Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, денеска официјално го предаде извештајот за напредокот на државата од Европската Комисија на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Средбата се одржа денеска заради службено отсуство на Џафери кој учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа во Атина, информираат од неговиот Кабинет.

– Извештајот е оценет како позитивен, објективен и реален во однос на Собранието како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии. Соговорниците се осврнаа и на процесот на Дијалогот Жан Моне и на целите кои што се постигнаа, како и на очекувањата од следниот циклус на Дијалогот, нагласувајќи ја важноста од активно вклучување и интерес за процесот на сите политички партии во Собранието – се наведува во соопштението за средбата.

Џафери се осврнал и на текот на локалните избори, на процесот за верификација на мандатите на новите пратеници по изборот на пратениците од тековниот собраниски состав за градоначалници, како и на агендата на Собранието по завршувањето на вториот круг на локалните избори, вклучително и планираната динамика за усвојување на буџетот.

На крајот, соговорниците заеднички констатирале дека комуникацијата меѓу Канцеларијата на ЕУ и Собранието е секогаш отворена, директна и постојана, што е во прилог на напредокот на државата на евроинтеграцискиот пат.