Двајцата пратеници заразени со коронавирус немале контакт со ниту едно лице во зградата на парламентот, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната прес-конференција, во обид да ги разјасни околностите околу одржувањето на вчерашните 32. и 36. седница. Тој се повика и на  дополнување на протоколот за спроведување на мерките со ковид-19 од ноември минатата година, прифатен од државната надлежна комисија.

– Не работи Талат своеглаво, затоа што така му текнало. Пред тоа милион консултации направив со сите институции. Не смеам јас на своја рака да носам пратеници, затоа што јас така сакам, си има процедура, закони, се е ставено на хартија. Опозицијата одбива да работи, уценува и условува, прекинував нон-стоп седници, таа состојба прекипе и што јас да правам, да седам со скрстени раце?! Никој не бил загрозен, не можел никој да се зарази од тие пратеници кои немале контакт со никој, освен со хартијата во кабината. Што мислите вие, до полноќ ми текнува што да работам, а од полноќ да спроведувам. Не тоа не е мој стил, си има протокол си има процедури – рече Џафери, објаснувајќи зошто го спровел протоколот за носење на пратеници кои се во изолација во Собранието.

Џафери информираше и дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ била известена и знаела за посебниот протокол под кој заболени пратеници може да дојдат во Собранието и да присуствуваат на седница, како одговор на реакциите во јавноста.

Како што објасни тој, работна група уште во јули 2020 која донела протокол под кои услови ќе функцира Собранието во ковид услови, а подоцна во ноевмри со писмо до Министерството за здравство побарал дополнување на протоколот кој ги уредува условите под кои заболен пратеник може да се појави на Седница.

– Оваа работна група го изготви тој протокол уште во јули минатата година кога беше пикот на пандемијата. Во тој период пост изборно требаше да ја одржиме конститутивната седница , да се избере Владата и ред други работи. Ако се сеќавате јас тогаш бев во болница непосредно кога се донесе протоколот. Според него е уредено гласањето за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација кои може да гласаат во посебни услови утврдени со протоколот. Ако се сеќавате и Арбен Џафери тогаш беше позитивен и изолиран, но дојде и гласаше во кабина, според истиот протокол. Со оглед на состојбата со коронавирусот, предложивме седницте да се одвиваат онлјан и тогаш ете ви 3000 амандмани од опозицијата. Беа против тоа и знаев дека ќе има проблеми, затоа на 18 -ти ноември испратив писмо до Министерството за здравство и Комсијата за заразни болести со кое побарав да се доуреди протоколот под кој може во Собранието да дојде заболен пратеник без симптоми. Следниот ден добив одговор и го имав протоколот на хартија. Свикав координација со партиите, но ВМРО-ДПМНЕ беа лути заради амандманите и не дојдоа на таа координација. Но, јас им уредно им го испратив протоколот , да не испадне после не знаеле, што е и моја обврска да ги информирам. И тогаш им кажав дајте луѓе да не се доведеме во оваа ситуација, да работиме за доброто на граѓаните. Но, како што и самите знаете, не испадна така, па бев приморан да го направам она што се случи вчера – објасни Џафери.

Toj додаде дека пред закажувањето на 36-та седница ги прашал Алијанса за Албанците и Алтернатива дали ќе учестуваат и дали ќе има нивно присуство, но како што вели немало одговор и од нив. Како што додаде имајќи в предвид дека ВМРО-ДПМНЕ како што рече „условуваат“, а албанскиот опозициски блок не потврдува присуство се потпрел на протоколот со кој може да дојдат заболени пратеници без симптоми и да гласаат на Седница.