Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај тоа што ковид-19 и во 2021 година ќе остане проблем број еден за граѓаните на Западен Балкан, постојат и други важни политички настани, чии последици ќе се почув­ствуваат низ целиот регион. Во текот на оваа година, на агендата на регионот ќе се најдат нови важни избори, политички дијалози, одлуки и односи што може да отворат нова интересна страница во турбулентната историја на Балканот, но, за жал, според аналитичарите, интеграциите во пошироките мултилатерални организации ќе изостанат…

Кратка опсервација на клучните настани за т.н. Западен Балкан годинава

Пред претставувањето на клучните настани со поголем габарит и значење што следуваат годинава во регионот на Западен Балкан, не е за отфрлање да се споменат неколку глобални настани што сами по себе имаат потенцијал за силен импакт на т.н. Западен Балкан, каде што припаѓа и Македонија. Имено, токму на почетокот на оваа година на глобалната сцена доаѓа Џо Бајден и заминува Ангела Меркел. Тоа се настани од значење не само со импакт за Западен Балкан туку и за целиот свет. Сепак, според многу аналитичари, не се очекуваат, барем засега, никакви драматични промени во американската и германската политика во однос на Западен Балкан. Понатаму, кон крајот на првиот квартал ќе се одржат парламентарни избори и во Холандија и во Бугарија, а имено тоа се двете земји што во последниве години беа многу значајни за пристапниот процес на земјите од Западен Балкан. Додека холандските партии што се поскептични во однос на проширувањето имаат одредена предност во прогнозите, изборите во Бугарија, според некои ставови, би можеле да бидат финалната пречка за меѓувладината конференција за Македонија…

Настани на кои треба да се обрне посебно внимание

1. Словенечко претседавање со Советот на ЕУ од јуни

Последните двапати кога со Советот претседаваа земји-членки на ЕУ со поблиска поврзаност во регионот, Бугарија и Хрватска, беа испратени позитивни сигнали за целиот Западен Балкан. Следна таква можност ќе има во втората половина од 2021 г., кога претседавач ќе биде Словенија.
– Се разбира дека е корисно кога имате претседавач на ЕУ што го поддржува проширувањето на Унијата, но имајќи предвид дека бугарското вето за Македонија се „лансира“ токму за време на германското претседателствување, јас не би го преценувал влијанието на ова ротирачко шестмесечно раководство – коментира професорот од Универзитетот во Грац и координатор на БИЕПАГ, Флориан Бибер.
Зошто? Имено, според него, има еден мал проблем. Бибер смета дека улогата на Словенија како претседавач со ЕУ би можела реално да „ослаби“ поради внатрешната политичка нестабилност во земјата.
– Владата на Јанша е нестабилна и можно е дотогаш да падне. Тоа би можело да влијае не само врз способноста на Словенија да биде претседавач без примеси на длабоки домашни политички тензии туку и врз нејзината способност успешно да го вметне Западен Балкан во европската агенда – заклучува Бибер.
Тоа е првата песимистичка компонента за нашите евроинтегративни аспирации.

2. Дали ЕУ годинава ќе се охрабри за важна политичка одлука за Македонија?

Минатата година ЕУ конечно ги подотвори пристапните преговори за членство на Македонија и на Албанија, но потоа повторно „заглави“, овој пат поради проблемот со одржувањето на првите меѓувладини конференции со земјите-кандидати. Иако отпрвин се чинеше дека – барем во случајот со Македонија – постои зелено светло за долгоочекуваниот напредок, Бугарија експресно ги сруши надежите, ставајќи ја одлуката во мирување поради прашањето за толкувањето на заедничката историја со својот западен сосед. Советот на Европа веројатно, во скоро време, во текот на годинава, повторно ќе ја разгледува донесената одлука.
Професорот од Универзитетот во Грац и координатор на БИЕПАГ, Флориан Бибер, сепак, верува дека постојат причини за надеж оваа година.
– Иако е неизвесно дали Македонија и Албанија ќе напредуваат годинава, мое лично мислење е дека шансите се добри. По завршувањето на бугарските избори, најавени за почетокот на април, ќе се појави можност Софија да си го „обели образот“ со нов пристап кон проблемот. Но во спротивно, доколку се пропушти таа можност, постои ризик ветото да „фати корен“ и во наредниот период да биде сѐ потешко тоа да се повлече – вели Бибер.

3. Априлски избори во Албанија

Парламентарните избори во Албанија се очекуваат кон крајот на април. Претходно опозицијата ги бојкотираше локалните избори во 2019 г., но на овие ќе учествува, иако ја обвини владејачката партија за еднострано менување на делови од Изборниот законик.
Еди Рама, лидер на Социјалистичката партија, е на власт од 2013 година – најпрвин беше во коалиција со Социјалистичкото движење на интеграција (СМИ), а потоа продолжи самостојно.
Демократската партија (ДП) и СМИ, здружени со уште неколку помали партии, на следните избори ќе се обидат да ги победат социјалистите на Рама. Не е неважно што ДП, чиј лидер е поранешниот градоначалник на Тирана Љуљзим Баша, неодамна доби силна поддршка од Европската народна партија на Доналд Туск, како нејзина сестринска партија.
Владата на Рама последнава година ја тресеа неколку големи скандали – вклучувајќи го и уривањето на Националниот театар во мај, како и декемвриското убиство на 25-годишното момче од страна на полицијата за време на полициски час, по кое министерот за внатрешни работи Сандер Лешак поднесе оставка. Исто така, Владата се соочува со постојани обвинувања за авторитарно владеење. Без оглед на сето ова, Доника Емини верува дека Еди Рама е сѐ уште главен фаворит за победа на изборите, со што повторно би ја задржал премиерската фотелја.
– Се разбира, комодитетот на Рама е обезбеден од принципите на политичкиот систем, кој ги фаворизира двете најголеми албански партии. Неговото водство на анкетите, пак, се должи на слабата и неорганизирана опозиција во земјата. Недостигот од други, подобри алтернативи го става албанското гласачко тело во ситуација во која луѓето немаат некој поголем избор – смета Емини.
Без оглед на тоа кој ќе биде победник, Албанија ќе биде соочена со предизвикот за отворање пристапни преговори со ЕУ и активности за регионална соработка, како едно од клучните прашања што предизвикаа несогласувања и проблеми меѓу политичките елити на Косово и Албанија.

