ВМРО-ДПМНЕ смета дека министерот за здравство, Венко Филипче треба да поднесе оставка поради бројот на заразени со ковид-19. Од партијата велат дека тоа е единствен морален и исправен чекор во моментот.

– Филипче охрабри се – поднеси оставка – порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку сооопштение.

Партијата оценува дека Македонија тоне во зараза од ковид-19, а на секој час во последните 48 часа има по 10 заразени.

– Само вчера регистрирани се нови 243 случаи. Заев и Филипче велеа дека бројот на заразени нема да надмине 2.000, а сега тој е 18.602 и е речиси десеткратно повеќе отколку Заев и Филипче не уверуваа. Заев и Филипче немаат стратегија. Македонија секој ден има нов пик. И нема изгледи за стивнување на бранот – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата смета дека власта нема соодветни протоколи во градинките ниту во школите.

– Секојдневно гледаме заразени од градинки и одговорност нема – велат од ВМРО-ДПМНЕ. Предупредуваат дека состојбата е алармантна и на полето на починати.

– Во текот на вчерашниот ден починаа 4 лица, со што бројката на починати се искачи на 753. Заев и Филипче немаат контрола над ситуацијата.
Со Заев и Филипче Македонија само ќе тоне. И Заев и Филипче мора да понесат одговорност за хаосот во кој сме моментално – наведува опозицијата преку соопштение.