Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пчелите ја почитуваат хиерархијата, се грижат за заедницата, вредни се и пожртвувани. Спротивно од нив, одредени поединци во државата не ја почитуваат општествената хиерархија, ниту пак институциите, не се грижат за интересите на државата и заедницата, туку само за своите лични или партиски интереси, не работат и не се пожртвувани кога станува збор за општото добро и заедничките државни интереси

МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ПЧЕЛАТА, 20 МАЈ, КАКО ПОВОД

Денеска, 20 мај, се одбележува Светскиот ден на пчелата, денот кога во 1734 година во Словенија е роден Антон Јанша, пионер на модерното пчеларство. Познавачите велат дека пчелите имаат комплексен систем и живеат во свое „општество“, а ако човекот функционира како пчелата, тогаш сѐ ќе биде идеално. Не случајно од памтивек останала изреката „вреден како пчела“ за некој што е вреден, работлив и пожртвуван за заедницата. Но дали и колку денес современиот човекот е таков по своите сфаќања, менталитет и воопшто во односот кон животот и природата.
Денес, кога светот се соочува со повеќе глобални проблеми – можност од недостиг од храна, скапи енергенти, инфлација, забавување на економската активност итн. – се поставува прашањето дали човештвото може да научи нешто од пчелата за да ги подобри условите на своето живеење. Ова прашање е уште посуштествено и за македонското општество, кое е поделено по разни основи и соочено со голем број предизвици и искушенија. Дали има решение за нашите проблеми и дали може нешто да научиме од поведението на пчелите, за полесно да се соочиме со тешкотиите? На ова прашање побаравме одговори од пчеларите, филозофите и социолозите.

Како функционираат пчелите?

Пчелите имаат хиерархија и повеќе улоги во нивното „општество“, матица, трут, пикер, излетничка итн. Комуникацијата им е телепатска на хемиски начин, а функционираат и комуницираат преку антени, мирис, вкус и др. Преку тоа се ориентираат, дознаваат и ја истражуваат околината. Секој има своја задача и се работи напорно – вели Дејан Анастасов, кој тринаесет години се занимава со пчеларство, но истовремено е и филозоф по професија.
Тие се извонредни летачи, може да летаат до три километри. Пчелите имаат чувари на кошницата, а кога пчелата ќе остари ѝ даваат друга функција.
Пчелите ја почитуваат хиерархијата и се пожртвувани. Кога ќе видат дека немаат мед, една група на пчели се жртвува за да преживее колонијата – вели Златко Атанасовски, кој долги години се занимава со чување пчелни колонии.
Според него, ако човекот функционира како пчелата, тогаш сѐ ќе биде идеално.
Човековото општество, откако институциски и академски се развива, во последните сто години преземело многу примери од пчелите и наоѓало паралели со човекот и неговото функционирање. Ние сме единствените што вистински можеме да манипулираме со природата.
Ние имаме свест и создаваме нешто посебно, произлегуваме од природата, но создаваме нешто сосема наше, неприродно. Пчелите секогаш играат според природата и универзалните природни закони на оваа планета – вели Дејан Анастасов.

Што може да се научи?

Но доколку луѓето и општеството функционираат плански и организирано, како пчелите на пример, логично се поставува прашањето зошто македонското општество се соочува со голем број проблеми, вклучувајќи и забавување на економската активност. Според последните податоци, од 2006 година до денес Македонија речиси секоја година е меѓу најсиромашните држави во светот.
Повеќемина познавачи на состојбите велат дека меѓу главните суштествени проблеми на нашето општество се лошата кадровска политика и клиентелистичките односи, кои негативно влијаат на идниот потенцијал за човечки ресурси, особено образованието, кое треба да создава нови генерации и развиени личности.
Даниел Ѓорѓевски, историчар и археолог, смета дека кај нас, во Македонија, сѐ уште сме заглавени во традиционалниот клиентелистички модел.
Пчелите ја почитуваат хиерархијата, се грижат за заедницата, вредни се и пожртвувани. Спротивно од нив, одредени поединци во државата не ја почитуваат општествената хиерархија, не се грижат за интересите на државата и заедницата туку само за своите лични или партиски интереси, не работат и не се пожртвувани кога станува збор за општото добро и заедничките државни интереси.
Проф. д-р Илија Ацески вели дека почитувањето на хиерархијата и самопожртвуваноста се вродени кај пчелите, тоа е сосема природно однесување, кое се наследува преку гените. Кај човекот нештата се посложени. Човекот го менува своето однесување преку општење со културата и средината што го опкружува.
Со други зборови, околината што го опкружува човекот влијае врз тоа дали тој ќе ги почитува хиерархијата и институциите и ќе се саможртвува. Затоа општеството, доколку сака да личи на функционирањето на пчелите, преку институциите треба да ги промовира работната етика, правичноста и трудољубивоста.