4. Нови вонредни февруарски избори на Косово

Откако Уставниот суд го прогласи за неуставен изборот на актуелната влада, во Косово се закажаа нови предвремени парламентарни избори за 14 февруари. Новоформираното парламентарно мнозинство во Собранието ќе има задача да го избере и новиот претседател на Косово.
Додека во октомври 2019 година движењето Самоопределување на лидерот Албин Курти низ иглени уши се проби до изборната победа, овој пат аналитичарите предвидуваат дека тоа ќе освои силно мнозинство. Курти би можел да се врати во премиерската фотелја нецела година по нејзиното напуштање поради изгласаната недоверба на неговата влада.
– Незадоволството акумулирано уште од март 2020 г., кога старата политичка елита ја собори владата на Курти, сега е клучна причина за зголемената поддршка во однос на него и неговата партија – изјави Доника Емини, извршен директор на платформата „ЦивиКос“ и член на аналитичкиот центар „Советничка група за политика во рамките на Балканот во Европа“ (БИЕПАГ).
Се очекува Вјоса Османи, претседателка на Собранието и вршителка на должноста претседател на Косово, која во 2019 година беше кандидатка за премиер од партијата Демократска лига на Косово (ЛДК), да ги здружи силите со Курти како независен актер, со што ќе се даде јасен сигнал за радикални промени на косовската политичка сцена, на која досега доминираа ЛДК и ПДК (Демократска партија на Косово).

5. Ќе продолжи дијалогот Србија – Косово

Што ќе стори потенцијалната втора по ред влада на Курти – постабилна од претходната – кога станува збор за дијалогот со Србија?
– Курти претходно имаше солидна соработка со ЕУ во напорите да се креира процес базиран на принципи и вредности. Сепак, не знаеме како тој ќе им пристапи на последните случувања во преговорите, особено оние од периодот на владата на Авдулах Хоти – вели Доника Емини.
Изборите во Србија се наѕираат дури некаде напролет 2022 г., па, оттука, мала е веројатноста дека годинава би можело да се постигне нешто што личи на конечен договор. Српскиот претседател Александар Вучиќ индиректно го потврди ова, изјавувајќи дека „тој нема да го признае Косово до 2022 г., а потоа народот е тој што ќе одлучи“. Од друга страна, можно е да се оствари напредок во однос на одредени прашања – за време на последните рунди од преговорите со посредство на Мирослав Лајчак, двете страни разговараа за имотноправни прашања и финансиски побарувања.

6. Пристапни преговори со Црна Гора и со Србија

Веројатно во 2021 година и двете држави ќе треба да ги приспособат своите преговарачки рамки на новата методологија за проширување на ЕУ. Сепак, сѐ уште е тешко да се процени колку ќе биде опиплив и реален нивниот напредок годинава, како и дали воопшто ќе го има.
Минатата година, Црна Гора првпат ја промени власта по три децении, а новата влада исто така останува посветена на напорите за членство во ЕУ. Според мислењето на Флориан Бибер, новите власти би можеле да направат добар напредок во пристапните преговори на земјата, но нестабилното, идеолошки хетерогено мнозинство може да го парализира тој напредок.
– Сѐ уште има многу нерасчистени работи. Се појавија некои позитивни сигнали, како на пример очигледни напори за справување со корупцијата, но и некои многу обесхрабрувачки, имајќи ја предвид моќната улога на Српската православна црква – истакнува Бибер, додавајќи дека Владата сѐ уште има добра почетна позиција за внесување поголема динамика во пристапниот процес на земјата.
Од друга страна, ситуацијата во Србија изгледа помалку оптимистичка. Земјата не отвори ниту едно ново поглавје во текот на 2020 година. Новата влада ја декларираше својата посветеност кон ЕУ-реформите, но нејзиниот мандат завршува за една година. Сепак, според Срѓан Цвијиќ, постои „едноставен“ начин за промена на „лошата среќа“ на Србија.

– Најавените парламентарни избори на Косово и преговорите за состав на нова влада веројатно ќе остават малку простор за некое поголемо маневрирање сѐ до есента 2021 година. Тоа значи дека на Владата во голема мера ќе ѝ се суди врз основа на способноста да се води според два клучни стандарди: најпрвин демократскиот, а потоа и оној за владеење на правото во државата. Уставните реформи во судскиот систем и дијалогот за фер избори (олеснуван од страна на ЕУ) ќе бидат лакмус-тест според кој ќе се оценуваат успешноста и напредокот на српската влада во текот на годината – смета Цвијиќ.