Американски пензионирани адмирал и новинар го напишаа трилер-романот „2034“. Во него се опишуваат настани со кои по серија инциденти во Јужно Кинеско Море се предвидува апокалипса: војна меѓу САД и Кина. Романот има измислени ликови, кои се вклопуваат во различни сценарија, но сè се сведува на една точка: почетокот на американско-кинеската војна во 2034 година. На тоа му претходат серија настани што не се планирани, предизвикани од човечки грешки или нивни погрешни процени, но сè завршува со меѓународна трагедија каква што светот не видел дотогаш… Романот е предупредувачка приказна за нашето време и потсетник за тоа колку брзо може настаните да излезат од контрола – дури и пред 2034 година

Авторски роман на ветерани од американската армија, заснован на геополитички факти, што предизвика стравотно внимание на светската јавност

Во далечната 1978 година, британскиот маршал сер Џон Хакет ја објави книгата „Трета светска војна: август 1985 година“. Иако напишана врз основа на геополитички факти, се покажа дека прогнозата не беше точна. Денес повторно многумина зборуваат за третиот светски, глобален конфликт. Интересно, но пред да избие војната во Украина, американски пензионирани адмирал и новинар го напишаа трилерот „2034“, кои, по серијата инциденти во Јужно Кинеско Море, теснецот Хормуз и Вашингтон, ја предвидуваат апокалипсата во својата книга: војната меѓу Соединетите Американски Држави и Кина ќе започне во 2034 година.
Авторите се ветерани на американската армија. Џејмс Ставридис бил врховен командант на НАТО и, до неговото пензионирање во 2013 година, командант на американските сили во Европа. Елиот Акерман, публицист, служел во маринците и учествувал во тајните операции на ЦИА на Блискиот Исток и Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Ирак и Авганистан.
Романот има измислени ликови, кои се вклопуваат во различни сценарија, но сè се сведува на една точка: почетокот на американско-кинеската војна во 2034 година. Му претходат серија настани што не се планирани, предизвикани од човечки грешки или нивни погрешни процени, но сè завршува со меѓународна трагедија каква што светот не видел дотогаш.
Во време кога САД се речиси опседнати со Кина, романот брзо се искачи на врвот на листата на бестселери со јасна порака: книгата е фикција, но луѓето треба да бидат запознаени со нејзината содржина. Роберт Гејтс, поранешен директор на ЦИА и секретар за одбрана, го препорачува, заклучувајќи дека може да се соочиме со нешто слично во годините што доаѓаат.
„Ова е книга што ви покажува дека она што можете да го видите сега е нешто многу слично на она што може да го видите во иднина“… Ова се коментари на лица познавачи на разузнавањето и дипломатијата, како што е поранешниот шеф на израелски Мосад, Ефраим Халеви. Тој верува дека вредноста на шпионскиот трилер (роман) е тоа што разоткрива одредени работи во сегашниот момент.

Трамп: На началникот на Здружениот генералштаб, Марк Мајли, треба „да му се суди за предавство“, затоа што презел чекори за да се спречи војна со Кина(?!)

Кина е критикувана од Западот за „прекршување на човековите права на муслиманското малцинство Ујгур во Ксинџијанг“ и е повикана од Западот „да одржи висок степен на автономија за Хонгконг“. Пред сè, САД предупредуваат дека „забрзаниот воен раст“ на Кина претставува „систематски предизвик“ за атлантската безбедност и меѓународниот поредок заснован на владеењето на правото.
А и по напуштањето на функцијата, поранешниот претседател Доналд Трамп во изјава рече дека на началникот на Здружениот генералштаб, Марк Мајли, треба „да му се суди за предавство“, затоа што презел чекори за да се спречи војна со Кина за време на претседателствувањето на Трамп.
Денес, претседателот на САД, Џозеф Бајден, јасно стави до знаење дека Азиско-пацифичкиот Регион е приоритет за него за да ја запре Кина, која не само што е најголем економски ривал туку е означена и како воена закана за регионот на Пацификот. Бајден работи сериозно да ги собере сојузниците во ЕУ и НАТО во обединет фронт за да се соочи со Кина. По седум години преговори под притисок на Вашингтон и организациите за човекови права, Европската Унија го суспендира сеопфатниот инвестициски договор.
Тензиите меѓу САД и Кина се во пораст. САД го снабдуваат Тајван со ново модерно оружје, а Пекинг им порачува на Американците дека никогаш нема да дозволи независност на Тајван. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупредува дека Кина се „доближува“ до НАТО во воена и технолошка смисла, иако во исто време повторува дека Алијансата не сака нова студена војна. Тој вели: „Кина не е наш противник, не е наш непријател“.

