Пораки за силна поддршка за европската перспектива упатија европратениците до претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, кој учествуваше на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите членки на Советот на Европа која се одржува во Стразбур.

Џафери оствари и средби со пратеници во Европскиот парламент кои оваа недела заседаваат во Франција.

Имено, тој се сретна со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ и Република Македонија – Андреас Шидер, известувачот за Република Македонија, Илхам Кјучјук, како и со т.н. известувач во сенка, Тања Фајон.

На средбите беше нагласено дека во Европскиот парламент нема дилеми дека треба да се додели датум за почеток на преговорите и дека доколку одлуката зависеше само од Парламентот, Република Македонија оддамна ќе ги започнеше преговорите.

Европратениците истакнаа дека и во иднина ќе продолжи силната поддршка на Собранието на Република Македонија, а соработката во форма на Мешовитиот парламентарен комитет и Жан Моне Дијалогот ќе продолжат на редовна основа.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Дејвид Мекалистер, истакна дека за Европскиот парламент, Република Македонија останува приоритет, постои широка поддршка и покрај неправедната одлука од страна на Советот. Направената грешка не може да се коригира, но нема да се дозволи истата да се повтори во иднина.

Претседателот Џафери беше поканет да ја следи и дебатата во Европскиот парламент за резолуцијата за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија. Во резолуцијата поднесена од пратеници од шесте најголеми политички групи во Европскиот парламент се изразува длабоко разочарување поради неуспехот на Европскиот совет да донесе одлука за почеток на преговори за членство со Македонија поради, како што се наведува во текстот, блокадата на Франција, Данска и Холандија. Во резолуцијата меѓу другото, како одговор на блокадата на Европскиот совет, се повикува Европскиот парламент да свика регионален парламентарен дијалог со претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан со цел да се развие стратегија за улогата на парламентите во реформите од европската агенда и постигнување конкретни мерки за исполнување на европските аспирации на граѓаните во регионот.