Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес имаше средба со Ферид Мухиќ, Илија Николовски и Зеќир Рамчиловиќ, во знак на симболично одбележување на годишнината на геноцидот во Сребреница, информираат од неговиот Кабинет.

Од таму потсетуваат дека Собранието во 2010 година донесе Декларација за поддршка на Резолуцијата на Европскиот Парламент за Сребреница од 15 јануари 2009 година и се обврза соодветно да го одбележува 11 Јули – Денот за сеќавање на геноцидот.

– Поради пандемијата и неможноста за физичко приуство во Сребреница оваа година, претседателот Џафери и членовите на собраниската делегација кои минатите години присуствувале на одбележувањето на 11 Јули во Поточари, одлучија со средба да ја одбележат годишнината на геноцидот – се наведува во соопштението за настанот.

Во него се додава дека во Резолуцијата на Европскиот Парламент усвоена во 2009 година не се споменува зборот „геноцид“, но во нашата Декларација, генoцидот се нарекува со вистинското име во знак на сеќавање, со цел да не се повтори веќе никогаш.