Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинарите рече дека е можно одложување на изборите, сѐ додека тие не бидат распишани.

Тој, како што рече, планира да свика седница на 3 јануари за избор на нова техничка влада, но засега нема најава дали премиерот Зоран Заев ќе ја депонира својата оставка.

Тој додаде дека хипотетички постои можност премиерот да не даде оставка, а тоа значи дека нема да се бира ниту техничка влада. Но, како што објасни Џафери, доколку се избере техничка влада на 3 јануари, тогаш изборите треба да се одржат на 12 април.

-Не е можно да се одложат изборите откако ќе се формира техничката влада, затоа што таа влада според Пржинскиот договор е со краток мандат за да ги организира изборите, а не да се продолжува нејзиниот рок – рече претседателот на собранието.

Според агендата, сепак очекува оваа седница да се одржи на 3 јануари кога ќе се прогласи дека премиерот дал оставка и целата влада е во оставка и истиот ден да даде предлог за технички премиер, а опозицијата да даде имиња за технички министри за внатрешни работи и труд и социјала и тројца заменици министри, според договорот од Пржино.

Што се однесува до законите за кој премиерот Заев побара да бидат донесени итно, Џафери информираше дека власта и опозицијата се усогласени и дека овие 40 закони кои се од областа на финансиите, здравството и социјалата ќе бидат донесени по скратени процедури за да можат да важат од први јануари 2020 година.