29 Ноември 1943 – ден што не се заборава

АВНОЈ, АСНОМ и македонската држава

Денеска е 29 ноември. Тоа е 333-от ден во годината што не е престапна. До почетокот на новата остануваат уште 32 дена. Обичен есенски ден, влажен, утринско маглив и не толку студен за овој период од годината, мерено според прогнозите на синоптичарите. Свети апостол и евангелист Матеј, според црковниот календар. Од вчера за православните верници е почнат божиќниот пост, кој трае до денот на Христовото раѓање, 7 јануари наредната година. Така е сега, а не било така во еден период години наназад. Дваесет и деветти ноември беше најголемиот државен празник во поранешна Социјалистичка, Титова Југославија во чиј состав беше и Република Македонија. Кога се пишува државен, треба да се додаде дека на ниво на државата не се одбележуваа црковни празници. Комунизмот како владејачки политички и општествен систем ја имаше тргнато настрана религијата од граѓаните. Не беше забранета, но владееше ленинистичката теза дека таа е опиум за народот.
Денот 29 Ноември беше славен како ден на раѓањето на Народна Република Југославија, на местото на кралската држава предводена од Србија. На тој ден во 1943 година, во виорот на Втората светска војна, кога Југославија беше окупирана од Германија, Италија и Бугарија, во босанското гратче со име Јајце се одржа Второто заседание на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ). На него е решено по ослободувањето заеднички, во една држава да живеат народите на Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина и другите што беа малцинства во дотогашната држава.
АВНОЈ е од историско значење за Македонија и за Македонците. На тој собир територијата на Македонија (дотогаш Вардарска Бановина, Јужна Србија) е прогласена за територија што му припаѓа на македонскиот народ, а се признава постоење на македонска нација, македонска национална свест и македонски јазик. Може да се рече дека преку актите на АВНОЈ на некој начин е спроведена Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година, во која се третира македонското прашање и на Македонците им се признава посебната националност различна од српската и бугарската. Прашањето за посебноста на македонската нација кај Коминтерната може да се следи во континуитет уште од 1932 година, кога него го постави ВМРО (Обединета). Таа резолуција од Москва соопштена пред 90 години, денес се користи од Бугарија како аргумент дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната и Сталин.

Од Македонија биле избрани 42 делегати за Второто заседание на АВНОЈ, но поради отежнатите воени услови не успеале да стигнат до Јајце. Без нивно лично присуство, но со нивна мнозинска согласност, Македонија била прогласена за држава, рамноправна конститутивна членка на идната југословенска федерација. Со чинот на прифаќање на одредбите на АВНОЈ, синтетизирани и имплементирани на Првото заседание на АСНОМ, на 2 Август 1944 година за првпат македонскиот народ се поставува на рамноправно рамниште, обединет со другите народи на Југославија со свој законодавен, државотворен орган. АСНОМ значеше реална завршница на ослободителната борба на македонскиот народ и конечна потврда за самобитноста на Македонците, кои го бетонираа својот национален идентитет.
Од 1944 до 1990 година, кога беше во составот на југословенската федерација, Македонија и македонскиот народ направија историски скокови, прескокнаа повеќе од еден век во својот национален, социјален, економски, индустриски, образовен, културен, спортски и друг развој. Се кодифицира јазикот, се отворија училишта, факултети, универзитети. Од главно неписмена нација, Македонците стигнаа до највисоките научни установи. Само во таа Југославија, во таква Македонија можеше пет-шест деца од исто семејство да завршат факултети, и тоа сѐ на државна сметка, не на грбот на родителите. Се изградија модерни болници, бесплатното здравство не беше лага, беше бесплатно. Работничката и службеничката класа не беше потценети и злоупотребувани како сега, тие беа дел од средната класа, мнозинскиот слој на општеството.
Во тој комунистичко-социјалистички систем, сосема различен од другите диктаторски држави што беа на Исток, зад железната завеса, Македонија ги оформи сите национални институции на кои сега им е одземен атрибутот – македонски. Почна да се создава автентична македонска култура, со медиуми на македонски литературен јазик. Се формираа Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет, македонскиот универзитет, Македонската академија на науките и уметностите. Имаше македонска полиција, македонска УДБА, македонско судство. Македонска музика, народна и забавна, македонска книжевност, сликарство. Иако верата беше строго одделена од државата, Македонската православна црква се избори за самостојност од српската, првин за автономија, потоа прогласи и автокефалност.

