Карикатура: „Нова Македонија“

Во одбрана на очигледните и сѐ почести атаки кон полскиот државен интегритет и судските власти, полскиот премиер ѝ порача на Европската комисија дека „ЕУ се обидува да го поткопа владеењето на правото во Полска“! Притоа, тој ги потсети полските судии дека „нивната прва лојалност е токму кон Полска и полскиот устав и закони“! Полскиот премиер го гледа судирот на Полска со Европската Унија како силен предизвик и дел од еден поширок заговор, чија цел е „да се поткопа Полска“. Тој ја обвини Европската комисија дека се обидува „да ја разбие Полска и да ја принуди на целосно потчинување на Германија“. Од владејачката партија во Полска, Право и правда (ПиС), изјавија дека Полска за одбрана на својот интегритет „ќе ги насочи топовите кон ЕУ во спорот за владеење на правото“ со ЕУ. Интересно е што овој пат гласот против принципите и политиките на Унијата доаѓа одвнатре, од земја-членка. Македонија, пак, веќе со децении макотрпно се обидува да зачекори по европскиот пат и безброј пати досега директно на своја кожа ги има почувствувано притисоците, уцените, двојниот морал и лажните ветувања на Брисел

Европската комисија не ги исполнува своите обврски кон Полска, бидејќи Варшава не игра по нотите на Брисел

Варшава стравува дека во спорот и борбата со ЕУ, Брисел ќе ја истурка Полска надвор од Унијата. Полскиот лидер Јарослав Качињски изјави дека неговата влада нема да преземе дополнителни чекори за слепо и беспоговорно да ги исполни инсистирањата на Европската комисија за спроведување на барањата на Брисел по нивни терк. Во формулацијата на Европската комисија стојат „барањата до Поска за владеење на правото заради отклучување грантови и заеми од 35 милијарди евра од програмата на ЕУ за помош на пандемијата“. Но што е заднината на таквиот европски каузалитет на испорачани барања?!
– Покажавме максимално добра волја, но отстапките не дадоа ништо – изјави полскиот лидер Качињски за јавноста.
Тој инсистираше на фактот дека Полска ја исполнила својата обврска од договорот со Брисел за да се повлече од некои аспекти на реформите на судскиот систем во замена за парите од ЕУ, но договорот беше „раскинат“ од другата страна. Тој додаде дека е време да се извлечат поуки.
Бидејќи Европската комисија не ги исполнува своите обврски кон Полска во оваа област, ние немаме причина да ги исполнуваме нашите обврски кон Европската Унија – изјави Качињски.
За потсетување, Европската комисија ѝ постави услови на Полска да исполни низа измени во судскиот систем, наводно поради „прекршување на демократските стандарди на ЕУ“.
Во тој контекст, полскиот парламент минатиот месец усвои закон што презеде некои чекори во врска со барањата на ЕУ. Но, според Европската комисија, тие мерки не отидоа доволно далеку, како што изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, за полскиот весник „Ѕеник газета правна“.
Од друга страна, полскиот лидер Јарослав Качињски изјави дека полската влада, предводена од неговата партија Право и правда (ПиС), нема да стори ништо повеќе на тој план. Тој ја обвини Европската комисија дека се обидува да го поткопа владеењето на правото во Полска! Притоа, Качињски ги потсети полските судии дека нивната примарна лојалност не е кон него, туку кон Полска, полскиот устав и законите. Тој го гледа ова прашање како дел од поширок заговор, чија цел е да ја поткопа Полска, и ја обвини Европската комисија дека се обидува „да ја разбие Полска и да ја принуди на целосно потчинување на Германија“.
Ние не се вклопуваме во германско-руските планови за владеење со Европа. Независна, економски, социјално и воено силна Полска е пречка за нив – предупреди тој.

И партијата на Качињски, Право и правда (ПиС), целосно застана зад Качињски во борбата со Брисел.
Ако Европската комисија се обиде да нѐ турне до ѕидот, нема да имаме друг избор освен да ги повлечеме сите топови во нашиот арсенал и да отвориме оган – предупреди Кшиштоф Соболевски, генералниот секретар на партијата на Качињски, во интервју за полското државно радио.
Тој рече дека Варшава ќе ја усвои стратегијата „заб за заб“, со ставање вето на иницијативите на ЕУ, градење коалиција за отпуштање на Фон дер Лејен и разрешување на целата европска влада (Европска комисија), како и преземање правни мерки против Брисел за да ги добие парите од фондот за наплата.
Полската опозиција, пак, ги критикува воинствените коментари на Качињски и другите водачи на ПиС и ги предупреди Полјаците дека таквата политика ќе доведе до тоа Полска да излезе од ЕУ.
Колку повеќе Качињски ја користи ЕУ како тактика за заплашување, толку повеќе паѓа во потсмев. Никој нема да го сфати сериозно човекот што, наместо големи средства, претпочита да им даде на Полјаците сиромаштија, беззаконие, уништување на независноста на судството… – рече Гжегож Скетина, еден од лидерите на опозициската партија Граѓанска платформа.
Сепак, Кшиштоф Соболевски, генералниот секретар на партијата на Качињски, веднаш реагираше на тоа.

– Ние не ја напуштаме ЕУ – додавајќи дека неговата партија сака да го реформира блокот за да го промени во „унија на европски нации“.
Во своите експликации во јавноста, од партијата на Качињски истакнуваат дека Брисел настапува ултимативно, со уцени и притисоци. Исто така, тие истакнуваат дека примарната лојалност на полската влада и на граѓаните на Полска треба да биде кон нацијата, државата, односно Уставот и законите на Полска.
За издвојување е информацијата дека Полска се соочува со казна од „еден милион евра дневно од Судот на правдата на ЕУ поради непочитување на судскиот налог на ЕУ за суспендирање на контроверзниот дисциплински механизам за судиите во земјата“, засега во износ од повеќе од 280 милиони евра.
На полската влада ѝ се потребни средства од ЕУ за да помогне во справувањето со зголемената инфлација и зголемената закана од економската криза, но Брисел тоа го условува со свои, во најмала рака, чудни барања. Уште почуден е начинот на кој ЕУ со уцена сака да изнуди Полска да прифати нешто што не е од нејзин национален интерес и ги загрозува нејзиниот суверенитет и судски интегритет.
ЕУ кон другите членки на Унијата веќе има исплатено повеќе од 100 милијарди евра од средствата на обновата за закрепнување и отпорност, но исплатите на Полска и на Унгарија заглавија поради „несогласувањата за владеењето на правото“. Н.М.


Полскиот премиер повика на реформи против „империјализмот“ на ЕУ

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската Унија за империјалистичко однесување кон помалите земји-членки во авторски текст објавен на веб-страницата за весникот „Велт“.
Политичката практика покажа дека позициите на Германија и на Франција значат повеќе од сите други – напиша Моравјецки за германскиот медиум.
Тој повика на пристап заснован врз поголем консензус.
Значи, имаме работа со формална демократија и де факто олигархија во која најсилните ја имаат власта – наведе тој, додавајќи дека мора да има борба против империјализмот на ЕУ, како и со рускиот империјализам.
Премиерот, чија влада на Право и правда постојано се судира со Брисел околу прашањата за владеењето на правото, смета дека руската инвазија врз Украина го фрлила фокусот врз недостатоците на ЕУ. Тој повика на „длабока реформа што ќе ги врати општото добро и еднаквоста во првите редови на принципите на Унијата“. Политичарите на владејачката партија во Полска велат дека Варшава би можела да ѝ возврати на ЕУ доколку земјата не го добие својот дел од средствата за закрепнување од пандемијата.