Фото: Архива МИА

Експлозија на коментари, мислења и информации од читателите

Фељтонот во неколку продолженија по повод 25 години од атентатот врз претседателот на државатa Киро Глигоров и колумната на уредникот во викенд-бројот, насловена „Атентаторите на Македонија“, предизвикаа огромен интерес кај читателите. Инспирирани од напишаното, како што велат читателите, со свои мислења, информации и согледувања, деновиве се јавија голем број граѓани што сакаат да споделат видувања или свои сознанија за овие настани што оставија длабока трага и лузна врз државата.
Редакцијата на весникот со должно внимание ги разгледа и проанализира сите јавувања и дописи од нашите читатели. Во некои се среќаваат и мноштво детали со имиња и презимиња и други податоци поврзани со атентатот, но, сепак, бидејќи истрагата за атентатот на Глигоров сѐ уште не е завршена одлучивме да не ги обелоденуваме во јавноста ваквите информации за да не ѝ наштетиме на истрагата, односно државата.
Оние дописи што се анонимно испратени не се земени предвид, бидејќи првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ не може да ја гарантира веродостојноста на добиените информации. Тоа, сепак, е работа на други служби и органи. Им благодариме на нашите читатели за нивната посветеност, труд и внимание. И во иднина „Нова Македонија“ со голема професионалност и доследно почитување на новинарските принципи и стандарди ќе известува истражува и анализира во интерес на јавноста и на граѓаните.

Од Редакцијата на „Нова Македонија“