Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба на која двајцата функционери разменија мислења за тековните состојби во државата и очекувањата за следната година.

Како што информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски, тој и Џафери разговарале за претстојните активности за формирање и функционирање на преодната Влада, за спроведувањето на предвремените парламентарни избори, како и за обврските на двете институции во тој процес.

Соговорниците се согласиле дека во годината кога земјата очекува заокружување на полноправното членство во НАТО и одредување датум за почеток на пристапни преговори со Европската Унија, потврда за демократскиот капацитет на земјата треба да биде спроведувањето на предвремените парламентарни избори во април 2020 година.