Нашите две пријателски држави ги поврзува копнежот и стремежот за самостојни и независни држави, засновани на демократски принципи и слободен живот на граѓаните, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во честитка по повод Денот на независноста на Венецуела – 5 јули.

– Легитимитетот на граѓанскиот концепт модерните демократски држави го базираат на суверенитетот на народот, владеењето на правото, правдата, човековите права и слободи и демократијата. Парламентите се дом на граѓаните и душа на државноста. Парламентите се чувари на човековите права и граѓанските слободи, се грижат за нивното почитување и во сите предизвици и можни политички превирања, тие се столбовите на народната власт.

Република Македонија и нејзиното Собрание, и јас како негов претседател, даваме силна поддршка на процесите на демократизација на венецуелското општество, бидејќи само слободно изразената граѓанска волја и демократски избраните државни институции можат да го водат напред секој поединец и секоја држава во целина.

Во таа насока, во свое лично име упатувам искрени честитки за овој голем национален празник, но и отворена поддршка на реформските процеси во Венецуела, со верба дека демократскиот капацитет на овој силен народ и неговите лидери ќе остават трајни цивилизациски вредности во светската политика – наведува Џафери во честитката.