Со Одлуката на Советот на ЕУ за отворање на патот за отпочнување преговори во јуни 2019 година, земјите членки испратија јасен сигнал дека ги вреднуваат напорите на Македонија за реформи и добрососедски односи. Во наредниот период е потребно фокусирање на државата за исполнување на обврските во сите клучни области, истакнале на денешната средба претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и еврокомесарот Јоханес Хан.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери на средбата посочил дека дека Собранието е целосно посветено на продолжување и продлабочување на сегашниот реформски импулс за да испорача понатамошни видливи резултати.

Еврокомесарот Хан го поздравил постигнатиот напредок, ја повторил силната поддршка на меѓународната заедница на патот на Република Македонија кон евроатланска интеграција и ја нагласил клучната улога на Собранието во процесот на усогласување на законодавството.

Двајцата соговорници заклучиле дека во наредниот период ќе биде потребно фокусирање на исполнување на обврските во сите клучни области.

Еврокомесарот Хан, со денешната посета на Македонија, официјално го означи почетокот на скрининг процесот со Европската комисија за утврдување на нивото на усогласеност на домашното со законодавството на ЕУ.