Собраниската Комисија за надворешна политика денеска сепак ќе одржи седница, но не е предвидено експозе за надворешната политика да има шефот на дипломатија Никола Димитров.

Продолжението на седницата што досега беше неколкупати одложувано, го закажа претседателот на Собранието Талат Џафери наместо претседавачот на Комисијата Антонио Милошоски.

Од кабинетот на Џафери појаснуваат дека според член 120 од Деловникот за работа на Собранието е предвидено: ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, седницата ја свикува претседателот на Парламентот.

– Недозволиво е денешното повторно одложување на седницата на Комисијата, со образложение од претседателот на Комисијата дека пратениците согласно Деловникот се на одмор од 1 до 31 август, и дека претседателот Џафери, на средба со новинарите најавил дека од 1 август пратениците се на одмот. Член 5 од Деловникот е јасен, освен што го предвидел периодот за одмор, јасно во истиот член, став 1 потенцирал дека Собранието е во постојано заседание, бецедуваат од кабинетот на Талат Џафери.

На денешното продолжение ќе бидат претставени платформите за дипломатските активности на новите амбасадор на Македонија во Кралството Норвешка Серџим Мухамед; во Република Полска Васил Пановски; во Црна Гора Михајло Трпкоски и во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Александра Миовска, како и за завршниот извештај на амбасадорото во Израел Пајо Авировиќ.

Седницата на оваа Комисија досега беше неколкупати одложувана поради инсистирањето на Милошоски пратениците да ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија.