Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратеничкиот мандат на актуелниот состав ќе заврши на 11 февруари, информира вчера собранискиот спикер Талат Џафери. Со оглед на најавените избори за 12 април, претседателот на Собранието рече дека на ден по распуштањето на Собранието ќе бидат распишани и изборите, односно како што предвидува Уставот, 60 дена пред денот на нивното одржување.

– До мене треба да стигне барање за распуштање на Собранието. Уставот кажува дека изборите треба да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието. Ако барањето стигне по 11 февруари, го одложува датумот за одржување на изборите – објасни Џафери.

Кон крајот на декември, до Собранието треба да пристигне предлог со имиња за техничка влада, која треба да биде избрана 100 дена пред одржување на изборите, за да може Џафери на трети јануари да ја закаже седницата за изгласување на новата влада, по оставката на актуелниот премиер Зоран Заев, во согласност со договореното на неодамнешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.