Претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднесе предлог за измени на собранискиот Деловник со кои ќе биде овозможено Собранието да работи далечински. Измените се по скратена постапка и се во насока на овозможување непречена работа на законодавниот дом, велат во соопштение од собраниската прес-служба.

– Имајќи ја предвид новонастанатата состојба предизвикана од коронавирусот, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието на Република Северна Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат со новонастанатата здравствена состојба.

Предложените измени се токму во насока на постигнување таа цел, односно непречено работење на Собранието со овозможување далечинска, односно електронска работа на пратениците, со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела, а во исто време овозможување остварување на претставничката функција – стои во соопштението.