Книгата „2034“ е со предупредувачко сценарио, кое треба да се избегне

Адмиралот Ставридис сериозно стравува дека САД и Кина, двете големи сили што поседуваат стратегиско и тактичко нуклеарно оружје, се на пат кон конфронтација. Случајно, неколку недели по објавувањето на книгата, пред повеќе месеци, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји отпатува за Техеран, каде што потпиша 25-годишен договор за стратегиска соработка со тогашниот шеф на иранската дипломатија, Мохамад Џавад Зариф. Американците и Израелците се загрижени. Јужно Кинеско Море е во епицентарот на ривалството и зголемените тензии. Кина тврди дека има суверенитет над големо водно пространство, кое е од огромно значење за комерцијалното поморство од Втората светска војна и околу кое изгради вештачки острови.
Тајван, чии односи со Кина се затегнати по таа војна, исто така тврди дека има суверенитет над делови од Јужно Кинеско Море, како и Јапонија, Малезија и Филипините, кои ги опишуваат активностите на Кина како агресивни и опасни. Иако постојаниот арбитражен суд од Хаг пресуди дека територијалните претензии на Кина ја прекршуваат конвенцијата на ОН за поморското право, Пекинг ја отфрли пресудата и продолжува да ги третира спорните области како свои.
Вашингтон проценува дека негов највисок стратегиски и воен интерес е слободата на пловидба низ водите низ кои минува една третина од глобалниот превоз, повеќе од транзитот низ Суецкиот и Панамскиот Канал заедно. Јужно Кинеско Море е клучна маршрута за американските трговски бродови на пат кон Азија. Секое нарушување на навигацијата се заканува со глобална политичка и економска криза. Ставридис и Акерман навестуваат дека тоа би било и увертира за војна.
Романот започнува со жесток поморски конфликт меѓу американската и кинеската морнарица. Американска флотила што патролирала за да ја покаже американската моќ го забележала запалениот брод и се упатила во неговиот правец. Ќе излезе дека сето тоа е кинеска стапица. Американците се поразени и губат повеќе од сто морнари и неколку брода.
Во исто време, американски борбен авион „Ф-35“ лета над Ормутскиот Теснец, додека сајбер-оружјето ја презема контролата врз системите на неговиот авион при слетувањето во Техеран. Заробениот пилот, кој бил на мисија да тестира нови системи, е брутално испрашуван од офицер на Иранската револуционерна гарда. Неговиот живот е во опасност.
Во меѓувреме, американскиот претседател се враќа во Вашингтон од меѓународна конференција. Неговиот авион има само наизменична комуникација со Белата куќа, бидејќи Америка е жртва на невиден сајбер-напад, кој, меѓу другото, го остава главниот град во темнина.
Кинескиот воен аташе оди во Белата куќа и дава ултиматум што ги поврзува настаните во Персискиот Залив и Америка. Тоа потврдува дека Кина стои зад двата напада. По наредба од Пекинг, тој веднаш се враќа во Кина, без да чека американски одговор.
Војната може да започне и се покажува дека главните протагонисти од двете страни на конфликтот, иако сакаат да избегнат нуклеарен конфликт, често прават сериозни грешки, кои водат до катастрофа.
Дали ова ќе биде редоследот на настаните, дали ќе се појави во поинаква форма, сигурно ќе може да се утврди уште пред 2034 година.
Роберт Гејтс ја фали книгата: „’2034’ е роман за конфликт, кој се надеваме дека никогаш нема да се случи. Потпирајќи се на сериозно оперативно и дипломатско искуство, адмиралот Ставридис и Елиот Акерман создадоа кошмарно сценарио, кое мора да го избегнеме. Романот е предупредувачка приказна за нашето време и потсетник за тоа колку брзо настаните можат да излезат од контрола – дури и пред 2034 година“.

Бошко Јакшиќ Поранешен колумнист на „Нова Македонија“

(Бошко Јакшиќ до неговото пензионирање во 2014 година беше уредник на рубриката за надворешна политика во дневниот весник „Политика“, сега е коментатор, кој се занимава со домашни и надворешнополитички теми. Овој текст е еден од неговите што се публикувани во Политика. Тој е чест гостин на Би-би-си, Радио Слободна Европа, Ал џезира, како и на локалните радио и ТВ-станици)