Состанок на претседателите на парламенти од Западен Балкан се одржа денеска во Брдо при Крањ, во рамки на парламентарната димензија на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. Со состанокот претседаваше претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчиќ.

На отворањето на состанокот, со свои воведни излагања се обратија словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот на словенечкиот парламнент, Игор Зорчиќ, министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар и претседателот на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание, Моника Грегорчиќ.

Учесниците на состанокот на претседатели на парламенти од Западен Балкан, подготвија заедничка изјава, која во продолжение ја пренесуваме интегрално:

– Ние, претседателите/спикерите на парламентите од Западен Балкан и претседателот на Националното собрание на Република Словенија,

по заедничките декларации усвоени на двaта Самита на претседатели на парламенти од Западен Балкан кои се одржаа во Брисел на 28 јануари 2020 година и 28 јуни 2021 година и

подвлекувајќи ја важноста на поширока парламентарна дебата пред Самитот ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи на 6 октомври 2021 година во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ;

ја поздравуваме посветеноста на Европскиот парламент за одржување на редовен дијалог со парламентите од Западен Балкан, што обезбедува неопходна политичка поддршка на процесот на проширување на Европа;

ја нагласуваме потребата процесот на проширување да се стави високо на листата на приоритети на ЕУ, истовремено признавајќи дека европската перспектива на Западен Балкан е важна стратешка одлука на Европска Унија, клучна не само за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот, туку иза иднината на Европска Унија и нејзините земји членки;

ја нагласуваме важноста на парламентарна дипломатија во продлабочувањето на политичкиот дијалог со цел забрзување на процесот на проширување; ја изјавуваме нашата подготвеност за широка размена на искуства и добри практики на разни парламентарни нивоа што ги зајакнува, меѓу другото, административните капацитети на парламентите и придонесува за напредок кон заедничката цел на полноправно членство во Европска Унија;

ја истакнуваме заложбата на парламентите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка, што придонесува во зголемувањето на довербата и промовирањето на процесите на помирување во регионот; ја нагласуваме потребата за соодветно решавање на отворените билатерални прашања во целосна согласност со веќе постигнатите договори;

потсетуваме дека напредокот постигнат од кандидатите и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ исто така мора да се одразат во конкретен напредок на нивниот пат кон ЕУ. Подвлекувајќи ја заложбата на парламентите да постигнат напредок во спроведувањето на клучните реформи, пред се во областа на владеењето на правото и основните права, нагласуваме дека Европската Унија исто така мора да го преземе својот дел од одговорноста за ќор-сокакот на проширувањето, соодветно да се справи со тоа и да најде ефективни решенија; исто така ја нагласуваме потребата на ЕУ институциите и земјите членки да го признаат напредокот во реформите и процесот на ЕУ интеграција кај кандидатите и да преземат чекори за да го забрзаат процесот на ЕУ интеграција на кандидатите и потенцијалните кандидати.

наглсуваме дека Европската Унија има партнери во регионот кои историски, географски и културно припаѓаат на заеднички европски простор. Соработката на партнерите од Западен Балкан ќе придонесе за посилна и поиздржлива ЕУ која мора да остане нивниот прв стратешки избор;

обрнуваме внимание на потребата да се стави посебен акцент на помладата генерација и да се отворат дополнителни можности за нивно вклучување во програмите ЕУ, истовремено создавајќи подобри услови и работни места во Западен Балкан што ќе ги мотивира младите луѓе да живеат и работат во регионот; укажуваат на важноста на регионалните организации кои преку своите програми за размена промовираат соработка и ја консолидираат довербата помеѓу членовите на помладата генерација;

ја признаваме значењето на вклучувањето на парламентите, граѓанското општество и другите релевантни чинители во Западен Балкан во програмите и процесите на Европска Унија и особено ја нагласуваме важноста на нивното учество во Конференцијата за Иднината на Европа;

повикуваме на зголемена солидарност помеѓу Европската Унија и Западен Балкан во справувањето со заедничките предизвици, како што е пандемијата со Ковид-19; ја нагласуваме важноста на меѓу-парламентарниотдијалог во изнаиѓањето заеднички решенија со што ќе се зголеми издржливоста на регионот и Европската Унија;

ја нагласуваме важноста на економската интеграција во регионот кон создавање на заеднички регионален пазар кој ќе го поттикне економскиот раст и ќе го приближи регионот до Единствен пазар на ЕУ;

го поздравуваме усвојувањето на Регулативата на Европскиот Парламент и на Советот за воспоставување на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) со која се воспоставува правна рамка за понатамошна финансиска помош за партнерите од Западен Балкан во нивниот пат кон ЕУ како и за имплементацијата на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан презентиран од Европската комисија, која заедно со Зелената агенда и Дигиталната агенда за Западен Балкан значително ќе придонесе за намалувањето на развојните нееднаквости и ќе го поддржи економскиот раст и закрепнувањето во регионот;

ја истакануваме важноста на зајакнувањето на безбедносната соработка и го поздравуваме процесот на развојот на Стратешкиот компас, кој според приоритетот на вклучување на партнерите од Западен Балкан во безбедносните и одбранбените структури на ЕУ, може да им даде нов поттик на евроинтегративните процеси и да придонесе за траен мир, стабилност и безбедност во регионот;

ја подвлекуваме Европската перспектива на Западен Балкан како важен аспект во справувањето со модерните масовни миграциски текови кои претставуваат заеднички предизвик; ја признаваме, со оглед на ситуацијата што постојано се развива на периферијата на Европа и пошироко, стратешката важност на сеопфатниот пристап за управување со миграциските движења и на солидарноста и соработката помеѓу Европската унија и нејзините партнери во Западен Балкан во оваа област;

се обврзуваме да одржуваме отворен и континуиран дијалог за напредокот, можностите и предизвиците на европската перспектива на Западен Балкан

на највисоко парламентарно ниво во различни меѓу-парламентарни форуми и формати;

се согласуваме дека претседателот на Националното Собрание на Република Словенија ја носи оваа Заедничка изјава на внимание на Европски парламент, Европската комисија и претстојниот Самит на ЕУ – Западен Балкан како и Конференцијата на претседатели на парламентите на Европската унија – се наведува во заедничката изјава на претседателите на парламенти од Западен Балкан.