Координаторот на пратеничката група на Демократската Унија за Интеграција, Арбер Адеми во својот говор на денешната собраниска седница за избор на Влада, истакна дека ДУИ и сите граѓани ја поддржуваат новата предложена структура на владата и нејзината програма.

Адеми ги истакна и преземените мерки и досега реализираните проекти кои ја оправдале довербата дадена во Август 2020 година и дека пратениците на ДУИ целосно веруваат во професионалната компетентност на одредените кадри и на квалитетот на содржината на програмата надополнета со проекти и дополнителни стратегии.

– Денеска одлучуваме дали ќе дадеме зелено светло за континуитетот на развојните проекти и проектите на квалитетниот живот, јасно дефинираните механизми и стратегии за да продолжиме успешно да се справуваме со енергетската, здравствената и мигрантската криза како глобални предизвици на денешницата. Време е да ја докажеме нашата политичка зрелост, да дадеме свој придонес за да се овозможи стабилност и конзистентност во процесот на одлучување во служба на граѓаните и поголемата развојна перспектива – рече тој.

Според Адеми, истата поддршка пратеничката група на ДУИ ја дава и на овој владин состав и на оваа, како што ја нарече, консолидирана програма за работа, целосно верувајќи во професионалната компетентност на одредените кадри и од своите и од редовите на коалициските партнери, како и во квалитетот на содржината на програмата што е одраз на барањата и потребите на граѓаните.

– Конечно, со сите позиции предводени од нашите кадри, се докажа дека земјата ништо не изгуби, напротив, ги зацврсти своите позиции на патот на развојот, ги негува вредностите на еднаквоста и јасно и решително го следи патот на интеграција и одржување на партнерството со земјите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави – додаде тој.

„Цел и на овој владин состав, кој ќе ја има нашата максимална поддршка, е и ветувањето за прв албански премиер во последните 100 дена предложен од страна на Демократската Унија за Интеграција, која веќе ја има поддршката од СДСМ, но и од ВМРО-ДПМНЕ и од албанските политички субјекти во опозиција – рече Адеми.

Според него ваквото достигнување кое, како што рече ќе стане реалност несомнено ќе биде показател за демократската зрелост на земјата и најдобар промотор на проевропските вредности на соживот и напредок.

– Ние, 15-те пратеници на ДУИ и нашите гласачи, но и мнозинството наши граѓани, немаме дилема, сите заедно ќе ја поддржиме оваа Влада – потенцира Адеми.