Фото: Игор Бансколиев

Во дипломатијата треба да се биде конзистентен во политиките и направените избори, кои пред сѐ треба да бидат во интерес на сопствената држава и граѓани. Ако се нема конзистентна, предвидлива надворешна политика, секое дејствување на Македонија на меѓународен план го содржи ризикот за контроверзни одлуки. Тоа исто така се однесува и на нашите политики кон соседите. Во најновиот случај со Косово, со оглед на тоа дека го имаме признаено како држава, нема друг избор за Македонија освен да биде конзистентна во својот веќе направен избор. Тоа треба да ѝ се објасни на Србија, со која исто така ни е важно да имаме добри соседски односи…

Како регионалните соседски односи имаат силно влијание на нашата држава

Владата на Косово го направи првиот чекор кон аплицирање за зачленување на државата во Советот на Европа, усвојувајќи ја иницијативата за членство во оваа меѓународна организација. Речиси во истиот миг на објавувањето, тоа предизвика реакција и одговор од Србија дека ќе го „брани својот суверенитет и ќе се обиде да им се спротивстави (на поддржувачите на идејата) на мирен и дипломатски начин. Србија вчера дури го свика на вонредна седница својот Совет за национална безбедност. Меѓу другото, Советот по однос на ова прашање ќе даде мислење и насоки како Србија да заземе став и да преземе соодветни мерки и активности кон земјите што ќе гласаат „за“ приемот на Косово во Советот на Европа. И Македонија е членка на Советот на Европа.

Комплексноста на регионалните соседски односи во кои треба да се биде исклучително умешен

Во Советот на Европа членуваат 46 држави (меѓу кои и Македонија) и за прием на нова членка се потребни гласовите не две третини од нив. Надежите на косовските власти за прием во организацијата пораснаа по исклучувањето на Русија од Советот на Европа. Имено, тоа е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото, со седиште во Стразбур, Франција.
Двете држави, Косово и Србија, што имаат противречен меѓусебен однос (често на работ на конфликт), од кој произлегуваат и спротивставените интереси за членството во меѓународните организации, се соседи на Македонија. Односот на Србија и Косово е само еден сегмент од комплексноста на регионалните соседски односи во кои Македонија треба да балансира како „надворешен субјект“ во нивните односи, што е дополнителен предизвик во дефинирањето на нејзината надворешна политика, обременета со контроверзни билатерални релации речиси со сите соседи во нејзиното опкружување. Безмалку, при секое одлучување во меѓународните организации во кои членува, Македонија е соочена со ситуација да избира страна со ризик за заладување на односите во „неизбраниот“ сосед и постојано да биде ставана во (прет)конфликтна дипломатска состојба „топло-ладно“.
– Кога немаме конзистентна, предвидлива надворешна политика, секое дејствување на Македонија на меѓународен план го содржи ризикот за контроверзни одлуки. Во случајот со апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа, кое наскоро ќе дојде на дневен ред за одлучување, немаме простор за поинаква одлука освен да ја поддржиме. Со оглед на тоа дека го имаме признаено Косово како држава, има косовска амбасада во Скопје…, нема друг избор за Македонија освен да биде конзистентна во својот веќе направен избор. Тоа треба да ѝ се објасни на Србија, со која исто така ни е важно да имаме добри соседски односи. Воопшто, во дипломатијата треба да се биде конзистентен во политиките и направените избори, кои пред сѐ треба да бидат во интерес на сопствената држава и граѓани. За жал, во последниве четири-пет години не може да се каже дека е водена таква надворешна политика од страна на Македонија, која беше непредвидлива и неконзистентна пред сѐ за македонските интереси и граѓаните на земјава – вели поранешниот македонски амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.

Неопходна мудрост и претпазливост во компромисите што се прават во дипломатските релации

За секоја мала земја, особено во соседско опкружување каде што токму соседите се расположени за „соработка со уцени“, дополнително е засилен нашиот предизвик за дипломатски баланс во кој во прв план ќе се бранат интересите на сопствената држава и граѓани.
Колкав е просторот за маневрирање и носење одговорни одлуки за својата земја? Или можеби тој предизвик е сложен само за Македонија?
– Секако дека има начин и простор да се биде мудар и претпазлив во компромисите што се прават во дипломатските релации, само треба да се настапува како суверена земја со автентични национални позиции. Секоја земја има простор за дипломатија во која пред сѐ ги заштитува сопствените интереси, независно од тоа во какви сојузи учествува. Но дали актуелните водечки личности во македонската политика имаат интелектуален простор за автентично носење одлуки од регионално и меѓународно значење, многу сум скептична. Последниве години, одлуките како во надворешната, така и во внатрешната политика во Македонија се водат според своевидна „книга на упатства за водење држава“ издиктирана однадвор. Многу лесно така се води држава, но таквата државата не е ценета на меѓународен план. За жал, не може да се каже дека Македонија има автентична суверена политика, а немаме ни суверен однос со соседите. Се дава сѐ што ќе биде побарано од нас, без да се води сметка за интересите на македонските граѓани и воопшто на сопствената држава – вели универзитетската професорка Солза Грчева, активна и критична во македонскиот политички амбиент.
Професорката Грчева не е критична само за водењето и градењето на македонската надворешна и соседска политика. Таа смета дека македонскиот начин на градење соседски и меѓународни односи е само пресликана копија на и така лошата меѓународна позиција на ЕУ, кон која Македонија се стреми.

