Фото: Архива

Одгласи во Бугарија по заклучоците на тамошниот Консултативен совет за национална безбедност (КСНБ) во однос на Македонија

Во Бугарија, неколку дена по одржувањето на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ), свикан од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, преовладуваат поделени мислења во врска со заклучоците од Советот за безбедност. Тие се движат од согласување со заклучоците донесени на Советот до констатација дека тие уште повеќе ги оддалечуваат двете земји од можност за договор.
Сепак, она што особено треба да се издвои е дека кај дел од тамошната интелектуална фела преовладува мислењето дека со заклучоците утврдени на КСНБ, кои се на иста линија со рамковната позиција и бугарската декларација усвоена од 44-то Народно собрание во 2019 година, не се нуди можност за компромис меѓу Бугарија и Македонија, туку односите уште повеќе се заладуваат.
Универзитетскиот професор и историчар Стефан Дечев, во гостувањето на БНТ, истакна дека Бугарија е таа што со своите позиции креира недоверба.
– Самата рамковна позиција што говори за една бугарска историја до 1944 година и Декларацијата на парламентот, всушност, претставуваат бугарско отстапување од Договорот за пријателство и соработка, во кој се говори за заедничка историја на двете држави и нивните народи. Тоа е едно многу чувствително разидување, кое цело време ја принудува македонската страна да биде на штрек, бидејќи сите други изјави, од типот „ако сакате, бидете и Марсовци“, ги става во позиција да не ни веруваат дека ние гледаме сериозно на нивната држава, нивниот идентитет и на нивниот денешен јазик – потенцира Дечев.
Според него, Македонија го потпишала Договорот за пријателство и соработка за да стане членка на НАТО и ЕУ, додека Бугарија тоа го направила од други побуди.

– Македонија го потпиша тој договор за да може да влезе во НАТО и ЕУ. Бугарија го потпиша тој договор за да го искористи како инструмент за востановување на скриената од македонското општество неколкудецениска историска вистина и, на крајот, Бугарија тргна во исполнување на Договорот сигурна дека 100 отсто од вистината е на наша страна – рече Дечев.
Неговото мислење е дека актуелната бугарска позиција кон Македонија треба да биде надградена и да ѝ се овозможи на новата бугарска влада да ги реализира плановите што ги најави премиерот Петков за формирање повеќе комисии, кои треба да помогнат што поскоро да се дојде до решение. За Дечев, најдобар начин да се надминат историските несогласувања меѓу двете земји е да се адаптира и примени членот 7 од Преспанската спогодба.
Коментирајќи ги заклучоците донесени по КСНБ, директорот на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков, смета дека Бугарија нема никаква полза од блокадата на Македонија.

– Бугарија ништо не добива од блокирањето на Македонија, туку губи, бидејќи ние во добар дел сме меѓународно изолирани, што се должи и на непознавање на функционирањето на механизмите на ЕУ… Ние во овој момент се обидуваме не да најдеме, туку да наметнеме решение, што во Унијата не поминува. Од тие причини, ние успеавме целиот притисок, што вообичаено е врз земјите кандидати, да го префрлиме врз нас – нагласува Ќучуков.
Тој уште додава дека во интерес на Бугарија е што побрзо да се најде решение со Македонија.
– Решението мора да биде двострано, прифатливо за двете страни и договорено од двете страни. Кон тоа треба да се стремиме – истакна Ќучуков.
Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов, во посебно гостување на БНТ, изјави дека е важно Бугарија да воспостави пријателски дијалог со Скопје, оценувајќи ја како чекор напред во таа насока најавената посета на премиерот Петков на Македонија.
– Бугарија, кога станува збор за Балканот и нашиот регион, не треба да зазема цврсти позиции – нагласува Прванов.


Анкета: Мал раст на бугарската поддршка за членство на Македонија во ЕУ

Извесно омекнување на ставовите во однос на македонските евроинтеграции може да се забележи и кај бугарските граѓани, а тоа најдобро го покажуваат резултатите од анкетата направена од страна на од „Алфа рисрч“, објавени во рамките на емисијата „Референдум“ на Бугарската национална телевизија.
Според анкетата, 29,6 отсто од испитаниците се согласуваат Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и без претходен договор со Бугарија, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година. Од анкетираните, 69 отсто сметаат дека не треба да се дозволат преговори без да се решат отворените прашања. Во ноември 2020 година, овој сооднос изнесуваше 81,1 отсто.
Понатаму, резултатите покажуваат дека речиси 61 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Македонија треба да стане членка на Европската Унија, наспроти 32,2 отсто од испитаниците што се противат на оваа идеја.
Анкетата уште покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и на Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат, за да ги деблокираат македонските преговори со ЕУ. Од испитаниците, 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто сметаат дека треба да се изградат целосно нови позиции.