бугарските власти. Неиспорачувањето на американските воени авиони, во ситуација кога заканата од проширување на украинската криза кулминира, а Бугарија се наоѓа на источните граници на НАТО и претставува „прва линија на одбрана“ на Западот е, во најмала рака, зачудувачка. Меѓутоа, токму во ваква ситуација на ескалација на конфликт и опасност, откажувањето на испораката на софистицирано оружје значи дека довербата да се довери нешто исклучително значајно и вредно е еродирана до максимум. Падот на довербата во бугарската влада од страна на администрацијата на САД е колосален. Вашингтон не е подготвен да прифати толкав ризик и да ѝ верува на Бугарија, и тоа по повеќе основи. Несомнено, ова е сериозен сигнал дека нешто не е во ред со Бугарија, која, освен од САД, ја губи довербата и од Европската Унија, која веќе е уморна од празните ветувања на Софија дека ќе се справи со предизвиците како земја-членка.

Пет главни причини за загубената доверба

Повеќе од очигледно е дека станува збор за повеќеслојна недоверба со која се соочува источниот сосед, а според сите анализи, има неколку клучни сегменти што во најголем дел влијаат Бугарија да ја загуби довербата кај западните партнери, без оглед што веќе 15 години е член на европското друштво на Унијата и ги споделува истите западни вредности.
Имено, и покрај сите декларативни заложби, во Бугарија и натаму продолжува да царува корупцијата, која е длабоко вкоренета во секоја пора од општественото живеење, особено во делот на судството. САД уште минатата година предупредија дека корупцијата во Бугарија е масовно распространета и станала ендемична. Вашингтон упати сериозни сигнали до официјална Софија, ставајќи на црната листа шестмина бугарски граѓани, од кои тројца важни личности. Токму на ова посочува и копретседателот на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден – Пирин, Стојко Стојков, според кого доколку и Европа малку подлабински ги прочепка работите во Бугарија, ќе утврди дека таа земја е легло на корупцијата. За ова се свесни и самите Бугари, кои токму на крилјата на ветената борба со корупцијата го донесоа на власт актуелниот премиер Кирил Петков, кој по првичниот занес дека ќе ја искорени оваа негативна општествена појава, како полека да се соочува со реалноста дека борбата со корупцијата е невозможна мисија. Неговиот обид да демонстрира справување со високата корупција преку примерот со приведувањето на поранешниот премиер Бојко Борисов заврши неславно, со негово ослободување, што за актуелниот бугарски премиер беше сурово соочување со реалноста.
– Повторно сме соочени со целосна саботажа на обвинителството на Бугарија – изјави Петков, притоа додавајќи дека обвинителството ја попречува работата на секој што се обидува да се справи со корупцијата во Бугарија.
Во борбата со корупцијата во Бугарија се вклучи и Европското јавно обвинителство, што е само потврда дека ЕУ не му верува на бугарското правосудство во неговите заложби за борбата со корупцијата.

Бугарија склона кон калкулантство и „подземна дипломатија“

Покрај корупцијата, втора причина поради која Бугарија ја загуби довербата од САД и од ЕУ е отвореното русофилство, кое бугарската политичка елита и натаму отворено го истакнува. Непосредно пред руската инвазија врз Украина, бугарскиот претседател Румен Радев отворено истапи и кажа дека го смета Крим за составен дел на Русија, по што, по притисокот на Вашингтон, од неговиот кабинет ја дообјаснуваа ваквата изјава. Радев е претставник на таа руска воена школа, од која тешко може да се оддели, а тоа е забележливо и во неговите политички ставови, особено во односот кон Македонија и класичниот живковистички пристап. Пред извесно време, актуелната бугарска министерка за одбрана Теодора Генчовска се закани со оставка доколку Бугарија испрати оружје во Украина, а проруски влијанија има и во голем број бугарски политички партии, некои и парламентарни. Тука можеби треба да се бараат причините зошто САД не ги даваат авионите, бидејќи се сомневаат дека нивната технологија лесно може да стане достапна за Русите. За тоа придонесе и неодамнешната шпионска афера во полза на Русија во бугарското министерство за одбрана. Факт е дека Бугарите низ вековите биле на погрешната страна на историјата, приклонувајќи се ваму или таму, со што никогаш не оставиле впечаток дека може да им се верува. Дополнителна потврда е и фактот што голем дел бугарски медиуми и натаму се финансираат од Русија и продолжуваат да го шират руското влијание меѓу бугарските граѓани, што ниту за САД, како и ниту за Европа, не е прифатливо.

