Фото: Игор Бансколиев

Нашиот стратегиски дијалог со САД треба да почне во јуни во Вашингтон, при што во фокусот ќе бидат повеќе теми и прашања, како: надворешната политика, економијата, инвестициите, одбраната, енергетиката, културата.
Македонската страна треба добро да се подготви и на американскиот благонаклонет преговарач да му покаже дека имаме капацитет да го водиме и да го искористиме процесот на стратегиски дијалог. И покрај исклучителната шанса, сепак, според некои експерти, на овој стратегиски договор се гледа како на „утешна компензација“ за новото очекувано одложување на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ…

Стратегиското партнерство со САД не е замена за ЕУ, но е добар алтернативен пат за Македонија

Македонската официјална политика дава сериозни сигнали дека има намера да стави точка на перманентните вето-уцени од соседните земји-членки на ЕУ, кои веќе 17 години од добивањето кандидатски статус, постојано ја држат Македонија во чекалницата на Унијата. Премиерот Димитар Ковачевски некако порешително изрази став во јавноста дека земјава одработила доволно и ЕУ сега треба да го исполни ветувањето. Уште една изјава по истата основа од висок државен функционер, која прозвучи синхронизирано со изјавата на премиерот, беше онаа на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој изминатиов викенд порача дека Македонија чека Бугарија и Европската Унија летово да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку не се случи тоа, тој смета дека треба да се повлече линија и државата да се посвети на други прашања. Претходно, и претседателот Пендаровски даде процена дека шансите за кревање на бугарското вето во јуни, според него, се помалку од 50 отсто, затоа што, за жал, бугарската страна во последниот месец сака на голема врата да ја врати историјата. Тој додаде дека власта и опозицијата имаат идентична позиција во однос на тоа прашање, односно да не се поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија дека нема да има ново условување, е сосема коректно. Пендаровски прецизира дека тоа не значи дека Македонија се откажува од евроинтеграциите и дека ќе се сврти кон нови сојузи, но по три-четири вета од Бугарија и кооперативноста од наша страна за билатерални преговори нема никаков напредок, а ЕУ треба порешително да настапи со однос на бугарските уцени.

Нова реторика на македонската страна

Вака изразените позиции на македонските власти за односот на Бугарија, а посредно и на ЕУ, за почетокот на преговорите, на некој начин се толкуваат како прв јасен отпор на досегашните уцени од позиција на членки на Унијата.
– Она што звучи како нова реторика на македонската страна во обидите за наоѓање решение за повлекување на бугарското вето за почетокот на нашите преговори за членство во ЕУ го гледам како порака (повеќе) до Унијата, но и до Бугарија дека ние сме ги направиле сите отстапки што се нормални за една суверена држава за да влезе во еден сојуз што прокламира демократски вредности. Метафорички, сега топката е во дворот на ЕУ и на Бугарија, односно Унијата да расчисти дали условите што ги бара нејзината членка се во согласност со нејзините принципи. Бугарија бара вметнување на нејзините услови во преговарачката рамка за Македонија, што недвосмислено би било преседан, спротивен на сите досегашни практики и принципи на Унијата. Со таквите барања за преседан на Бугарија, отворено изразија несогласување Чешка, Словачка, Холандија и Франција. „Топката во дворот на ЕУ“ значи дека земјите-членки треба порешително да ги застапуваат сопствените Копенхашки критериуми за проширување (кои Македонија ги исполнува), наспроти барањата за преседани за една земја-членка – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Од нашите капацитети зависи колку ќе добиеме од стратегискиот дијалог со САД

