Од 7 до 12 јули петта Демирхисарско-слепченска летна школа

Во манастирот „Св. Јован Претеча“ – Слепче, Демир Хисар, на 7 јули свечено ќе биде отворена петтата Демирхисарско-слепченска летна школа – манастирот Слепче, духовен и културен центар, на големиот православен празник, раѓањето на свети Јован Претеча – Иванден. Поздравно обраќање ќе имаат Никола Најдовски, градоначалник на Општина Демир Хисар, проф. д-р Сашо Цветковски и митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.
Демирхисарската летна школа е едукативно-научна и културна манифестација што е насочена кон промовирање, истражување, проучување и афирмирање на македонското културно наследство, историја, археологија, архитектура и уметност, преку работа со студенти, додипломци и постдипломци од Македонија, но и од странство. Оваа година, школата се реализира под покровителство на манастирот Слепче во соработка со Општина Демир Хисар, Министерството за култура, како и ИЦКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ.
Научен раководител на школата е проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ и научен советник во Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, други членови на научно-организацискиот одбор на летната школа се отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“, и Благоја Шундовски, администратор на проектот.
Во периодот од 7 до 12 јули 2022 година, активностите на школата програмски ќе се реализираат низ научно-едукативни предавања и теренски активности во рамките на петте секции предводени од реномирани професори и научни истражувачи: ракописно книжевно наследство (акад. Ѓорги Поп-Атанасов), архитектура (проф. д-р Елизабета Касапова), историја (проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев), историја на уметноста (проф. д-р Сашо Цветковски, раководител на школата), теологија (д-р Виктор Недески), со учество на дваесетина студенти, додипломци и постдипломци, а свое учество и презентација ќе имаат и помладите истражувачи м-р Георги Секулоски и м-р Гоце Ристески. Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири, како и најзначајните места од илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино, Света. Д.Ст.