Љупчо Арсовски/Фото: Приватна архива

Богато искуство и претходно постепено напредување во дипломатијата, како и соодветни познавања, се потребните критериуми што треба да ги исполни македонскиот избор за клучна амбасадорска функција како што е онаа во САД, смета дипломатот од кариера и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, коментирајќи ја одлуката Зоран Попов да биде именуван за нов македонски амбасадор во Вашингтон.

– Без да навлекувам во политиката на именување, сметам дека за Америка е потребен човек со поголемо искуство, како што велам јас во дипломатијата, со поголема километража, каде што автомобилот поминал сѐ и сешто. Амбасадорите треба да се качуваат по дипломатската лествица за да дојдат до таква позиција и да имаат познавања за клучното место како амбасадорската функција во САД, а не да дојдат наеднаш – истакнува Арсовски.

Попов ги презентираше своите тези за дипломатската мисија во САД пред комисијата за надворешна политика, со што се завршени сите процедури за негово заминување во Вашингтон. Тој на оваа позиција доаѓа од местото државен секретар во МНР. Пополнувањето на амбасадорското место во САД ќе уследи по повеќе од четири години од заминувањето на претходниот амбасадор Васко Наумовски. Покрај Попов, пред членовите на Комисијата своите тези за дипломатските активности треба ди ги претстават и новите амбасадори Агрон Буџаку (Канада), Дритон Куќи (Норвешка), Евгенија Илиева (Словачка), како и вонредниот и ополномоштен амбасадор во Белгија, Методија Белевски.

– Се гледа дека се избра со одлуката за именување на нови амбасадори за да помине изборот за САД и за да не дојде до замерување со опозицијата. Непримерено е Македонија да нема амбасадор во една од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, исто како што претходно со години немаше амбасадор во Русија. Ова важи и за соседните држави, а битно е амбасадорските места да бидат пополнети со дипломати со соодветни квалификации – заклучува Арсовски.

МНР информира дека за уште тројца амбасадори се добиени агремани и оти во тек се нивните подготовки за преземање на должноста. Наскоро се очекува да биде испратено и барањето за закажување на седница на собраниската комисијата за надворешни работа. Станува збор за Виктор Димовски кој ќе биде амбасадор во Франција, Агнеза Руси во Бугарија и Јован Манасијевски во Турција.