– За среќа, или за жал, и во Европската Унија се води таква несуверена надворешна политика спрема НАТО, односно спрема САД. Тенденцијата на политиките на Европската комисија и воопшто на евробирократите не води сметка за суверенитетот на своите членки и интересите на граѓаните на земјите-членки. ЕУ сѐ повеќе носи одлуки што се на економска штета на граѓаните и стопанствата на нејзините земји-членки и заглавува во нови задолжувања (последно беше 15 милијарди евра) за војната во Украина. Се води глобалистичка, додворувачка политика од ЕУ, во која нема суверено одлучување. Мислам дека немало понемоќна политика и политичари во ЕУ, од она што се води сега. Таквата филозофија на размислување и водење политика во ЕУ, пресликана во „книгата за упатства“ за Македонија, создава карикатурална скица на претставата за македонската држава на меѓународен план – резигнирано заклучува професорката Солза Грчева.


Србија најави голема дипломатска акција

Поднесената апликација на Косово за прием во Советот на Европа, на 12 мај, итно го активира Советот за безбедност на Србија, со кој вчера (13 мај) заседаваше претседателот на државата, Александар Вучиќ, а на кој беа присутни повеќе министри од Владата на земјата. По завршување на седницата на Советот за безбедност, на јавноста прво ѝ се обрати српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, кој најави голема дипломатска акција, која ќе има цел повлекување на признавањето на Косово од страна на повеќе земји. Тој изјави и дека четири држави веќе го повлекле признавањето на независноста на Косово.
– Србија се наоѓа во многу тешка ситуација. Нашата држава е изложена на страшни притисоци да го прифатиме нарушувањето на територијалниот интегритет на нашата државата и да прифатиме уривање на меѓународното јавно право. Владата на САД јасно стави на знаење дека го почитуваат Вашингтонскиот договор. Приштина јасно покажа дека нема намера да дојде до какво било решение преку дијалог. Дојдовме до информација дека две големи држави ѝ даваат поддршка на Приштина – изјави српскиот министер за надворешни работи Селаковиќ, нагласувајќи дека пред Србија се „бурни и важни денови“.


Вашингтонскиот договор предвидува дека Косово се откажува од своите аспирации да се приклучи на меѓународните организации?

За време на прес-конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц, одржана на 4 мај, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се повика на таканаречениот Вашингтонски договор, кој самиот тој и тогашниот премиер на Косово, Авдула Хоти, го потпишаа во Белата куќа, на 4 септември 2020 година, во присуство на тогашниот претседател Доналд Трамп.
Вашингтонскиот договор е веројатно единствениот документ договорен од Белград и Приштина што предвидува дека Косово ќе се откаже од својата аспирација да се приклучи на меѓународните организации.
Поаѓајќи од ваквата клаузула во Вашингтонскиот договор, на пресот со германскиот канцелар, претседателот на Србија, Вучиќ, рече дека „ако некој не сака да го почитува Вашингтонскиот договор и сака да оди по тој пат, ќе ни се одврзат и рацете. Ќе постапиме во согласност со Уставот на Србија и нашите национални и државни интереси“.
Експертите истакнуваат дека договорот од Вашингтон „не е правно обврзувачки меѓународен договор“, туку израз на политичка определба. Сепак, во истиот тој контекст, за издвојување е фактот дека новата американска администрација ја потврди валидноста на тој договор и дека тој останува активен!
На споменатата прес-конференција, на новинарско прашање дали Србија ќе го напушти Советот на Европа во случај Косово да се приклучи, јавноста не доби конкретен одговор дека Србија ќе биде подготвена да го напушти Советот на Европа, но беа споменати други инструменти со кои располага, имено тие да лобираат кај членовите да не гласаат за членство на Косово, иако овој пат тоа ќе треба да го направи без руска поддршка во организацијата.
На слично новинарско прашање до германскиот канцелар, односно дали Германија сака да ја исфрли Србија од Советот на Европа со нејзината одлука Косово да се приклучи, Олаф Шолц одговори дека тој „би сакал Србија да продолжи да биде активно вклучена во Советот на Европа и дека е важно да се развијат односи што ќе го видат целиот регион во Европската Унија во иднина“.