Претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти дека синоќа го потпишал решението за распишување предвремени избори на 15 јули, по постогнатиот договор меѓу политичките партии.

– Со оглед на тоа што наметнатите, неприродни услови со Ковид-19, го одложија спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12 април 2020, известувам дека имаме нова ситуација. Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери во Република Северна Македонија постигнаа договор за закажување нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15 јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните.

Решението за изменување и дополнување на решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на 15 јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот – наведува Џафери.