Достигнувања за кои на некои народи им требале векови, Македонија ги оствари за дваесет-триесет години.
По Втората светска војна, Македонија во Југославија влегува како економски најнеразвиена и од војната опустошена република. Со комунистичката власт, македонската економија и стопанство почнуваат коренито да се изменуваат и градат и тие темели на државата. Иако во првичниот период мерките на колективизација и насилната национализација (одземање на приватната сопственост на земјоделското и другото земјиште на граѓаните) катастрофално ќе се одразат на македонското село, во исто време започнува засилена индустријализација на градовите, изградба на патна, урбанистичка и друг вид инфраструктура, земјата се гради гради и напредува со незапирлив подем. Се градат и најголемите индустриски капацитети. Некои од нив го одржуваат во живот и денешното стопанство, ја одржуваат економски жива Македонија.
Горенапишаното се само некои факти, иако со нив може да се исполнат томови книги. Историските, научни и ненаучни, погледи за формирањето на новата држава и нејзиното функционирање уште од првиот ден до денес подлежат на разни, дури и опречни наративи, во зависност од многу околности. Наративите се движат од фалби до жестоки критики за системот и начинот на Титовото владеење.
Сепак, тој хибриден социјалистички систем на своите граѓани им овозможуваше степен на слобода, многу поголем од државите што беа членки на Варшавскиот пакт и по тешка руска контрола. Југословенскиот пасош ги отвораше вратите на светот, важеше безмалку за сите земји, Тито беше еден од најголемите феномени на светската политика во 20 век.
Иако по осамостојувањето на датумот му е одземена важноста и е укинат како празник, кај постарите генерации се останати сеќавањата на убавите години и празнувањата. Се славеше два неработни дена, мнозинството граѓани беа вработени, платите беа скромни но доволни, се живееше во надеж, не во очај. Полни кафеани, се јадеше и пиеше, се посетуваа родни места и роднини, пријатели. Граѓаните беа сигурни во себе, уште посигурни во државата. Како и секаде во светот, имаше и незадоволни работници, интелектуалци што бараа поголеми творечки слободи и луѓе што не ги сакаа комунистичкиот систем, а со тоа и државата.

Република Македонија нема причина да се срами од 29 Ноември 1943 или од АВНОЈ и неговите одлуки. Во тоа време дел од Македонија беше окупиран од бугарската војска, а дел, западниот, под Италија, која капитулира уште во септември истата 1943 година. Во дипломатските архиви на Франција постојат извештаи во кои може да се прочита дека македонската држава е конституирана на Заседанието на АВНОЈ, а посебно на АСНОМ и дека македонскиот народ доброволно се определил за приклучување кон југословенската федерација. Таквата определба ја поздравила и Бугарија, чие раководство јавно повикувало да се поддржи интеграција на Македонија во таа федерација, со желба и Бугарија да се приклучи во неа, односно во еден голем балкански сојуз.
Ете, тоа го покажуваат документите, во тој прилог говорат фактите. Тоа што денес Бугарија бара да се избрише таа историја и да се напише по нивни диктат може да се стори само со фалсификати, со присила или со уцени какви што врши денес. Факелот на 29 Ноември од 1943 веќе не свети со истиот сјај, но би било лажно, дури и безнадежно ако тој национален оган го угаснат самите Македонци, милум или силум, за грст долари или за други лукративни интереси.

[email protected]