Симпатиите кон фашизмот сè уште се присутни во Бугарија

Трет момент што влијаеше на губењето на довербата и кредибилитетот е отворената поддршка што бугарската држава ја дава кон фашизмот. За неколку недели Европа ќе го одбележува 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, а истовремено бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски поздравува со нацистички поздрав среде Европскиот парламент, додека бугарски политичари присуствуваа на отворањето на бугарски културен клуб во Македонија што беше именуван според отворен соработник на фашистичка Германија.
Бугарија повторно пропагира и издигнува на пиедестал осудени и заборавени ликови од фашистичкото минато, наместо да се огради од сопственото фашистичко минато и да се извини за сите оние што настрадале од нејзините погрешни политики за време на Втората светска војна. Во таа фашистичка матрица остануваат заглавени и нови генерации бугарски граѓани, кои секоја година му оддаваат почит на контроверзниот генерал Христо Луков, близок до фашистичка Германија. Сето ова говори дека Бугарија едноставно не сака да се одвои од фашистичката кауза, туку ја пропагира како национална политика на издигнување на бугарштината.
Меѓу причините зошто Бугарија ја губи довербата во светот е и непочитувањето на европските институции. Имено, таа има добиено 16 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур за прекршени права на македонското малцинство, а не почитува ниту една. Без оглед што се обврзала дека ќе ги почитува малцинските права, таа не признава постоење на малцинства на својата територија и не дозволува тие да се здружуваат и да ги остваруваат своите малцински права во согласност со европските критериуми. Иако е членка на ЕУ, таа е антиевропски ориентирана. Не ги почитува ниту европските стратегиски интереси за проширување на овој дел од Балканот, туку од хегемонистички побуди го блокира целиот процес само да ги оствари целите поставени пред повеќе од еден век.
Бугарија ја загуби довербата како кредибилен партнер и од аспект на меѓународното право, бидејќи со ветото за Македонија, таа, всушност, флагрантно го прекрши меѓународното право, оспорувајќи го правото на самоидентификација на еден народ, негирајќи ги неговиот идентитет, јазик, историја и култура. Не само што станува збор за прекршување на меѓународното право и Повелбата на ОН туку станува збор и за геноцидна политика кон еден соседен народ во 21 век.

Македонија нема кредибилен партнер за разговор

Сите овие горенаведени работи едноставно покажуваат дека Бугарија не може да се смета како доверлив партнер ниту за САД ниту за ЕУ, а тие веќе почнаа и отворено да го демонстрираат тоа кон оваа земја, однесувајќи се кон неа како кон изолиран остров.
САД го одложија испраќањето на авионите, ЕУ одолжува со финансиската помош, а за сето тоа има сериозни причини. Никој не му верува на партнер што ги прекршува принципите на демократијата, принципите на НАТО и на ЕУ, кој не ги почитува Копенхашките критериуми, едноставно водејќи си некаква своеглава политика, која очекува сите да ја прифатат.
Последните случувања со Македонија само ги потврдуваат сите овие констатации, па затоа со право македонската јавност си го поставува прашањето дали е дојдено времето да им се каже „стоп“ на овие уценувачки преговори со Бугарија, особено ако на спротивната страна имаме партнер што го загубил кредибилитетот и кај САД и кај ЕУ.
– Сега треба да бидеме со постудени глави. Сега знаеме, начисто сме. Сега јавноста во Македонија веќе никој не може да ја лаже дека Бугарија има добри намери. Едноставно нема добри намери. Во моментов е таква политичката ситуација, дали ќе се смени и како ќе се смени, ќе видиме, треба за тоа да придонесуваме, меѓутоа само со наша стратегија што ќе ги брани нашите национални интереси – вели Малинка Ристевска Јорданова, членка на Управниот одбор на Институтот за европска политика.
Според неа, Бугарија со актуелните позиции што ги застапува не е кредибилен партнер за разговори и Македонија треба да бара нов пристап на патот кон ЕУ.