Сите повикувања на разум и принципиелност од европските партнери, но и од САД во однос на ветото за Македонија, бугарската страна ги прогласува за „притисок врз нејзините национални интереси“. Од претставници на ЕУ и на САД редовно се упатуваат пораки на охрабрување на Софија и на Скопје „брзо да ги решат меѓусебните спорови на билатерална основа“, истакнувајќи дека е време Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ. Притоа се нагласува дека „двете земји ги сработиле основните задачи и сега е време е да продолжат заедно во следната фаза од долгиот и полн со предизвици процес на пристапување“. Но се чини дека сите се свесни дека „споровите на билатерална основа“ нема брзо да завршат, па во таков контекст најавата за стратегиски дијалог меѓу Македонија и САД, кој треба да се случи на почетокот на јуни, се толкува како извесна утешна награда за земјава.
– С. Македонија ја одработи својата задача во однос на членството во ЕУ и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно побрзо. Сакам да истакнам дека стратегискиот дијалог што го воспоставивме не претставува замена за членството во ЕУ, туку станува збор за унапредување на односите што досега сме ги имале – изјави американската амбасадорка во Скопје, Мери Кејт Брнз.
Стратегискиот дијалог треба да почне во јуни во Вашингтон, при што во фокусот ќе бидат повеќе теми и прашања, како: надворешната политика, економијата, инвестициите, одбраната, енергетиката, културата. Дијалогот е своевидно продолжение на меѓусебното партнерство што македонските и американските власти го потпишаа пред 14 години.

– Повеќе земји од регионот, па и од Европа и светот, имаат потпишано стратегиски договори со САД и имаат постигнато различни резултати. Во принцип, од нас зависи како ќе го водиме тој стратегиски дијалог и што можеме да добиеме од него. Досегашните искуства на другите земји што имаат ваков дијалог со САД покажуваат дека тој може да биде и само протоколарен, со средби на две години, за да се потврди соработката, но ако се работи сериозно и се воспостави динамика на средби и активности, може да се издејствува и безвизен режим со САД, да се унапреди монетарната соработка, да се добијат инвестиции… Сѐ зависи од тоа колку ќе имаме капацитет да го водиме и да го искористиме процесот на стратегиски дијалог – вели Петар Арсовски, кој, сепак, не одрекува дека, и покрај континуитетот на соработката со САД, на овој стратегиски договор може да се гледа и како на „утешна компензација“ за новото очекувано одложување на почетокот на преговорите за членство во ЕУ за Македонија.


Што значи првата меѓувладина конференција со ЕУ?

Во долгогодишното и контроверзно очекување на Македонија на датумот за почеток на преговори со ЕУ, некако се изгуби дефинирачката точка на процесот, која може да се смета за почеток на преговорите. Изјавата на бугарскиот премиер Петков дека „првата меѓувладина конференција не значи и почеток на преговорите“ (во контекст на неговиот предлог за „одложено вето“, наменет пред сѐ за бугарската јавност) внесе дополнителна забуна.
– Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу земјата-кандидат и ЕУ дефинитивно означува почеток на преговорите за членство во Унијата, иако тоа не значи и отворање поглавја. На првата меѓувладина конференција се одредуваат политичките критериуми на преговорите и динамиката на средбите. Потоа започнува скринингот од страна на ЕУ за степенот на усогласеност на државата во однос на критериумите за секое поглавје во преговорите. Тој процес на скрининг може да трае од 18 до 24 месеци, во текот на кој се мапираат содржините на преговарачките поглавја. По утврдувањето на содржината на поглавјата, се влегува во третата фаза, а тоа значи отворање на 23-то и 24-то поглавје, кои први се отвораат, но и последни се затвораат во преговарачкиот процес. Со француската динамика на преговарање, доколку има добра почетна усогласеност со критериумите на ЕУ во поглавјата, процесот може и побрзо да се движи. Но исполнувањето на критериумите за одредено поглавје не значи дека тоа е затворено до завршувањето на процесот на преговори. Односно состојбите во државата за секое поглавје треба да останат барем на нивото како кога (условно кажано) било затворено поглавјето. За затворање на секое поглавје е потребен консензус на сите земји-членки. Завршувањето на процесот на преговорите се означува со самит на ЕУ, каде што повторно е потребен консензус за прием на нова земја-членка – го објаснува процесот на преговори аналитичарот Петар Арсовски.