Претседателот на Собранието, Талат Џафери, имаше работна средба со Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.

Во оваа прилика, претседателот Џафери изрази задоволство од повторната средба со амбасадорката во новиот парламентарен состав, во услови кога целиот свет се наоѓа во сензитивен период на светска пандемија со вирусот ковид-19, заради што и Собранието работи согласно протоколите и препораките дадени од Комисијата за заразни болести. Тој накратко ја запозна амбасадорката со сите преземени мерки од страна на Собранието за заштита на пратениците и собраниските служби од вирусот ковид-19 а во однос на спреченоста на пратениците поради изолација и самоизолација да учествуваат во парламентарната работа, согледувајќи ги искуствата од другите парламенти, тој информираше дека се прават напори Собранието да изнајде заедничко прифатливо решение со опозицијата за работа и гласање од далечина, со цел непречено функционирање на законодавниот дом.

Џафери посочи дека Македонија, како најнова полноправна членка во НАТО, е спремна во иднина да соработува заедно со британските колеги, на рамноправна основа преку ПС на НАТО, со што ќе придонесат за колективната стабилност и глобалната безбедност.

Претседателот информираше и за тековните парламентарни активности што се планираат до завршувањето на оваа година, како и за законските предлози кои се на дневен ред на седниците на Собранието и можностите за нивно донесување.

Соговорниците изразија задоволство од успешната имплементација на проектите на Вестминстерската фондација во Собранието, особено од функционирањето на Проектот за поддршка на буџетската канцеларија, која изготвува квалитетни анализи за буџетот, како за потребите на парламентарното мнозинство така и за опозицијата.

Во однос на билатералната соработка меѓу двете земји, соговорниците взаемно изразија надеж дека таа ќе продолжи да се надградува и во наредниот период, особено на ниво на Пратенички групи за соработка, кои неодамна се формираа во Собранието.